„Не верувам во резултати преку ноќ!“
1. Koj e Африм Реџепи?
Роден во с.Слупчане, Куманово, основното и средното училиште ги завршив во родното место, додека моментално ги следам редовните студии по градежништво при Градежниот Факултет во Скопје. Од мали нозе се научив да бидам одговорен према поставените обврски, колку и да биле ситни. Пораснат сум во семејство во кое се ценети доблести како чесноста, искреноста и трудолубивоста, кои сé поретко се среќаваат овие денови.
2. Што значи за тебе да си еден од најдобрите студенти на твојот факултет?
За време на студирањето не е толку битно да си еден од најдобрите студенти, бидејќи тоа е нешто релативно, односно тоа е резултат на ефикасноста и ефективноста како во тек на семестарот така и за време на испитните сесии. Тоа е нешто што може да го постигне секој студент, ако има волја и поставена цел, но сепак најважната работа е да се абсорбира знаење колку што е можно повеќе, за понатамошно нејзино применување.
3. Што те разликува тебе од останатите студенти?
Во однос на одговорноста и посветеноста кон студирањето не се разликувам многу од останатите колеги, бидејќи сите имаме приближно иста цел, а за нејзина реализација потребно е континуирано вложење на труд.
Една од главните причини за моите успеси е несомнено мојата апсолутна посветеност кон студирањето низ овие четири години, при што многу од другите активности сум ги запоставил, секогаш кон една цел, да се професионално доградам .
4. Која е твојата лична визија?
Најважната работа на овој свет за мене претставува семејството, затоа и мојата лична визија е поврзана со тоа, односно се гледам себеси како семеен човек кој ќе даде голем придонес за семејството и генерално за општеството.
Верувам во искрен, реален и коректен пристап, посветена работа и континуиран раст преку личен развој, а не преку назадување на конкуренцијата. Не верувам во резултати преку ноќ, при што материјалните вредности ги посакувам, но примарно во функција на развој на телесното, ментално и духовно здравје, а секундарно за хедонизам и задоволства. Коректноста, искреноста и желбата за помагање на луѓето се нештата кои претставуваат моја животна водилка.
5. Наброи 3 работи кои ти останаа во сеќавање од посетената сертифицирана академија Transmet Academy и ќе ти помогнат во животот.
Морам да кажам дека се чувствувам привилегиран што бев еден од посетителите на академијата Transmet Academy, од која се здобив со навистина интересни и корисни знаења и вештини, кои што, за жал, не се добиваат на секое место или ако може да се каже-на ниедно друго место, а кои се доста потребни и барани од работодавачите во 21-от век. Сметам дека сите работи кои ги научив таму ќе ми останат во сеќавање, но би спомнал три од нив кои оставија траги во мојот живот : 1) “Техника на 6 капи”- која претставува повеќе од корисна алатка за првична проценка на атрактивноста на некоја бизнис или било каква идеја; 2)“Brainstorming и Brainwriting” техники кои се засноваат на идејата дека : “Најдобар начин да дојдете до добра идеја, е да имате многу идеи”; 3) Техниките “Прекрши ги правилата” и “Латерално размислување”. Друга важна работа која би сакал да ја потенцирам е убавото време поминато во текот на академијата за кое се заслужни како обучувачите така и соучесниците, кои беа од различни факултети и едни од најдобрите студенти на соодветните факултети.
6. Во наредните 5 години, планираш да останеш во Македонија или да заминеш од државата?
Долго време сум размислувал во оваа насока, и секогаш мислите ме воделе кон опцијата да ја напуштам Македонија, и да заминам надвор од државата. Но, во последно време, после анализирање на советите на некои професори а и после завршувањето на академијата “Transmet Academy”, размислувам професионално да се усовршувам во мојата земја, односно “да играм на долги стази”.
Тоа значи дека во наредните 5 години се гледам себеси како ангажиран инженер во градежните активности на некоја од фирмите кои се изведувачи на проекти со огромно значење за државата.
Comments are closed.