“Не постои поприродна и поудобна средина од сопствениот дом”
Во склоп на проектот „Најуспешните студенти учат од најуспешните претприемачи“ кој има за цел да ги претстави успешните претприемачки приказни во Република Македонија, НАПАГ го претставува интервјуто со Анита Христова и Томислав Христов, основополжници и косопственици на Христови инженеринг
1.Кога се случија почетоците на Христови инженеринг? Од каде идејата баш за овој бизнис?
Почетоците на Христови инженеринг се случија во деведесеттите години на минатиот век, или во периодот на трансформација на македонското општество кон пазарно стопанство, со што всушност ја продолживме претходно започнатата традиција на семејството на мојот сопруг Томислав, во доменот на ентериерното уредување. При тоа, бидејќи и јас и Томислав карактерно сме личности кои се во постојана потрага по нови предизвици, се одлучивме и ние посериозно да “запловиме” во “светот на претприемништвото”, создавајќи сопствена и препознатлива бизнис платформа во областа на проектниот инженеринг, независно од тогашните тенденции кои во голема мера беа поврзани со започнување бизнис во други “полесни” дејности, како на пример во трговијата. Всушност, со голема поддршка од страна на нашите родители, пркосејќи им на трендовите во надворешното опкружување, решивме да чекориме по сопствениот пат, со јасна визија и огромна желба да ги надградиме нивните претходни бизнис иницијативи.
2.Кои се најтешките предизвици со коишто се имате соочено при стартирањето и растот на фирмата?
Еден од најтешките предизвици со коишто се соочивме на стартот беше сознанието за неопходноста за “брза транзиција” од претприемачкиот занес и ентузијазам кон реалноста, во која многу бргу разбираш дека за успех во бизнисот, покрај овие почетни инстиктивни импулси, потребни се и многу работа, залагање, труд и пред сѐ стабилен и изграден карактер. За наша среќа, како резултат на домашното воспитување, стекнатото формално образование и флуидот и размената на енергија која постоеше помеѓу нас двајцата, ние оваа “транзиција” ја поминавме за релативно брзо време, при што заеднички сфативме дека треба постојано да се работи на усовршување и на стручните, но и на менаџерските вештини.
За таа цел, вложувавме многу во наша едукација и тренинг, но и во континуирано зајакнување на вештините на нашите вработени, со кои заеднички успеавме да се справиме и со останатите предизвикувачки ситуации, коишто се нормална појава при растот и развојот на секоја компанија. Како посериозни тука ќе ги споменам предизвиците со кои се соочувавме при големите инвестирања и преструктуирања, како и оние поврзани со потребата од постојан мониторинг на случувањата во надворешното опкружување (пред сѐ следењето на растот и развојот на државата), на кои и покрај тоа што не можевме да влијаеме, моравме да креираме соодветни стратегии за избегнување на заканите, но и максимално искористување на можностите, кои ги имаше многу во изминатиот период, а веруваме дека ќе ги има уште повеќе во иднина.
Всушност, ние никогаш не сме го прифатиле како вредносен систем “концептот на жртва” и трошењето енергија на барање недостатоци на системот во кои живееме и функционираме, туку отсекогаш сме се фокусирале на своите јаки страни за да ги искористиме огромните можности кои глобалниот и отворен пазар ги нуди.
3.Кои се најголемите успеси на кои сте посебно горди?
Најголемите успеси со кои посебно се гордееме се поврзани со достигнувањето на развојот на фирмата до ниво, во кое се доведовме во ситуација да победуваме во конкурентска битка со повеќе големи интернационални компании. Во таа насока, особено би ги потенцирала меѓународните тендери поврзани со двата аеродроми во Република Македонија (Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид), во кои како единствена македонска компанија успеавме да ја добиеме реализацијата на овие капитални инфраструктурни проекти. Навистина е посебно чувството кога со победа во глобален натпревар доживувате потврда за вашето знаење, стручност и квалитет и кога ќе сфатите дека не само што не сте инфериорни, туку напротив, имате голема вредност и покажувате супериорност и во светски рамки, и покрај тоа што доаѓате од мала држава. Тоа уште повеќе ја зголемува вашата самодоверба, и ви дава мотив да продолжите по истиот пат, а позитивните референци дополнително ви ги зголемуваат шансите за раст и развој преку влез и освојување на голем број нови светски пазари.
4. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто?
Што се однесува до бизнисот во кои работиме, со оглед на фактот што станува збор за значајни и сложени проекти кои треба да резултираат со максимално квалитетна изведба во однапред определени временски рокови, најважно за успех е “нултата толеранција” за неквалитет, како и за доцнење во реализацијата на предвидените активности. Или, уште од почетокот на нашето работење, основна девиза според која се раководиме е дека не смее да има компромис во однос на квалитетот и навременоста. За да се постигне ова, многу е важно градењето искрени и чесни релации со вработените и тимска работа помеѓу нив, засновани на меѓусебна доверба развиена преку постојана и транспарентна секојдневна комуникација.
Во однос на останатите фактори за успех во бизнисот, но и во животот воопшто, покрај самоиницијативноста и желбата постојано да се учи нешто ново, како најважно нешто би го издвоила е постоењето јасна стратегија, но и многу работа во насока на нејзина имплементација. При тоа, доколку уживаш во она што го работиш, работата ти станува “стил на живеење”, со што според мене значително се зголемуваат шансите за правилен баланс помеѓу развојот на кариерата и квалитетот на приватниот живот. Можностите кои во оваа насока ти ги нуди приватниот семеен бизнис се огромни. Всушност, пронаоѓањето на формулата за лична среќа преку спознавањето на уметноста во живеењето и принципите за менаџирање на сопствениот живот се наоѓаат во меѓусебна корелација со успешното менаџирање на еден фамилијарен бизнис како и за негов опстанок, но и раст и развој на долг рок.
На крај на овој дел, би сакала уште да го додадам и следново. За да има успех во бизнисот, односот кон работењето и компанијата треба да биде како однесувањето на грижлив родител спрема своите деца. Или, исто како и постојаната мисла и грижа за здравиот раст и развој на своите деца, и водењето сопствен бизнис бара континуиран 24/7 ангажман и посветеност, при што дури и во моментите кога работите нешто друго, голем дел од вашите мисли се насочени кон фирмата, кон идеи за подобрување на работењето, за нови производи, пазари и сл. Ова е нешто што се обидувам во секоја прилика да го споделам со нашите деца и со помладите генерации, а правиме и секојдневни напори истата мисла да биде составен дел на организациската култура и вредносен систем кај сите наши вработени.
5. Во кој правец според Ваше мислење треба да се развива Република Македонија во наредниот период? Какво е значењето на креативните и иновативните човечки ресурси во овој процес?
Со странските инвестиции кои Република Македонија успеа да ги привлече, сѐ повеќе потврдуваме дека воопшто не заостануваме зад другите земји. Но, мора многу повеќе самите да се вреднуваме и да се цениме и да покажеме дека можеме да бидеме деловни партнери на овие компании, но и да се натпреваруваме со нив и да ги победиме и на домашниот пазар, но и во светски рамки.
При тоа, секоја компанија може да расте и да се развива во правец во кој смета дека е најсилна, но за тоа треба јасна визија и искрено и чесно залагање за нејзино остварување. Нема развој, ако постојано гледаме во туѓи дворови, ако не сме реални и се залажуваме, а нештата ги правиме само формално, колку да се прави нешто. Само доколку се свртиме кон сопствениот двор и доколку ја трошиме енергијата на секојдневни наши подобрувања, успехот е загарантиран. А можностите за успех во 21.век се огромни. Тие немаат лимит.
Инаку, отсекогаш сум сметала дека нема силна држава без силни луѓе или дека и најмалите држави по територија може да бидат големи во светски рамки доколу вложуваат во своите човечки ресурси. Потврда за ова е и искуството кое го стекнав при работата на еден меѓународен проект, каде 22 ментори од цел свет бевме ангажирани да направиме истражување поврзано со бизнис акселераторите и инкубаторите во Израел, Палестина и Јордан. И покрај очигледните разлики помеѓу овие три земји во однос на територијата, општественото уредување и сл., нивна заедничка карактеристика беше поседувањето на креативни и иновативни човечки потенцијали, особено во инженерските струки, што резултира со врвни ИТ компании и инженери од овие земји кои се признати и докажани во светски рамки.
Дефинитивно, ова е правецот во кој треба да се движи и Република Македонија во наредниот период, при што сакам да потенцирам дека креативноста и иновативноста на луѓето се значајни за менаџирањето на компаниите, но и за сите останати инстутуции во јавниот сектор (државни, локални и сл.), како и за подобро управување со личните животи, што значи сите поединци од сите професии треба да ги поседуваат овие вештини.
6. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Навистина не постои поприродна и поудобна средина од сопствениот дом. Личната среќа и исполнетоста која може да ти ја обезбеди државата во која си роден е нешто што никаде на друго место не може да се добие. Денешниот свет е мал. Одете, шетајте, гледајте што се случува во светот, стекнувајте нови искуства, но при тоа запаметете дека успесите во 21. век, не се поврзани со тоа од каде си и каде живееш. Тие се исклучиво поврзани со тоа што знаеш да работиш, но уште повеќе со тоа дали си личност со изграден карактер, кој игра на долги стази. Ако на овие квалитети ги надоврзеш и љубовта кон она што го работиш, јасната визија и посветеноста и професионалниот пристап кон работата, не постои лимит во она што сакаш да го постигнеш. Со таков пристап, секој може да постигне европско и светско ниво и рамноправно да се натпреварува со сите свои конкуренти во конкретните области.
При тоа, треба да сфатите дека промените денес се случуваат со многу брзо темпо. И за да имате успех секогаш треба да бидете спремни да ги предвидите овие промени и со макотрпна работа да ги дочекате спремни во моментот кога истите ќе се случат. Во тој контекст, сегашноста треба да Ви е во фокусот на интерес . Или, секогаш имајте го предвид одговорот на прашањето “Знаете ли како успеав?” кој јас во многу прилики јавно го споделувам и кој гласи: “Му се насмевнував на секој ден”. Или, многу е важно да го запаметите следново: “ Не можете да го смените минатото, ниту целосно да ја предвидите иднината, но ако живеете квалитетно секој ден, оставате зад себе квалитетно минато и трасирате квалитетна иднина”.
ЗА ХРИСТОВИ ИНЖЕНЕРИНГ
Развојот на ХРИСТОВИ ИНЖЕНЕРИНГ е започнат пред неколку децении и продолжува се до ден денес, резултирајки со богато портофолио од успешно завршени проекти.
Работејќи на полето на инженерингот, компанијата се здоби со искуство во проектирање, изградба, ревизија, супервизија и легализација на објекти и сето тоа резултираше со можност за извршување работни задачи на принцип “клуч на рака“.
Како резултат на постојаното усовршување, истражување и анализа на резултати заедно со внимателен и индивидуален пристап на секој проект, целосниот процес е рационализиран и секогаш воден со позитивен став од страна на членовите на тимот како и од страна на компанијата во целост.
Овој единствен пристап резултира со долга и разновидна листа од задоволни клиенти, голем број од нив со специфични и доверливи проекти како што се воени објекти, амбасади и комуникациска инфраструктура.
Високо едуцираниот и стручен кадар кој се состои од инженери со различни специјализации, надополнет од одделот за легализација, овозможува особено флексибилен, стручен и ефикасен тим, целосно подготвен да одговори на нај сложените проекти и задачи.
Comments are closed.