Времето е најскапоцениот ресурс, кој во услови на динамично опкружување во кое денес живееме треба рационално, квалитетно и ефикасно да се искористи
1. Што би кажал Небојша Јовановски за себе? Кој е Небојша?
Jaс сум личност која уште од рана возраст ги има стекнато работните навики и ја има почувствувано тежината на животот. Предизвиците и тешкотиите кои постојано се појавуваа во мојот развој придонесоа многу млад да започнам зрело да размислувм, да зацртам јасна цел и визија во мојот живот. Благодарение на оптимизмот, упорноста и посветеноста со која максимално се вложувам во било која работа сметам дека се оформив во висококвалитетна, работоспособна и социјално-адаптабилна личност која може да одговори на сите предизвици што ги носи животот. Натпреварувачкиот дух, желбата за успех, темпераментноста, искреноста и доблеста се моите ѕвезди водилки кон патот за остварување на зацртаната визија и цел. Тие придонесоа за постигнување успеси на секое поле во животот, добивање повеќе академски признанија, афирмација од опкружувањето и себе-издржување во текот на студирањето, со оглед на фактот што моите се невработени, без приходи и приматели на социјална помош.
2. Кои академски и професионални ангажмани ги имаш во моментот?
Како магистер инженер архитект (Master of architecture) кој успешно ги заврши Интегрираните петгодишни студии од прв и втор циклус на Архитектонскиот Факултет во Скопје, во моментот сум вработен во градежната компанија Адора Инженеринг ДООЕЛ-Скопје како проектант, но и дел од проектанското биро и градежната оператива. Исто така, во учебната 2015/16 избран сум и како надворешен соработник на Архитектонскиот Факултет во Скопје на Институтот по високоградба. Дополнително, предвремената одбрана на магистерскиот труд ми овозможи и аплицирање на Школата за Докторски студии на УКИМ, односно на Градежниот Факулет во Скопје.
При тоа, посебно би сакал да го истакнам задоволството од мојот работен ангажман во градежната компанија Адора Инженеринг, која е лидер во високоградбата во Р.Македонија благодарејќи пред сѐ на висококвалитетниот, професионален и стручен кадар кој е подготвен да одговори на сите задачи и предизвици. Пријатната работна средина и секојдневната комуникација со стручни кадри од разни области и сектори се дополнителен мотив за мене максимално да се посветам кон извршување на моите работни задачи. Исклучително динамичното темпо на работа, предводено од генералниот директор проф. д-р Ванчо Чифлиганец, според мене е неопходно за постигнување на успех, квалитет, примена на европските стандарди и успешно опстојување и раст во градежниот сектор.
3. Како успеваш да стигнеш со сите тие ангажмани и активности што ги наведе?
Одржувањето на такво динамично темпо се должи на истрајноста и желбата за работа која што е составен дел од мојот карактер. Балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот е еден од клучните аспекти за успешноста во сите ангажмани и активности, каде приоритет се секако професионалните обврски. Реализацијата на сите преземени ангажмани не се должи само на моите способности, туку и на луѓето кои што ме почитуваат и ме поддржуваат во тоа.
Во тој контекст посебно би сакал да му се заблагодарам на генералниот директор на Адора Инженеринг, проф. д-р Ванчо Чифлиганец поради шансата која ми ја даде и неговата беспрекорна и безрезервна поддршка. Тој е мој личен ментор, идол и човек од кого може многу да се научи, бидејќи е вистински менаџер на човечки ресурси, која има сенс да препознае квалитетни кадри, на истите да им даде шанса и да ги стимулира за нивен личен раст и развој, со што крајно и фирмата има бенефит. Токму поради тоа, како и дополнително мотивиран од неговата животна приказна, преточена во монографијата ‘’60 ГОДИНИ ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ’’ јас сум спремен да вложам 110% во извршувањето на работните задачи, со што преку практична примена на теоретските знаења постојано учам и се усовршувам.
4. Што треба да поседува еден студент за да биде успешен како тебе?
За да биде еден студент успешен треба да поседува силна волја за работа, самодисциплина, редовност и континуираност во студирањето. Амбициозноста, креативноста и посветеноста се клучните карактеристики со кои може да се издвоите од останатите, што драстично ви ги зголемува можностите за вработување. Притоа, ЕКТС системот на студии нуди доста придобивки во однос на стекнување теоретски знаења, но има и одредени аномалии во делот на можностите за нивна практична имплементација, па затоа студентите во текот на студирањето треба максимално да ги искористат сите можности кои им се нудат за практична работа.
Или, според мене поседувањето на талент не е клучно во овој систем на студии, туку континуираната работа. Затоа студентите коишто немаат висок успех, туку се некаде на средината можат максимално да ги искористат придобивките од веќе имплементираниот ЕКТС систем на студии, односно да завршат студии еден семестар порано. Во тој контекст би сакал да нагласам дека остварувањето на висок успех (просек) не треба да биде цел сама за себе, туку резултат и плод на целокупната работа на студентот кој што ја покажал во текот на еден семестар. Притоа, само доколку студирањето, односно избраната професија ја сакаме, и со љубов и волја се вложуваме во неа, можеме да очекуваме дека по завршувањето на студиите може да навлеземе во комплексноста на својата професија.
5. Што би променил кај тебе?
Дискутабилно прашање за мене кое ме води кон таква насока да се спознаам себеси, преку поглед наназад за да можам да согледам дали треба нешто кај себе да променам. Тоа што сум премногу искрена, хумана и човечна личност е позитивна карактеристика, што резултирала со одвојување и посветување на моето време на личности кои имале потреба од помош во текот на студирањето. Во повеќето случаи мојата помош била злоупотребена, а времето кое сум го потрошил како ресурс неповратно. Од тоа сум научил дека колегијалност во текот на студирањето не постои, или дека секој гледа да си ја заврши само својата работа, така што од 120 колеги, лично не сум сигурен дали имам двајца искрени пријатели. Така што, тоа што треба да се потрудам да го променам е правилното расудување и проценување на личностите, односно одлучување дали и за кого ќе издвојам дел од моето скапоцено време. Времето е најскапоцениот ресурс, кој во услови на динамично опкружување во кое денес живееме треба рационално, квалитетно и ефикасно да се искористи.
6. Што значи за тебе вмрежувањето што ти го овозможи НАПАГ? Колку е тоа значајно за амбициозни млади луѓе како тебе?
На почетокот имав наивен и несериозен став кон НАПАГ, бидејќи таа претставува прва организација од таков тип во Македонија и нормално е да бидеме скептични кон нешто што е ново. Но, по извесен период станав свесен дека НАПАГ го нуди токму тоа што недостасува во високообразовниот систем на студии во Р.Македонија. Тоа е така бидејќи таа претставува организација која овозможува вмрежување на студентите и можност за нивно претставување пред компаниите како нивни потенцијални работодавачи. Сметам дека препораката на база на својот сопствен успех и шансата за директен контакт со работодавачите, што голем број на студенти ја немале за време на студиите, е извонредна можност која ја нуди НАПАГ и истата не смее да се пропушти, а уште помалку да се потцени.
Во тој контекст, врз основа на остварениот висок успех во текот на студирањето добив стипендија за посета на тримесечната сертифицирана Академија (Adora Inzenering Academy) од ФОНДАЦИЈАТА ПРОФ.Д-Р ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ. Во текот на обуките се здобив со такви практични вештини кои во високообразовниот систем не можат да се стекнат (креативни, иновативни, продажни вештини и сл.), а дел од нив се неопходни и многу корисни за успешно претставување пред менаџментот и сопствениците на компаниите каде сакаме да се вработиме. Според мене, секој студент кој е успешен во студирањето треба да ги поседува овие вештини бидејќи тие се клучни, особено пред завршувањето на студиите и наоѓањето на посакуваното работно место. Благодарение на бенефитите од учеството на Академијата, при посетата на компанијата и средбата со проф. д-р Ванчо Чифлиганец успеав да се претставам на таков начин што оставив позитивен впечаток, воспоставив првичен контакт и добив зелено светло за практикантска работа, која што подоцна резултираше и со вработување.
7. Што лично би им порачал на студентите?
Секој студент е создавач на својата судбина и лично тој е најзаслужен за крајниот резултат од образовниот процес, формирањето на својата приказна и превземањето на сопствени активности кои ќе го продолжат образовниот процес низ практична работа. Не треба да бидеме песимисти во поглед на применувањето на ЕКТС системот, масовната продукција на дипломирани студенти и магистри на науки, големата конкуренција во некои области, како на пример во економијата и правото. Секој студент е приказна за себе и може, доколку има волја, желба и љубов кон работата да застане на вистинскиот пат и да го добие посакуваното вработување. Свесен сум дека поголемиот број од студентите размислуваат за напуштање на Македонија во потрага кон подобри услови за работа и живот, но лично сметам дека на тој начин не се решава, туку само се избегнува суштината на проблемот со кој се соочуват сите студенти после завршувањето на студиите. Сепак, и во нашата земја постојат компании кои го валоризираат и ценат трудот, но тие треба да бидат препознаени од студентите. При тоа, доколку сте успешни во Македонија, не се сомневам дека ќе бидете успешни и надвор од неа, но треба да се знае дека каде и да одиме, клучен предуслов за успех е работа, работа и само работа, што претставува мото и на проф. Д-р Ванчо Чифлиганец, како и работа, посветеност и упорност, кое е мое лично мото. Само на тој начин може да бидеме и материјално, но и духовно исполнети со тоа што го работиме и да си ги оствариме зацртаните цели и соништа во нашиот живот.
Comments are closed.