„Кај и да одиш, секогаш дома си е дома“
Во склоп на проектот „Најуспешните студенти учат од најуспешните претрприемачи“ кој има за цел да ги претстави успешните претриемачки приказни во Република Македонија, НАПАГ го претставува интервјуто со генералниот извршен директор на компанијата Свислион, новиот партнер на асоцијацијата.
1.Каков беше патот на Фросина Мешкова до највисоката менаџерска позиција во една голема компанија како Свислион?
По завршувањето на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, како еден од најдобрите студенти во генерацијата започнав да работам на факултет како демонстратор, но само после неколку месеци добив понуда од Свислион, што со оглед на дејноста на компанијата (производство на кондиторски производи) и мојот личен карактер и абмиции, без многу размислување ја прифатив. Имено, практичната примена на стекнатите теоретски знаења за мене беше голем предизвик, при што имав среќа непосредно по влезот во фирмата (некаде во 2005 година), од позиција на технолог задолжен за контрола на квалитет, во периодот кога во Република Македонија речиси никој не зборуваше за стандардите за квалитет на храна, јас да бидам дел од тимот на Свислион кои го започна процесот на воведување ХАСАП (HACCP) стандардот.
Ова беше многу значајно за мене и старт кој само може да се посака, бидејќи на тој начин добив шанса да се запознаам со целокупниот производствен процес во компанијата, од влез на суровина до излез на готов производ, што ми овозможи јасно да ги идентификувам сите процедури на кои сметав дека им е потребна промена. Посебен предизвик кој дополнително ми ја зголеми самодовербата беше и имплементацијата на организациските промени во насока на ефективна имплементација на ХАСАП-от, што претставуваше мој придонес во создавањето услови за воведување и на стандардот ISO:22000 во Свислион, како прва македонска компанија која на почетокот на 2006 година го доби овој многу значаен сертификат за управување со безбедност на храната.
После една година помината во фирмата, откако имав среќа за релативно брзо време да поминам низ сите фази на производниот процес, сфатив дека во бизнисот не се важни само стручните знаења за тоа како да се произведе производот, туку дека подеднакво важни се и останатите бизнис-процеси поврзани со маркетингот, управувањето со финансиите, човечките ресури, стратегиското бизнис-планирање и сл., кои мене како технолог, во тој момент ми недостасуваа. Имајќи го ова во вид, започнав да размислувам за продолжување на постдипломски студии во областа на бизнис-администрацијата (MBA), при што откако успеав да добијам стипендија од Титан –цементарница Усје, по долго и сериозно размислување ја донесов една од најважните стратегиски одлуки во мојот живот. Имено, одлучив да ја ставам работата на “stand by”, и да го прифатам предизвикот за престој и школување во Атина, на приватниот универзитет ALBA како водечка бизнис – школа во Грција. Студирањето на овој престижен универзитет, ми отвори нови димензии и погледи за бизнисот и животот воопшто, бидејќи покрај обемните теоретски бизнис-знаења со кои се стекнав, имав можност да учествувам во реализацијата и на два практични меѓународни проекти за реални компании, за чија успешна имплементација извесен период престојував и во Јужна Африка.
По моето враќање од Атина, следуваше една од понапорните фази од моето работење во Свислион, бидејќи од една страна добив унапредување во позицијата “менаџер за истражување и развој”, со што во моја надлежност беа сите развојни проекти во компанијата, а од друга страна откако во 2006 година се случи превземањето на Агроплод имав и чести службени патувања на релација Скопје-Ресен. Токму во овој период сфатив дека за да се постигне лична среќа и успех во сите сфери од животот, мора постојано да се прават компромиси и балансирања помеѓу приватниот живот и професионалната кариера, што првично изгледа многу тешко и речиси невозможно, но е реално остварливо и секој може да го постигне доколку има јасна визија, добри организаторски способности и цврст карактер со високо ниво на емоционална интелегенција. Во 2010 станав генерален извршен директор во фирмата, а тоа е позицијата на која сум и денес.
2.Кои се најтешките предизвици со коишто се имаш соочено при твоето менаџирање со фирмата?
Еден од најтешките периоди кој јас како прв човек на Свислион го поминав во изминатиов период беше оној во 2010 и 2011 година, кога нашата компанија се соочи со одземање на сопственичкото право врз акциите кои ги поседувавме во АД Агроплод Ресен од страна на државата. Ова беше неочекуван и непредвидлив фактор од надворешното опкружување, кој морам да признаам дека претставуваше голема закана која го доведе во прашање дури и егзистирањето на бизнисот во Република Македонија, бидејќи во тој период ние бевме целосно изземени од секакви развојни инвестиции од страна на компанијата-мајка од Швајцарија. Сепак, после долгиот, макотрпен и исцрпувачи судски процес во арбитража, благодарејќи на стручноста и експертизата на адвокатскиот тим, успеавме да докажеме дека правдата е на наша страна и Свислион победи во спорот со државата, по што компанијата откако се консолидира влезе во нова развојна етапа од својот животен циклус.
3.Кои се најголемите успеси на кои си посебно горда?
Еден од најголемите успеси во мојата кариера во Свислион на кои сум посебно горда е добивањето на стандардот ISO:22000, бидејќи ние бевме првата и најмлада компанија од кондиторската индустрија во Република Македонија која уште на почетокот на 2006 година се стекна со овој престижен сертификат. Огромното задоволството за правењето на тој крупен исчекор во однос на конкуренцијата, не го намали ниту фактот што поради недоволната и несоодветна ПР-стратегија не успеавме добро да го испромовираме истиот, за максимално да ги искористиме бенефитите од стекнувањето на оваа значителна конкурентска предност.
Дополнително, како мои успеси со кои исто така се гордеам би ги издвоила и добиените грантови во износ од околу 150.000 евра, кои со помош на неколку проекти финансирани од странски донатори ги имаме внесено во фирмата во последните 5-6 години. Во тој контекст, посебно сум среќна, што на мое инсистирање ја совладавме “линијата на помал отпор” и излеговме од “зоната на комфор”, превземајќи при тоа дополнителни активности за изработка на проектните апликации и вложувајќи голема енергија во фазата на имплементација на проектите, што покрај финансиските средства ни донесе и нови знаења, искуства и вештини кои сигурно ќе ни користат и во наредниот период.
И без лажна скромност, во оваа прилика би сакала да го истакнам и моето посебно задоволство што како резултат на претходно споменатите успеси во менаџирањето со Свислион, ја добив и престижната награда како една од 10-те најуспешни жени-менаџери во Република Македонија за 2013 година, што ми дава уште поголема мотивација и поттик да продолжам со уште појако темпо на работа во наредниот период.
4. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто? Какво е значењето на креативноста и иновативноста за успех во новото време?
За да успее, еден млад човек треба да има соодветно формално образование, но и желба за постојано надоградување на стекнатите теоретски знаења, при што подеднакво важно е и карактерно да биде доста амбициозна личност, која е отворена спрема нови предизвици, превземање на ризици и сл. Не помалку важни се и личните човечки и карактерни квалитети кои не се вродени, туку истите се стекнуваат за време на животот и континуирано треба да се доразвиваат, што е особено важно за индивидуите кои имаат менаџерски амбиции. Имено, тие мора постојано да работат на унапредување на својата личност, бидејќи менаџирањето не подразбира покажување на авторитет врза база на моќта која ти следува според хиерархиското ниво, туку вештина и способност, на смирен начин, со високо ниво на емоционална интелегенција да управуваш со работата на другите луѓе, и да ги решаваш проблемите донесувајќи рационални одлуки.
Креативноста и иновативноста на сите вработени во една компанија е многу важна за нејзиниот долгорочен раст и развој, иако ние како дел од една голема групација имаме извесни ограничувања во однос на можноста за посериозен исчекор во оваа насока, кои произлегуваат како резултат на јасно делегираните надлежности во рамките на една сложена организациска структура. Дополнителна бариера за развој на креативноста и иновативноста на човечките ресурси во Република Македонија, претставува и фактот што нашето општество е во голема мера конзервативно и луѓето имаат отпор кон промени и воведување новини во работењето, што секако дека има ограничувачко влијание и врз можностите за правење исчекор во правец на зголемување на бројот на иновативни компании во наредниот период.
Сепак, и покрај овие бариери, ние настојуваме максимално да ја поддржиме и поттикнеме креативноста и иновативноста на сите вработени во секојдневното работење, бидејќи цврсто веруваме дека таа секогаш носи позитивни резултати. При тоа, ги слушаме идеите кои се предлагаат од сите вработени, па дури и од најниското хиерархиско ниво на компанијата, по што имаме јасни процедури за проширување, селекција и избор на на оние идеи кои имаат најголеми шанси да доживеат и практична имплементација.
5. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Сметам дека и во Македонија има простор една личност да се развива и на професионален и на приватен план. Кај и да одиш, секогаш дома си е дома и моја девиза е дека приоритет на секој човек треба да биде пронаоѓањето на животниот мир во домашната средина. Инаку, ние треба да сме среќни што живееме во време во кое цел свет е секогаш отворен за квалитетни кадри, а искористувањето на овие можности зависи во голема мера од секоја индивидуа, и тоа пред сѐ од нејзините амбиции, но и спремност за постојан личен развој. При носењето на одлуката за живеење во странство, секогаш треба да се направи целосна cost-benefit анализа или проценка на вкупните придобивки, но и вкупните загуби од заминувањето, имајќи ги во вид можностите за работа и заработувачка, но и сите останати аспекти на квалитетот на живот (близина до семејство, патување до работно место, социјален живот, и сл.). Погледнато на овој начин, врз основа на моето искуство и можноста која ја имав за споредба со животот во повеќе поголеми градови во европа и светот, можам да констатирам дека барем Скопје, како главен град нуди сосема пристојни можности за социјален живот, вработување и брза и лесна комуникација, при што уште еднаш ќе повторам и со тоа ќе завршам – кај и да одиш, секогаш дома си е дома.
ЗА СВИСЛИОН
Swisslion претставува империја во областа на производство на квалитетна и здрава храна. Примената на модерни технологии и врвното знаење, како и континуираниот процес на усовршување, поставија високи стандарди во водењето бизнис, живеењето и работењето во Swisslion.
Swisslion ДOO Скопје е компанија чија главна дејност е производство и трговија со производи со врвен квалитет произведени со современа SL технологија.
SL tehnology е симбол и гаранција на врвен квалитет и технологија, производство на природна и здрава храна со контролирано потекло на влезните суровини и совршен вкус, односно симбол на модерна и висока автоматизирана технологија.
Swisslion ДОО Скопје е основана во 1998 година како Green Field странска инвестиција, со единствена дејност а тоа е увоз и дистрибуција на кондиторски производи. Во 2001 година, успешната работа на компанијата придонесе за развој на компанијата и во дејноста производство на кондитроски производи.
Од 2001 до денес во производниот погон во Скопје инсталирани се 3 производни линии со вкупен дневен капацитет од околу 20 тона готов производ. Swisslion ДОО Скопје исто така, финансиски ги консолирира и оперативно ги раководи и сите свои капитално поврзани друштва и тоа Swisslion Mak, Swisslion Agroplod, Swisslion Agrar i Prespa Turist. Денеска Swisslion ДОО Скопје e компанија која е прогласена за најголема кондитроска индустрија во Македонија, најголем увозник и најголем извозник на кондитроски производи.
Comments are closed.