„Многу е подобро кога си креативен на сопствениот јазик“
Во склоп на проектот „Најуспешните студенти учат од најуспешните претрприемачи“ кој има за цел да ги претстави успешните претриемачки приказни во Република Македонија, НАПАГ го претставува интервјуто со сопственичката на компанијата Комфи Ангел, новиот партнер на асоцијацијата.
1. Кога се случија почетоците на вашиот бизнис?
Иницијативата за формирањето на компанијата дојде од страна на нашите партнери од Англија кои имаа намера да ги искористат поволностите на македонското стопанство и да отпочнат со производство на производи кои што би биле покункурентни на нивниот домашен пазар. Точно пред 10 години, после една година скенирање на условите за инвестирање во Македонија, со заеднички капитал, мој и на партнерите од Англија, ја формиравме компанијата и сме горди на тоа.
2. Кои се најтешките предизвици со кои се имате соочено како бизнисвуман?
За мене најголем предизвик претставуваше и сеуште претставува менталниот склоп на населението. За истиот да се совлада потребни се постојани напори на луѓето кои се визионери, во насока на надоградување на свеста и континуирана едукација на луѓето во Македонија за значењето на професионалноста и етичноста во водењето на бизнисот и извршувањето на секојдневните работни обврски. Имено, секој треба да научи дека е поминато времето на импровизации, признавање неквалитет во работењето, непочитување на договорените рокови за испорака и сл., а особено ова треба да го разберат оние кои што се вклучени во процесот на производство, но и добавувачите кои што се многу битни соработници на секоја компанија. Еве, ние на пример, во моментов соработуваме со над 400 правни субјекти при што секогаш се трудиме да ги исполниме превземените обврски, почитувајќи ги при тоа законските регулативи, но и непишаните етични и морални принципи во водењето бизнис.
3. Што би издвоиле како најголем ваш досегашен успех на кои сте посебно горди?
Најголем успех со кои посебно се гордеам е превземениот ризик за отпочнување сопствено производство, со сопствен производ и пазари, и остварување на целосната независност што на еден начин беше наше влегување во „полнолетство“.
4. Според ваше мислење, кои се неколку клучни фактори за започнување и успешно водење бизнис?
Клучно е да веруваш во самиот себе, но и да имаш доверба во способноста на другите луѓе, да поседуваш желба за континуирано едуцирање, да издржиш во тешки ситуации, а подеднакво важно е и да си скромен и пред се реален, но и да не покажуваш склоности кон себичност и алчност.
5. Колку е важна креативноста и иновативноста за успех?
Креативноста и иновативноста се најважни, но мора да бидат проследени со останатите карактеристики кои претходно ги споменав поради тоа што се е интегрирано. Во една институција креативците мора да бидат интегрирани со оперативците и да се надополнуваат поради тоа што развојот зависи од сите. Во нашата компанија имаме многу сонувачи, а јас сум еден пример за тоа. Сонувачите имаат многу слобода во нашата компанија од причина што тоа е неопходно за нивната продуктувност. Јас, покрај тоа што сум основач, управител и лице за ПР во фирмата, исто така сум одговорна и за човечките ресурси и моја обврска е да проценувам кое работно место е најдобро за секој од вработените.
6. Која е вашата визија за иднината? Како ќе се развива компанијата, и што треба да се случува во Македонија.
Комфи Ангел во иднина ќе биде препознатлива по производство на производи со зголемена додадена вредност, што значи дека сите ние ќе се трудиме да бидеме што е можно поиновативни, да произведуваме нови типови производи заради тоа што неопходно е да бидеш различен на пазарот. При тоа, би нагласила дека пристапот до базата (суровината) потребна за производство е основен предуслов за идниот развој на нашата компанија. Според мене, во иднина сите компании треба да бидат препознатливи по сопственото производство и да градат сопствени брендови. Секако, тоа треба да биде базирано на реална основа во рамките на човечките и природните ресурси со кои располагаме.
7. Ваша лична директна порака до најуспешните македонски студенти?
Сметам дека Македонија има големи потенцијали бидејќи во странство има доста конкуренција, местото за лидери на пазарот е пополнето, а исто така и останатите потенцијали се во голема мера исполнети. Нашето тло е гладно за креативци и нови размислувања. Вистинските потенцијали се тука, вреди да се обидете, но притоа треба да бидете свесни дека парите се нешто што не доаѓа преку ноќ, но сигурно ќе дојдат како резултат на вистински и реални вредности. Тргнувајќи од мојот пример каде јас имам живеено во странство скоро десет години, сметам дека треба да се остане во Македонија и не препорачувам трајно одење во странство, освен во случај кога целта е привремено стекнување искуство. Во Македонија има огромни развојни потенцијали, само неопходно е превземање ризик, при што дефинитивно – многу е подобро кога си креативен на сопствениот јазик.
ЗА КОМФИ АНГЕЛ
Компанијата Комфи Ангел е специјализирана за производсво на постелнина во различни дезени и од различни материјали.
Исто така има производство и посебни производи како што се водо-отпорни, анти-алергиски и огно-отпорни производи.
Во палетата на производи компанијата нуди и перници, јоргани, прекривачи, заштитници за јоги, вреќи за спиење, завеси итн.
Најголем дел од производите се по европски димензии но можат да се адаптираат спрема барањата на купувачот.
Фабриката се наоѓа на простор од околу 20 000 m2, со околу 900 вработени и производствен капацитет од околу 250 000 единици неделно.
97% од производството е за извоз во повеке европски земји и Велика Британија со тендеција за освојување на нови пазари.
Останатите 3% се за домашен пазар.
Comments are closed.