„Немојте да сметате и да живеете во надеж дека со тоа што сте го научиле на факултет работата е завршена“
1.Каков беше патот на Габриела Павловска до директорската позиција во Окитекс?
Мојата работна кариера ја започнав на 20-годишна возраста, кога паралелно со студирањето на Економскиот факултет во Скопје стартував со работа и во текстилната компанија ЈУКАН, каде благодарејќи на нејзината извозна ориентација (најчесто работеа извоз од Србија и Македонија) имав прилика многу често да патувам и во странство. Од тој момент, па се до денес кога славам точно 20-години од моето прво работно искуство, немам менувано други бранши (пр:. како економист немам работено во банка и сл.), или моите ангажмани се исклучиво во текстилниот сектор, при што веќе деветта година по ред ја извршувам позицијата директор во ОКИТЕКС.
2.Кои се најтешките предизвици со коишто се имате соочено при менаџирањето со фирмата?
Имајќи го во вид фактот дека оваа дејност е трудоинтензивна, за да го добиеме финалниот производ, ние како компанија сме во секојдневна комуникација и работиме со многу луѓе од различни сфери. Имено, само нашата фирма брои 500 вработени, а вкупниот број вработени во сите останати фабрики кои се наши кооперанти изнесува 3000. Од овие причини, дефинитивно како најголем предизвик за нас, јас би го издвоила управувањето со човечките ресурси, нивното стимулирање, постојана надоградба преку обуки, разговори и сл., што претставува пресуден фактор за квалитетно производство и поголеми успеси преку освојување нови, но и задржување на постоечките клиенти.
Покрај (не)доволната застапеност на млад и обучен кадар и неговата стимулација за работа и квалитетно извршување на поставените задачи, како дополнителни предизвици во нашето работење се издвојуваат и голем број останати фактори од надворешното опкружување кои се специфика за овој сектор. Така, успехот во голема мера е зависен и од случувањата во домашната економија (условите кои се пружаат, социјалните фактори и сл.), но пред сѐ од условите на европските пазари каде извезуваме. Или, за текстилот се вели дека “прв влегува (секој човек има минимум по два капути и три кошули во својот плакар), но последен излегува од секое домаќинство”, така што кога има економска криза првото штедење е токму на текстилот, што значи дека во такви услови ние како сектор индиректно сме најмногу погодени.
3.Кои се најголемите успеси на кои сте посебно горди?
Сметам дека најголем успех е тоа што денес работиме со марки на текстил од европските брендови и пазари кои се во премиум-сегментот, како што се Escada, Carl Lagerfeld, Calvin Klein,Tommy Hilfiger, Renezeger и др., бидејќи сите тие имаат производи кои имаат голема вредност од аспект на име и изграден бренд. Пример, Carl Lagerfeld e светски бренд и име кој не дозволува да стои позади него производ кој што не е добар и квалитетен. Од овие причини, посебно сум гордa на фактот што кога ќе отидам во странство, ќе препознаам и видам на европски и светски излози (пр:. на 5-тата авенија во New York), каде во продавница на која на излог стои нешто со потпис од Calvin Klein кое кошта 1500 долари, се наоѓаат и производи кои излегуваат од Окитекс. Ова е огромен успех за нашата компанија, особено доколку се земе во вид фактот дека порано нашите производи се продавале во обични супермаркети и чинеле 19 марки, а сега тие вредат многу повеќе, благодарејќи на квалитетот, името и вредноста на нашите производи кои сме ги достигнале низ годините, со многу труд и работа.
4. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто?
Како се зголемува моето работно искуство во менаџирањето со успешен бизнис, сѐ помалку сметам дека среќата е таа која е пресудна за успех во бизнисот и во животот воопшто. Имено, и да е така, лично сметам дека таа секогаш доаѓа доколку работите напорно и макотрпно, независно од тоа дали менаџирате голема компанија, или пак мала семкарница, бутик и сл. Или, за да се успее во светот на бизнисот, потребна е многу работа, но и колективност и добар тим од соработници, како и упорност и истрајност во одењето на патот кон зацртаните цели (собено во поглед на задржувањето на квалитетот во однос на цената), од кои не смеете да отстапите во никој случај.
5. Какво е значењето на креативноста и иновативноста на вработените за успех во бизнисот?
Креативноста и иновативноста се многу битен фактор во секоја работа, па и во нашата, и покрај тоа што речиси 20 години нашето учество се сведувало само во конкретната и прецизна изработка на производот онака како што ни бил пратен, без да има никакви отстапки. Сега, имаме повеќе доверба и за прв пат почнавме да учествуваме и со малку наш интелектуален и креативен труд, во смисла на доработка (ткаенина, нацрт, суровини, дизајн) и давање останати предлози на тие кои што го прават дизајнот. Крајниот производ секако не е со наше име, но позади него пишува made in Macedonia.
6. Во кој правец планирате да се развивате во наредниот период?
Се надевам дека нашата компанија во иднина ќе се развива уште повеќе, со нови машини, нови технологии, нови идеи и со уште повеќе квалитетни вработени. Секое ширење на поголем пазар носи развој на било која компанија, така што зголемувањето на извозот е наш предизвик, бидејќи тоа е она што го стулулира растот на секој бизнис преку поттик за постојано усовршување. Имено, во зависност од тоа за кој пазар работиме (Италија, Германија и др.), секој бара нешто различно од нас, наметнувајќи ни императив на постојано надоградување и унапредување на работењето, така што после извесно време веќе започнуваме да мислиме на ист начин како и сите останати фирми кои веќе подолго време функционираат на светските пазари, достигнувајќи ги нивните критериуми за квалитет.
7. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
На сите студенти, а особено на најуспешните Ви посакувам да си најдете работа каде што ќе можете да си го примените своето знаење кое сте го стекнале на факултет, при што Ви препорачувам многу да работите и постојано да ги надоградувате Вашите теоретски сознанија. Немојте да сметате и да живеете во надеж дека со тоа што сте го научиле на факултет работата е завршена. Напротив, преку работа треба континуирано да се усовршувате бидејќи само на тој начин ќе може да се надевате дека вложениот труд во образованието ќе може да Ви се исплати. Знајте, дека независно од тоа дали ќе работите во мала или голема фирма и без разлика дали како претпоставен ќего имате газдата или директорот/менаџерот, вашата желба за учење и напредок, упорноста кон остварувањето на поставените задачи и слично, ќе бидат препознаени, по што во даден момент ќе стигне и соодветната награда.
ЗА ОКИТЕКС
Окитекс е водечка македонска фабрика за лон-доработка во производство на висококвалитетна женска горна облека. Денес Окитекс има 500 вработени и има 12 производни линии во 3 целосно климатизирани хали под 1 кров.
Фабриката е специјализирана за извоз на модерна и елегантна облека и се наоѓа во центарот на Скопје.
Нашата фабрика е опремена на највисоко ниво и тоа е голема предност којашто зборува за нас. Дали кога станува збор за производство, за техничка припрема, администрација или CAD- одделот. Имаме тим на експерти кои најсовесно се грижат за производствотo. Ние сме ефективно и флексибилно организирани такашто можеме брзо и ефикасно да произведуваме мали серии.
Со навременото ориентирање на висококвалитетни производи го дополнивме и обновивме нашиот машински парк со сите потребни машини. Прозиводните хали на Окитекс се опремени со најмодерната техника како:
- Cutter од Gerber
- CAD/CAM- постројки од Gerber
- Infinity –плотер од Gerber
- Модерни машини за шиење и автомати од Pfaff
- Автомати за џебови од Brother
- Машини за рупици од Dürkopp
- Пеглара со специјални преси за пеглање од Hoffmann
- Преси за фиксирање од Kannegiesser
- Кукли за пеглање од Veit
- АМФ машини од Reece
Тоа се гледа во високиот квалитет на производите а истовремено ја зголемува продуктивноста и ефикасноста. Бидејки производните трошоци во Македонија се пониски во споредба со другите европски земји, Окитекс може да понуди услуги со уверлива цена на меѓународните реномирани фирми.
Контролата на квалитетот е на прво место и трае за време на целиот производен процес. Како потврда за нашата компетентност е и DIN EN ISO 9001: 2000 сертификатот на SGS- ICS здружението за сертификација.
Comments are closed.