„Поседувањето јасна визија, но и упорноста во насока на нејзина реализација се клучни фактори за успех“
1.Кога и како се случија почетоците на вашиот семеен бизнис?
Распадот на бившата СФРЈ (Сојузна Федеративна Република Југославија), значеше и крај на едно од најпозитивните животни искуства кое го стекнав за време на мојот ангажман во дипломатијата во тогашното МНР во Белград, по што бев доведен во ситуација да одлучам дали да останам со семејството да живеам таму, или да се вратам дома. Јас решив да се вратиме во Прилеп и со оглед на стекнатото економско образование, но и искуствата кои ги црпев од поранешните општествени фирми имав голема желба да започнам сопствен бизнис, што и се случи во 1999 година кога ја формиравме компанијата, стартувајќи со производство на детска облека со партнерска фирма од Германија.
2. Како се роди идејата за лансирање на брендот Tilla? Кои беа најтешките предизвици со коишто се имате соочено во изминатиот период?
Со првиот германски партнер успешно работевме цели десет години, или се до започнувањето на финансиската криза, која беше клучната причина тој да банкротира. Веднаш потоа успеавме да најдеме нов партнер, но за наша несреќа, за брзо време (во 2010 година) и тој доживеа банкрот, што за нас како фамилија значеше и втора голема катастрофа која ни се случи во многу краток временски период. Имено, со оглед на фактот што нашата фирма е семејна, во тие моменти беше доведена во прашање егзистенцијата на целата фамилија, или и на мојата сопруга, двете ќерки и зетот, коишто бевме директно засегнати од овие непредвидени настани. Всушност, ова беше и еден од најтешките периоди низ кои поминавме, кога требаше да се донесат важни одлуки за нашата заедничка иднина. За среќа, кај сите нас преовладеа разумот, но и оптимизмот, упорноста, идејата и јасната визија дека треба сами да се бориме и да продолжиме со работа, а не да се жалиме и да чекаме некој друг да ги решава нашите проблеми.
Па така, имајќи го во вид богатото искуство со производство на детска конфекција, квалитетните работници кои успеавме да ги задржиме, како и позитивните сигнали добиени со испитување на потенцијалните клиенти, согледавме дека на пазарот во Република Македонија има шанси да се развие македонски бренд за детска облека, по што донесовме одлука да продолжиме со работа во оваа дејност, но со производство на сопствен и брендиран производ. Тоа беа и моментите на раѓање на детскиот моден бренд „Tilla“, со чија помош, за многу брзо време ја ребрендиравме фирмата (без при тоа во ниту еден момент да не застане со работа), по што со задоволство можам да констатирам дека за само пет години успеавме да станеме препознатливи на пазарот на детска облека во Република Македонија, на што сум особено горд. Нешто што дополнително ме прави среќен е и покажаната зрелост, но и високото ниво на оптимизам и самодоверба кои во тие кризни моменти постоеа кај помладите членови во мојата фамилија, што беше клучната причина за тие, и покрај тоа што беа високо образовани личности и можеа да го одберат полесниот пат и да ја напуштат државата, да останат тука и со моја поддршка успешно да го продолжиме семејниот бизнис.
3. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто?
Како што впрочем споменав и претходно, два фактори според мене се најважни за да се постигне успех, а тоа се: поседувањето јасна визија, но и упорноста во насока на нејзина реализација. Во тој контекст би сакал да споделам со студентите две мисли кои се и моја животна водилка. Првата ја има кажано Колин Пауел и гласи: „Не постои тајна на успехот. Тој е резултат на добра подготовка, макотрпна работа и постојано учење од грешките“. Втората ја прочитав недамна и ја има кажано Владимир Глигоров според кој: „Човекот мора да пронајде некое важно прашање на кое сеуште не е одговорено“. Тоа значи дека секој млад човек треба сам да се пронајде и да си даде одговор на прашањето: „Кај е, и за каде е?“, а не да чека некој друг да му ги решава неговите животни проблеми. Или, и покрај тоа што еден дел од можностите за успех се креирани од општеството во кое живееш, сепак, најголемиот дел од шансите секој поединец си ги создава самиот, при што клучно е дека мора да се размислува во насока на понуда на добар проект, со нова и иновативна идеја.
4. Какво е значењето на креативноста и иновативноста на вработените за успех во бизнисот?
Креативноста и иновативноста на вработените се клучни за успех во бизнисот со модна конфекција, бидејќи пазарот постојано бара новитети и ние за да бидеме атрактивни, мора континуирано да ги следиме новите трендови. За соодветно да одговориме на нив, секоја нова колекција се состои од најмалку 90% нови производи. Инаку, за дизајнот на облеката се задолжени моите две ќерки Ивана и Наташа, при што имаме вработено и уште еден дизајнер кој успева да ги реализира нивните замисли. Ќерките ги гледам и како мои наследници, бидејќи ја сакаат работата, но и долго време се присутни во овој бизнис и имаат богато практично искуство, вклучително и во соработката со странски партнери.
5. Во кој правец планирате да се развивате во наредниот период?
Во моментот работиме само за Македонија и имаме ексклузивни застапници во 30-тина градови, но со оглед на фактот што просторот во кој се наоѓаме сега ни е тесен, започнавме со изградба на нова фабрика, во која се надевам дека ќе се преселиме веќе наредната година. Објектот ќе се простира на површина од 1200 метри квадратни и во него се планира да работат 100 вработени. При тоа, многу е важно да напоменам дека работиме по ист принцип и според европски стандарди исто како што работевме и со странските партнери, што придонесе да го задржиме во целост квалитетот на нашите производи, иако тие се наменети за македонскиот пазар. Од овие принципи нема да отстапиме ниту во периодот кој следува.
Инаку, имајќи во вид дека во изминатите 20 години нема некои поголеми поместувања во нашата индустрија, лично не очекувам некои позначителни случувања и во следните 5 години. Можеби ќе има некое мало преструктурирање во насока на производство на производи со поголема додадена вредност, или како во нашиот случај со изградба на сопствен бренд, но таа трансформација ќе оди потешко и побавно, бидејќи бара голема сопствена инвестиција и решителна одлука на работодавецот.
6. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
На сите студенти, а особено на Вас најуспешните кои сте и членови на НАПАГ, би Ви порачал да не го барате како излезно решение само напуштањето на државата, или во најмала рака добро размислете пред да ја донесете конечната одлука. Имено, предноста на Република Македонија е тоа што има непополнет вакуум од голем број бизнис – можности, така што независно од тоа дали ќе решите да се занимавате со наука или со нешто друго, претходно направите добра анализа на македонската економија и новите трендови, по што ќе си ја креирате личната визија и ќе се обидете да си ги остварите вашите животни проекти тука. Нашата култура и менталитет се различни од западните, така што повеќето македонци коишто заминале, потоа размислуваат да се вратат назад.
ЗА ХАТРА
„Хатра“ е семејна компанија која постои 22 години од кои 15 се занимава со конфекциско производство. Она по што е позната е производството на брендот за детска облека "Tilla Stylish kids wear". Брендот Тила е наменет за дечиња од 6 месеци до 2 години и има за цел да создаде уникатно парче облека изработено по Европски стандарди, а кое ќе биде достапно за секој граѓанин во Република Македонија. Моментално продажната мрежа ја опфаќа цела Македонија, а од неодомна производите на Тила можат да се купат и по пат на електронска продажба преку сопствената веб страна. Годишно Тила изработува шест колекции кои се проследени со фотосесии, имиџ каталози и модни ревии со помош на мали манекенчиња кои најдобро го претставуваат брендот. Во блиска иднина се очекува производите од брендот Тила да бидат достапни и надвор од границите на Република Македонија.
Comments are closed.