„Не успеал само оној што се откажал“
1. Каков е патот на Office Plus, до градење на препознатлив бренд каков што е денес?
Имиџот на брендот Office Plus започнува да се гради уште од моментот на основањето на фирмата во 1996 година, при што 2006 година би ја издвоила како година во која се направи клучниот исчекор во насока на ребрендирање на компанијата каква што денес е препознатлива на македонскиот пазар, или водечка компанија за продажба и дистрибуција на канцелариски материјали, ИТ, канцелариски мебел, промоција, патни торби и училишна опрема. Ова е всушност и периодот во кој се преселивме во сегашната зграда, каде покрај канцеларискиот дел располагаме и со магацински простор од 3500 м2, а во целиот изминат период успеавме да изградиме и сопствена мрежа од шеснаесет продажни салони во Скопје (од кои два се Тобако) и во неколку поголеми градови во државата. Дополнително, направивме и проширување на бизнисот во нова дејност, со отворањето на ресторан на Кејот на Вардар.
2. Кои се клучните предизвици за успешно управување со семеен бизнис?
Со оглед на фактот што моите почетоци во Office Plus се поврзани со периодот на изразита експанзија на бизнисот, уште од старт се соочив со голем број предизвици кои се однесуваа на успешно менаџирање со растот, кој покрај многуте можности, носи и бројни закани. Имено, растот значи зголемена продажба и приходи, но истовремено значи и зголемен број вработени кои на дневна основа треба да се управуваат и мотивираат за навремена, брза и ефикасна дистрибуција на нашите производи до продажните места и до сите приватни и јавни институции кои се наши клиенти, без при тоа да се намали квалитетот на услугата која им се обезбедува на крајните корисници. Во таа насока, мојот основен вредносен систем кој успеав да го наметнам да стане и дел од организациската култура на компанијата гласи – “сервисот го продава производот, а главна цел на продажбата не треба да претставува само правењето профит, туку и креирање задоволни клиенти”.
Како дополнителен предизвик во управувањето со семеен бизнис во кој работиме заедно со својот сопруг и децата, ќе го издвојам постојаното балансирање помеѓу двете различни улоги во кои секојдневно се наоѓаме (фамилијарната наспроти улогата во бизнисот), што особено добива на значење во фирма во која и значителен дел од вработените (околу триесетина) покрај тоа што се колеги на работа имаат и некаква семејна релација. Имајќи го ова во вид, низ процесот на ребрендирање се профилиравме и како општествено одговорна компанија која води голема грижа и за задоволството на вработените, што го сфативме не само формално во функција на градење позитивен имиџ, туку како клучна и суштинска обврска. Имено, јас како социолог по професија го застапувам ставот дека покрај семејството, како многу важна инстутиција во современите општествени уредувања се издвојуваат и компаниите во кои луѓето се вработени, каде тие поминуваат голем дел од своето време. Или, уште од првите моменти на извршување на менаџерската позиција за управување со човечките ресурси во Office Plus, се залагав за градење релации со вработените исто како што ги развивам односите и со моите деца, така што многу често знам да кажам дека семејството брои пет деца, а на работа уште сто и педесет.
3. Кој е најголем успех во досегашното работење на кој сте посебно горди? Во кој правец планирате да се развива Office Plus во наредниот период?
Како најголемо постигнување во изминатиот период е тоа што пребродивме повеќе тешки моменти и успеавме да се ребрендираме и да се “одржиме над водата”, функционирајќи во услови на сложено опкружување, или во држава која сеуште се бори со “детските болести” на патот кон современа пазарна економија, по примерот на развиените земји.
Според мое лично мислење, процентот на искористеност на ресурсните капацитети со кои располага Office Plus во моментот е многу мал и истиот изнесува само околу 10%, така што компанијата има огромен простор за напредок во наредниот период. Во таа насока, посебен предизвик за сите нас во фирмата е зајакнување на водечката позиција на пазарот во Република Македонија, но и регионално проширување на бизнисот и завземање на лидерското место и во државите кои произлегоа од бившите ју-републики. Се разбира, визијата и плановите за идниот раст и развој на Office Plus во голема мера произлегуваат и од самите клиенти и наши деловни соработници, бидејќи како што споменав и претходно, ние се раководиме од принципот според кој единствен услов за здрав и одржлив раст е зголемување на профитот, но само преку постојано подобрување и на сервисот спрема крајните корисници и зголемување на степенот на нивно задоволство.
4. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто?
Како најважна работа за успех и долгорочен раст и развој на бизнисот дефинитивно би ја издвоила мотивацијата на вработените. При тоа, иако е важна, не секогаш платата е единствен мотивирачки фактор. Како други и многу значајни фактори на кои ние исто така им посветуваме големо внимание ќе ги посочам и обезбедувањето пријатна работна атмосфера, помошта која им ја даваме на вработените кога тие ќе се најдат во тешки животни ситуации и сл. Големо внимание посветуваме и на оганизирање настани за дружење и релаксација на вработените, на кои меѓу другото се развива и тимскиот дух и чувството на припадност кон фирмата како кон поголема семејна заедница.
Се разбира, како и за сѐ останато во животот кога имате работа со многу луѓе со разни карактери, така и во менаџирањето со развојот на човечките ресурси, во неколку случаи ми се потврди добро познатото правило кое гласи дека -“не можеш секогаш на сите да им погодиш”. Или со други зборови, секогаш и секаде имате вработени кои ќе пружаат отпор и кон најдобронамерните иницијативи, со коментари од типот – “подобро ќе беше парите за патувања и прослави да ни беа дадени лично како бонус, па ние самите ќе си ги потрошевме и сл.”. За наша среќа, во Office Plus ова се изолирани случаи кои се во незначителен број, а ние како менаџерски тим сме упорни и истрајни во креирањето тимска култура и организациски вредности во кои искрено веруваме, независно од овие пречки на кои наидуваме во дадени моменти.
Што се однесува до факторите за личен успех во животот, јас на прво место би ја издвоила упорноста. Или, според мене, не успеал само оној што се откажал. Втората, исто така многу важна работа, која можеби е позначајна и од упорноста, се однесува на избегнување на “концептот на жртва” според кој секогаш постои некој друг кој е виновен за личните неуспеси, нереализирани потенцијали, соништа и сл. На пример, јас секогаш се спротиставувам на тезите кои се форсираат од страна на некои претприемачи, кои постојано се жалат на условите во опкружувањето, во државата и сл., при што бараат најразлични оправдувања за неисполнување на зацртаните цели. Во тој контест, често знам да ја споделам и една од најчесто цитираните изјави на Кенеди „не се прашувај што може државата да направи за тебе, туку што можеш ти да направиш за неа“.
И да заклучам. Успехот зависи исклучиво од нас самите. Треба што поскоро да заборавиме на традиционалните догми кои владеат на овие простори чија основна девиза гласи – “Калимеро нема правда”. Доколку не се бараат изговори, со многу работа, трудољубивост и верба во сопствените квалитети, секој млад човек може максимално да го искористи својот талент и да успее во било која област за која ќе се одлучи да ја работи.
5. Колку се важни креативноста и иновативноста на вработените за успех во бизнисот?
Пред да одговорам на ова прашање, ќе кажама збор-два за системот на високо образование во Република Македонија кој факт е дека не произведува кадри со практични вештини. Или, наместо да создава креативни и високомотивирани луѓе со големо ниво на самодоверба и желба за самодокажување во реалниот сектор, образовниот систем како да ги унифицира сите млади во еден калап, според кој сеуште единствено нешто што е важно е да се заврши факултетот, па потоа по автоматизам да се запишат постдипломски студии, а сѐ останато потоа самото ќе си дојде. Значи, сѐ повеќе имаме кадри со дипломи, но без вистински квалификации, и речиси без елементарно ниво на претприемачка култура. Па така, во нашата компанија постојат и апсурдни ситуации според кои високо-образовани кадри работат во магацин, а вработен кој е со средно образование, благодарејќи на вештините стекнати низ неформалното образование и практичната работа, но и голема само-мотивираност, е директор на комерција.
Во насока на тоа колку се важни креативните, иновативните и интрапретприемачките вештини на вработените, би сакала да потенцирам дека секогаш кога ќе се вработат нови лица во нашата фирма, прво што им кажувам е дека треба да бидат посветени на работата, но пред сѐ да бидат само-иницијативни (креативни) и да биде упорни. Или, им нагласувам да не чекаат некој друг да им кажува што треба да се направи и да не мислат дека тоа што ќе го сработат е доволно. Или, секогаш е добро да се поседуваат разни вештини од повеќе области, посебно кога се работи со луѓе.
Во таа насока, направивме еден експеримент кој често го комуницирам во разни прилики. Имено, имавме реална потреба за деловна секретарка, а објавивме оглас за преведувач од албански јазик. Дури, откако вработивме една девојка и соопштивме дека покрај преведувањето ќе треба да биде и офис-менаџер, по што имаше реакција и отпор од нејзина страна, со класично образложение дека таа учела за да биде преведувач и само тоа треба да го работи. Сепак, откако и објаснив дека практичното искуство кое ќе го стене на оваа позиција ќе претставува всушност уште еден завршен факултет се согласи да остане и веќе е петта година кај нас, постојано поставувајќи си нови лични цели и предизвици, кои дефинитивно ја изградија како еден од најпосветените, најкреативни и најпродуктивни работници.
6. Која е Вашата лична порака до младите луѓе?
Според мене, треба сите ние да направиме сериозни исчекори во насока на напуштање на комплексот на пониска вредност, кој ни беше наметнат уште во времето на социјализмот и среќна сум што во тој контекст има позитивни придвижувања. Секако дека мора да бидеме реални и да не очекуваме огромни резултати на краток рок, бидејќи ниту најразвиените земји како Америка, Англија и други, не стигнале до ова ниво на развој “преку ноќ”.
При тоа, треба да ви биде јасно дека проблеми има во Македонија, но има и насекаде во светот. Или, далеку од вистините и реални се тезите дека таму некаде на друго место, сѐ е идеално и розово. Сум била и сум живеела и работела извесен период во странство и лично сум се уверила во ова што го кажувам, при што дополнителен проблем ми била и носталгијата, како и чувството на странец кое е присутно и ве следи на секој чекор.
Јас лично верувам дека доколку секој млад човек и тука работи како што би работел во странство, ќе постигне и во Македонија добри резултати, па дури можеби и подобри доколку се земе сѐ во вид (пр: трошоци на живеење, квалитет на живот, близина до семејството и сл.). Треба само да се смениме малку, повеќе да веруваме во нашите вредности и потенцијали, да бидеме повеќе самобендисани, повеќе вредни и работливи и секако упорни. Или, добро е да се престојува надвор извесно време во насока на стекнување работно и животно искуство, заради образование и слично, но сериозно треба да се размисли пред да се донесе одлука за трајно иселување. Впрочем, и голем број странци што дошле тука, сакаат да останат подолго време.
ЗА ОФИС ПЛУС
Офис Плус е водечка компанија во Македонија за продажба и дистрибуција на канцелариски материјали, ИТ, канцелариски мебел, промоција, патни торби и училишна опрема. Компанијата работи на сите канали на дистрибуција: трговија на големо и мало, продажба по каталог и работи на решение за продажба преку веб шоп.
ОФИС ПЛУС е сопственик на брендот "Офис плус", под кое име се објавуваат каталози и веб-страница.
Мисијата на Офис Плус е да ги задоволи сите потреби за деловно работење на клиентите, лесно и навремено. Визијата на Офис Плус е да стане препознатлив знак за квалитет на целата територија на РМ преку успешно поставување на комплетна продажна мрежа во целата држава.
Comments are closed.