„Поставете си јасни долгорочни и краткорочни цели, доколку сакате да постигнете нешто во животот“
1.Кога и како се случија почетоците на „Везе Шари“? Од каде идејата баш за овој бизнис? Кои беа најтешките предизвици со коишто се имате соочено при неговото стартирање?
Долга е приказната за почетоците на семејниот бизнис на „Везе Шари“. И како и најголем дел од овие приказни, и нашата е поврзана со многу тешки моменти, кои особено се случуваа во моето рано детство, или во периодот од 1985 до 1989 година кога нашата фамилија западна во тешка финансиска криза. Кога викам криза, не мислам на тоа дека немавме за јадење. Леб, млеко и месо имавме, благодарејќи на кравите и живината кои сами ги одгледувавме, но пари немавме. Немаштијата беше изразена до тој степен што јас како дете немав ниту 20 денари за да можам да отидам до Тетово со автобус, па затоа често пати бев принуден да патувам и со велосипед, дури и на екстремно ниски температури од -20 степени.
Маката ме натера да започнам да учам занает уште додека одев во основно училиште, па така во периодот од шесто до осмо одделение, во претпладневните часови бев во школските клупи, а попладнето во автомеханичарска работилница каде го совладував занаетот. Уште во тој период ми се роди желбата да си купам мои алати и да си работам сам за себе, но во тие моменти немав пари ниту за нормален живот, а уште помалку за такво нешто. Од тие причини, уште на шеснаесет-годишна возраст заминав во Германија и тоа со позајмени 1000 германски марки од жената на мојот вујко, која верувајќи во мене и искрено сакајќи да ми помогне, ризикуваше и ми ги даде овие средства, и покрај тоа што не беа нејзини, туку истите беа заштеда од нејзината мајка и тоа, како што викаме ние во овие краишта, „за не дај боже“.
За да ја оправдам нејзината огромна доверба, но и за да си бидам чист пред самиот себе, како прва цел што си ја поставив во Германија беше да ги заработам и вратам овие 1000 марки, по што си зацртав како план да успеам да заштедам уште околу 3000 марки, за да можам да ги купам потребните алати и кога ќе се вратам дома, веднаш да си започнам сопствен бизнис. За таа цел, продолжив со работа и усовршување на занаетот во Германија, при што во периодот од 1990 до 1993 година сменив три различни фирми, каде никој од моите газди не ме прашуваше дали имам диплома, туку сите ги интересираше дали знам да отворам автомобилски мотор и да решам конкретен проблем на задоволство на нивните муштерии.
Во 1993 година, кога веќе имав дваесет години и огромно знаење и стручност во мојот занает, се вработив во одделот за одржување на механизацијата на една живинарска фарма во Германија, и ова вработување се покажа како пресудно во создавањето на подоцнежната успешна приказна наречена „Везе Шари“. Имено, како млад човек кој веќе имаше голема самодоверба и познавање на својата струка, и кој не се плаши од никаква работа, во оваа фарма всушност се запознав со мојот иден бизнис-партнер, кој како мој газда и претпоставен во тој момент, беше запрепастен од мојата посветеност и однос спрема работата. Имено, јас бев еден од тие вработени кој никогаш не ја откажуваше ниту една задача која ми беше доверена, независно од тоа дали истата е поврзана со механичарската струка и со работните задачи за кои претходно сум се договорил дека ќе ги извршувам и за кој сум бил платен. Па така, покрај ангажманот поврзан со одржување на механизацијата, сум бил и чувар, но не сум се срамел да чистам и јами, ниту пак ѓубрето од кокошките, при што сум влегувал и секаде кадешто е потребно само за да се поправи некоја клучна машина и да не се прекине процесот на производство.
Дополнително, секогаш и спрема секого сум играл со отворени карти, без да имам некои скриени и нечесни намери, при што работев буквално од утро до мрак, а останував на работа сѐ додека не се заврши целосно работата, не навлегувајќи во расправии од типот „моето работно време е од толку до толку и јас треба да си заминам“ и сл.. Всушност, јас сум личност која уште од тој период е скарана со времето и со часовникот како направа која ни служи како временски ориентир. Имено, ниту тогаш, а ниту денес, јас не носам саат на моите раце. Или, основен ориентир за тоа дека се ближи крајот на работниот ден мене ми е стемнувањето и доаѓањето на ноќта, но пред сѐ, потврдниот одговор на прашањето -„дали планираната работа е завршена во целост“?.
Благодарејќи на овие мои карактерни и работни особини, кои верувајте дека се многу ценети насекаде во светот, па и во Македонија, стекнав огромен респект кај мојот газда, на кој откако во 2000 година, или после седум години поминати во живинарската фарма, сосема искрено му соопштив дека ќе ја напуштам работата бидејќи крајната цел отсекогаш ми била да се вратам назад и да си започнам сопствен бизнис, тој самиот, бидејќи не сакаше да замре нашата релација, ми понуди да влеземе во партнерска инвестиција. Така, всушност и се роди идејата за „Везе Шари“ и покрај тоа што моите почетни размислувања беа во насока на отворање автомеханичарска работилница.
Имено, тој предложи во најголем дел да ја финансира почетната инвестиција, а статусот на целосно рамноправни партнери ќе го стекнеме по започнувањето на бизнисот, кога јас преку работата ќе му ги „вратам“ овие средства. Со оглед на фактот што веќе имавме изградено фер-однос, базиран на голем степен на меѓусебна доверба, понудата ја прифатив без многу размислување, за што сум му крајно благодарен. Уште во тој период бев целосно свесен, дека многу е тешко сосема сам да започнеш поголем бизнис за кои се потребни значителни финансиски средства на почетокот, кои јас, и покрај мојот единаесет-годишен работен престој во Германија не можев да ги спечалам, бидејќи паралелно хранев и цела фамилија, градев куќа и сл. Или, уште тогаш сфатив дека секогаш е добро да имаш некој кој верува во твојата бизнис-идеја, а уште повеќе некој кој има доверба во тебе и во твојот цврст карактер, за да ти помогне и партнерски да влезете во бизнисот, со што воопшто нема да се намали значењето на твојот личен успех. Напротив, во таква ситуација, и личниот и заедничкиот успех значително се зголемуваат, особено кога покрај себе имате партнер кој веќе цели педесет години имал сопствена фарма, и поседува огромно работно искуство во овој сектор, како и значителен износ на финансиски средства.
Така, откако ги поставивме темелите на нашата заедничка соработа и ја завршив мојата последна работна обврска (точно се сеќавам дека беше 30. јуни 2000 година во 21:30 ч.), наредниот ден (на 01.07.2000 година) ја напуштив Германија и со кола тргнав назад кон Македонија, среќен што конечно ќе бидам дома, но уште посреќен што дома ќе стартувам сопствен бизнис. Непосредно пред заминувањето, од страна на мојот партнер ми беа оставени два аманети, за кои ме замоли да ги почитувам безусловно, бидејќи според него тие се двете најважни работи за успех во овој бизнис. Првиот се однесуваше на редовно давање плата на вработените и тоа на први во месецот, а вториот на неправењето компромиси во однос на квалитетот и свежината на произведените јајца. Или, ми посочи дека подобро е во даден момент да се работи дури и со загуба, отколку да се купат фрижидери за складирања на јајцата и складираниот непродаден вишок да започне да се продава по извесно време, со драстично намален квалитет.
Непосредно по враќањето во Македонија, или поточно на 01.09.2000 година започнавме со градежните активности, при што, со оглед на фактот што располагавме со голем почетен капитал, креиравме јасна визија дека влезот на македонскиот пазар уште од старт ќе го направиме со изградба на фарма со голем капацитет, или нема да започнуваме со нешто мало, кое подоцна ќе се надоградува. При тоа, мора и во оваа прилика да истакнам дека патот кој се изоди до моментот на стартирање на производството не беше воопшто лесен. Имено, ни беше потребно многу време и енергија за да ги пронајдеме соодветните кадри, да ги изградиме и пополниме со несилки и пилиња производните капацитети, при што започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, кој во Тетово почна на 14. март, претставуваше посебна закана, која воопшто не зависеше од нас и истата не можеше претходно да се предвиди.
Имено, во тој момент, и покрај тоа што производните капацитети не беа целосно изградени, сѐ што требаше беше нарачано (технологија, хали, опрема и сл.), а 70% од вредноста на целата инвестиција беше исплатена, така што се чекаше само овие работи да пристигнат, да се монтираат и да се започне со работа. Значи, се најдовме во една многу незавидна ситуација, заглавени во средината, каде не можеш да се откажеш и да се враќаш назад, но исклучително тешко е и да продолжиш напред. Во тие моменти, пресудни за носењето на заедничката одлука да на запреме со градежните активности беа зборовите на мојот партнер, според кој-„војната кога и да е ќе заврши, а луѓето кои ќе преживат ќе продолжат и понатаму да консумираат јајца“.
Дополнителен предизвик, кој никогаш нема да го заборавам е оној кој се случи на 05.01.2002 година, или непосредно по пристигнувањето на првите пилиња, за чие преживување температурата во објектот требаше да биде +37 степени, а надворешната температура изнесуваше -27 степени. На овој ден, се случуваше вистинска борба за преживување на живината бидејќи мораше да останам буден 24 часа, за да бидам во состојба да ја одмрзнувам нафтата на секој саат, за да може да се грее внатрешноста на објектот.
На крајот на 2003 година, успеавме целосно да ги пополнивме нашите капацитети, со обезбедување на 120.000 кокошки-несилки и 60.000 пилиња, по што конечно „Везе Шари“ почна да функционира со целиот свој планиран потенцијал и стана сериозен играч во овој бизнис, на македонскиот пазар. Во 2010 година направивме нов десет-годишен план, според кој зацртавме дуплирање на капацитетот на 240.000 несилки. Но, непосредно по започнувањето на неговата имплементација, или само после десет-петнаесет дена откако ја направивме првата нарачка за новиот погон, се случи големиот пожар, кој претставуваше еден од најтешките моменти и предизвици со кои се имам соочено во мојот живот, бидејќи наместо да растеме, ние повторно дојдовме „на нула“.
Но, после првичниот шок, многу бргу сфатив дека за успешно да пребродиш трагедии од овие размери и да ги смириш и домашните, но и вработените, мораш прво ти да бидеш смирен и сталожен и да размислуваш со „ладна глава“, бидејќи паниката не само што нема да ти помогне, туку многу и ќе ти одмогне. Токму од тие причини, успеав за брзо време да се соземам, а на сите вработени им ветив дека многу бргу ќе изградиме уште помодерни капацитети и дека ниеден од нив нема да остане без работа, при што, со исклучок на прекувремените ангажмани, продолжив да им ги исплаќам редовно и платите. Ветувањето го исполнив за само седум месеци, кога успеавме да ја вратиме бројката од 120.000 несилки, со што „Везе Шари“ доживеа реинкарнација, започнувајќи нов живот и нова ера во своето постоење.
Оваа тешка лекција од мојот живот и начинот на кои јас се справив со истата, ја споделувам секогаш и во секоја прилика со една единствена цел. Таа да претставува пример за другите, во насока на тоа да учат од туѓите, а не од сопствените грешки, но уште повеќе, за луѓето да го сфатат значењето на цврстината на карактерот, кој според мене е основен предуслов за брзо и практично делување во кризни моменти, кои се неизбежна појава во животите на секој човек. Имено, кризите постоеле и ќе постојат. Или, постојано и кај сите луѓе имало и ќе има и падови и успони. Разликата е само во начинот на справување со овие моменти.
2. Покрај „Везе Шари“, вие сте сопственик и на Лекер? Со што се занимава овој бизнис? Кога и како се случија почетоците на Лекер? Од каде дојде идејата и за овој бизнис?
Лекер е фирма која се занимава со производство на сувомеснати производи од пилешко и говедско месо, при што како суровина го користиме месото од нашите кокошки-несилки, кога доаѓа време за нивно колење и замена со нови. Идејата за Лекер почна да се раѓа уште од времето кога работев во фармата на мојот партнер во Германија, кога на тамошниот пазар се соочувавме со проблеми поврзани со соодветно искористење на „потрошените“ (од аспект на несење јајца) кокошки. Клучниот проблем се состоеше во тоа што кланиците коишто првично ги откупуваа овие кокошки, започнаа да не ни даваат пари за нив, а врвот на нивниот безобразлук го постигнаа во оној момент кога тие почнаа да бараат пари од нас, за да ги земат. Сето ова толку многу му пречеше на мојот партнер, бидејќи стануваше збор за навистина квалитетно месо, така што уште пред и да се роди идејата за „Везе Шари“, во Германија започнавме да правиме многу проби и веќе таму почна да се назира и имплементира решението за ефективно искористување и на месото од овие кокошки.
Но, откако го стартувавме партнерскиот бизнис во Македонија, се судривме со нашиот менталитет на продажба на живи кокошки и на отворените земјоделски пазари, што за нас не претставуваше проблем, бидејќи имавме сосема други цели поврзани со нивното искористување како квалитетна суровина за производство на сувомеснати производи, за што во 2005 година донесовме заедничка одлука и тука да изградиме ваква фабрика. Нејзината градба ја завршивме во 2006 година, по што откако цела година го тестиравме производството, обезбедувајќи заштита од болести, целосна контрола на кокошките, услови за сопствено колење и преработка и сл., на пазарот излеговме во 2007 година кога започнавме и со продажба на нашите производи.
На тој начин, не само што си го решивме сопствениот проблем, туку им помогнавме и на другите фарми, откупувајќи и нивни кокошки за преработка, а секако индиректно и помогнавме и на државата, во нејзините напори за намалување на увозот на месо од странство. Дополнително, и покрај тоа што ова за нас тргна како спореден бизнис, чии производи не планиравме да ги продаваме надвор од границите на Македонија, благодарејќи на врвните машини кои ги купивме (за кои подоцна дознавме дека имаат капацитет и до петнаесет тони), започнавме и да извезуваме во Косово, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна, за што реализиравме и дополнителни вработувања, на што сум посебно горд.
3. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто? Што е тоа што го сметате за Ваш најголем успех?
За да стигнам до одговорот на ова прашање, морам да го споделам она што го научив при една од најзначајните средби во мојот живот, која беше пресудна да започнам да размислувам посериозно, во насока на утврдување на моите идни животни планови. Имено, во зимата 1994 година, додека сеуште работев во Германија, за време на мојот краток престој во Македонија посетив еден близок стар познаник на мојот чичко, кој иако беше само обичен човек и многу вреден земјоделец, поседуваше големо животно искуство и зрачеше со исклучително позитивна енергија. За време на разговорот, тој ја кажа следнава реченица-„ако некој човек нема дефинирано цели за тоа каде сака да стигне во иднина, тогаш тој човек не се разликува многу од сите останати животни“. При тоа, истакна дека многу е важно да се имаат долгорочни, но и краткорочни цели. Оваа негова мисла длабоко ме разочара, бидејќи сфатив дека всушност јас и немам поставено јасни животни цели, туку како што детално објаснив и претходно, единствено под притисок на маката и немаштијата се решив да заминам на работа во Германија.
По овој разговор, откако сериозно почнав да размислувам за тоа што сакам да постигнам во животот, сфатив дека уште при самото доаѓање во Германија, вниманието ми го привлече еден голем трговски центар, по што во мојата фантазија се роди желба нешто слично да изградам и во Македонија, што во тој момент изгледаше како научна фантастика. По научената лекција од мојот познаник, овој мој сон си го зацртав како долгорочна цел.
Од друга страна, изградбата на сопствена куќа во родната земја си ја поставив како краткорочна цел, која со многу труд и за релативно кратко време успеав и да ја реализирам, така што на дваесет и две годишна возраст изградив мое лично живеалиште, што дополнително ја зголеми мојата самодоверба. Од тогаш наваму, пред да завршам една работа, секогаш си поставувам нова краткорочна цел и почнувам да работам во насока на нејзина реализација. Се разбира, долгорочната цел (трговскиот центар) во меѓувреме претрпе измена и се трансформираше во цел – изградба на сопствена фарма и фабрика за производство на биогас.
Значи, да резимирам. Воспоставувањето пракса на јасно дефинирање идни цели, како и многу работа во насока на нивна реализација го сметам за мој најголем животен успех, а воедно ова според мене е и клучен фактор за успех во бизнисот и животот на секој поединец. Или, човек не треба да биде заљубен во парите, туку во работата. Јас не работам за парите, јас живеам за бизнисот и за развојот на бизнисот. А посебно нешто што ме исполнува е и сознанието дека и сто други фамилии на мои вработени се среќни и задоволни. Тоа чуство е посебно и неспоредливо со ништо друго.
Како втор многу важен фактор за личен успех во било која животна сфера, би ја истакнал коректноста, која е основна карактеристика на сите вработени во мојата компанија, независно од тоа што тие доаѓаат од различни македонски градови. Како пример во таа насока ќе посочам и еден од вработените во мојата фабрика Лекер во Нови Сад, која благодарение на неговиот фер и коректен однос со сите субјекти со кои имаме бизнис – релации, успеа да ја искачи оваа трговска фирма за извоз на пченка, на високото 43-то место на листата на најголеми извозници на прехрамбени производи од Србија.
4. Во кој правец планирате да се развивате во наредниот период?
Добро познато правило во животот е дека колку и да имаш, никогаш тоа не е доволно. Всушност, кога ќе започнеш со приватен бизнис, тој самиот те води и ти ги одредува идните планови. Имено, откако со Лекер го решивме проблемот со ефективно искористување на месото од „потрошените“ (од аспект на несење јајца) кокошки, ни остана да размислуваме за тоа што ќе правиме со ѓубрето. За таа цел, на 13. август 2013 година „Везе Шари“ започна да ја гради централата за производство на енергија од биогас, што претставува прв ваков проект и тоа не само во Македонија, туку и пошироко. Фирмата ќе се вика Електрошари, каде од органските отпадоци во фармата (но и од ѓубрето во целиот регион) ќе се овозможи производство на еден мегават електрична енергија на час, со што ќе се придонесе и кон подобро зачувување на природната средина. Дополнително, во 2011 набавивме и машина која ќе го искористи топлиот издувен воздух за сушење на остатоците од преработеното ѓубре, кое ќе го пакуваме и ќе го продаваме на европскиот пазар како ѓубриво за цвеќе.
Овој долгорочен план е во завршна фаза од неговата целосна имплементација и започнувајќи од јануари 2015 година, веќе ќе можеме и да продаваме струја. Но, како што споменав претходно, поучен од разговорот со мојот стар познаник, непосредно пред да ги исполниме претходните цели, во текот на оваа година подготвивме нов план за наредните десет години, а веќе ги почнавме и првите активности во насока на негова реализација. Имено, купивме земјиште на кое планираме сериозна инвестиција, но сеуште точно незнаеме што, кога и како. Дополнително, размислуваме да почнеме со производство и на земјоделски производи, особено што и нас ни е потребна храна за фармата. Во текот на оваа година земавме под концесија и адаптиравме земјиште во вкупна површина од осумнаесет хектари, кое никогаш досега не било обработено, при што посебно сум среќен што после петнаесет години, државата ќе добие нови осумнаесет хектари обработливо земјоделско земјиште.
5. Која е вашата лична порака до најуспешните студенти? Што е посебно важно за успешно да се стартира и управува една компанија?
За да дојдам до пораката, ќе ви раскажам уште една реална случка која верувам дека ќе ја запаметите и ќе ви остане во сеќавање во понатамошните животи. Имено, при една седенка со група млади луѓе, ми пријде едно момче кое само што го завршило своето образование, со цел да ми го презентира бизнис-планот кој тој го составил за една негова бизнис-идеја. При тоа, нешто што мене лично најмногу ме фасцинираше беше среденоста на папките со презентациите, што укажуваше на фактот дека има посветено многу труд и работа во подготовка на настапот пред мене, како пред потенцијален инвеститор. Дополнително, со многу жар, ентузијазам и верба во својата идеја, ми посочи дека поседува големо знаење и желба да го започне овој бизнис, но дека нема доволно финансиски средства за да го стори тоа, така што е спремен да работи кај мене и само за плата, доколку се одлучам да инвестирам во овој проект.
После една таква искрена и енергична презентација, речиси и воопшто не ми беше важно тоа што јас немав доволно познавања за конкретниот бизнис, така што се сложив да му ја финансирам целосната почетна инвестиција, при што покрај платата, му дадов и удел од 49% во бизнисот. Денес, бизнисот одлично функционира, а компанијата веќе има шест вработени. Или, да резимирам. Начинот на кои ги претставувате вашите идеи, игра клучна улога во тоа дали ќе успеете да ги „продадете“ пред потенцијален партнер, инвеститор и сл.
Во таа насока, го охрабрувам секој член на НАПАГ, којшто смета дека има добра бизнис-идеја и поседува високо ниво на самодоверба дека може да успее, а нема доволно финансиски средства за истата да ја започне, слободно да ми се обрати. Доколку го препознаам истиот жар како и кај момчето од претходниот пример, јавно изјавувам дека сум спремен да инвестирам и во неговиот/нејзиниот проект, бидејќи од мое лично искуство знам дека најтешката задача за стартирање на било кој сериозен бизнис, претставува обезбедувањето на почетната инвестиција.
И сосема на крај, сакам да ви го кажам и следново. Бидете упорни, коректни и никогаш не кажувајте лаги. Знајте дека иако во дадени моменти е исклучително тешко да се каже вистината, сепак направете напор, победете ја линијата на помал отпор и кажете ја. Само на тој начин ќе напредувате многу побргу во вашите животи, бидејќи енергијата и времето ќе ги трошите за конструктивни работи, а не во обидите за прикривање и искривување на вистината, која, само прашање на време е, кога ќе излезе на виделина. И да не го заборавам и она најглавното. Поставете си јасни долгорочни и краткорочни цели, доколку сакате да постигнете нешто во животот.
ЗА ВЕЗЕ ШАРИ
Пилешка фарма за произведување на јајца Veze Sharri и фабриката за произведување на пилешко и говедско месо LECKER, се наоѓат во питореската и недопирливата природа на планината Шар,во близина на селото Требош, една од најчистите еколошки амбиенти во Македонија.Објектот има површина од 35.000 м2, од кои 14.000 м2 припаѓат на индустриалните и деловните објекти.
Ова заедничко инвестирање со германски капитал има почнато со производување во мај 2002, со висок кваликативни 30 работници , подржувано од навдорешни експерти за овој начин на прозиведување.Текнолошко производство и снабдувањето се германски кои што го претставуват најсовремниот модел на живинарство, кои ја качуваат ова фарма во највисокото европско произведување.
Наведениот систем HACCR гарантира здраствена сигурност при процесот на произведувањето и заедно со победената сертификата ISO 22000-2005 го осигуруваат начинот и квалитетот на работата и поклопувањето со највисоките светски стандарти за произведување на храна.
Современската технологија резултира со посебен квалитет на јајцата,нивниот бренд полека и сигурно победува со управувањето на трговија.Исто така,наведените современски германски рецепти во комбинација на оние традиционални од земјата,овозможува висок квалитет и деликатесе на продуктите од пилешкото и говедското месо, кои имаат збогатено со посебен вкус.
Comments are closed.