„Не се плашите од превземање обврски и одговорности и сами да носите важни животни одлуки“
1.Каков беше патот на Дејан Нешковиќ до највисоката менаџерска позиција во една голема компанија како Бетон?
Градењето на мојата професионална кариера во Бетон започна во далечната 1994, каде се вработив по многу краток период од дипломирањето на Градежниот факултет во Скопје. Првите работни ангажмани ми беа поврзани пред сѐ со работа во лабораторија за испитување на материјали, по што откако сфатив дека највеќе ме привлекува работата на терен, се преместив во оперативните единици кои што конкретно изведуваат градежни објекти.
Како и секој млад градежен инженер, на почетокот работев заедно со поискусните колеги од кои учев и стекнував практично искуство, но само после неколку успешно реализирани проекти меѓу кои како позначаен би го издвоил Клиничкиот ургентен центар во Скопје, за многу краток период, од неполни две години, ми беше дадена првата шанса за самостојно раководење на целиот процес на изградба на еден релативно едноставен објект. Ова претставува многу значаен исчекор во развојот на кариерата на еден градежен инженер и клучна „точка на прекршување“, кога си принуден сите одлуки да ги донесуваш сам, со што презвемаш целосна и лична одговорност и за успесите, но и за евентуалните пропусти и грешки.
Од тој момент постојано бев ангажиран како раководител на голем број објекти, при што со текот на времето како резултат на континиураното збогатување на моето градежно портфолио, започнав да добивам ангажмани не само на едноставни објекти (пр: хали и сл.), туку и на сѐ покомплицирани и сложени инфраструктурни зафати (пр: патишта, хидроцентрали, брани и сл.). При тоа, мора да истакнам дека ја имав таа среќна околност, во периодот од 1994 година до сега, во Република Македонија да се реализира изградбата на четири/пет брани, за разлика од претходниот период. Во оваа прилика, неизбежно е да се споменат и моите работни ангажмани на повеќе специфични индустриски објекти (пред сѐ силоси), за кои во нашата земја само Бетон поседува така наречен систем на "клизна оплата" – со хидраулични пумпи.
Единствениот период во кој за релативно кратко време од околу една и пол година излегов од Бетон, се случува по комплетирањето на проектот на браната Козјак, како една од најголемите инвестициски зафати во Република Македонија од нејзиното осамостојување. Имено, во склоп на овој проект, во заедничка соработка со нашиот српски кооперант изградивме и мост преку акумулацијата, што претставуваше нов и посебен предизвик за мене, кој ме поттикна да заминам во соседна Србија да работам за Мостоградња, како специјализирана градежна компанија за изградба на мостови и инженерски конструкции. Работата на еден мост надвор од Белград, претставуваше многу поразлично и морам да признаам и покомплицирано искуство во споредба со сите претходни проекти на кои имав работено, при што во овој период имав прилика да се запознаам и со процесот на изведба на челични конструкции. Престојот во Србија го искористив и да положам државен испит, стекнувајќи се при тоа со лиценца од овластени (српски) инженери, а овие мои големи и нови искуства ги пренесов и на Градежниот факултет во Скопје кои подоцна ги имплементираше овие практики, по што следуваше и формирањето на инженерската комора на Република Македонија со сите неопходни лиценци.
Пресуден момент кој најмногу придонесе за моето враќање во Бетон, беше започнувањето на изградбата на мостот кај Транспортен центар во Скопје, кој претставуваше голем предизвик за мене. Од овие причини, горд сум што бев раководител и на овој проект, кој се реализираше во периодот од 2004 до 2007 година, по што следуваше уште еден од моите најголеми лични успеси, а тоа е изградбата на скопската обиколница. Карактеристично за обиколницата е што јас како координатор на целиот проект имав прилика да соработувам со грчка компанија на која и бевме подизведувачи, при што морам да истакнам дека независно од политичките проблеми помеѓу двете држави, ние имавме извонредна соработка со партнерот од Грција, која резултираше со реализација и на други заеднички проекти во наредниот период.
По обиколницата работев на изградбата на браната Злетово, каде имавме странски надзор (француски и јапонски), што беше уште едно огромно меѓународно искуство за мене и потврда за нашето реноме и во светски рамки, а во период од две години по промената на сопственичката структура во Бетон, која се случи во 2007 година, или поточно во 2009 година, бев поставен на позицијата директор на прво градилиште. По последната економска криза чии последици се почуствуваа и во нашата држава, Бетон како градежна компанија ја доби изградбата на најголем дел од објектите на проектот „Скопје 2014“, кои и покрај политичките контроверзи кои го следат уште од самиот почеток, мора да се признае дека претставуваше инекција за одржување во живот на градежниот сектор, а преку него и на целата македонска економија, во услови на криза. Во овој период, или поточно од 2013 година ми беше доверена позицијата генерален директор во Бетон, со што покрај оперативните обврски поврзани со градбата на објектите, започнав да извршувам и низа други задолженија кои се однесуваат на менаџирањето и со сите останати работни процеси во компанијата.
2. Кои се најголеми успеси на кои сте посебно горди?
Покрај сите претходно споменати проекти кои се дел од моето градежно портфолио, како мои најголеми успеси на кои сум посебно горд ќе ги потенцирам успешно реализираните градежни зафати за изградба на мостови. Имено, покрај сложеноста, комплексноста и грандиозноста на овие проекти, посебно нешто што создава дополнителна возбуда во нашата фела кога се гради еден мост, е фактот што тој секогаш претставува асоцијација на објект кој спојува, а не нешто што раздвојува. Впрочем, нема ништо подобро и поимпозантно за човечкото око да гледа пред себе објект, кој ви создава асоцијации на спојница помеѓу две страни, два народа, две религии итн.
3. На што ќе се фокусира развојот на Бетон во наредните пет години? Кои се вашите најголемите предизвици во периодот што следува?
Во наредниот период Бетон ќе се фокусира на изградба на големи и капитални инфраструктурни проекти како што се автопатишта, индустриско-технолошки зони и сл. Всушност, ние веќе ја започнавме изградбата на автопатот Миладиновци-Штип, а во моментов работиме и на градбата на една хала за странска компанија во индустриската зона во Штип. При тоа, како најголем предизвик за нас дефинитивно би го издвоил автопатот Миладиновци-Штип, каде ние ќе ја работиме делницата од Миладиновци до Свети Николе, бидејќи станува збор за проект кој за Бетон вреди седумдесет и седум милиони евра. Предизвикот за нас дополнително се зголемува, доколку се земе во вид фактот дека, за разлика од претходните проекти кои ги имплементиравме заеднички со други градежни компании, на овој проект работиме самостојно добивајќи ја работата од страна на кинеската компанија, со која по успешно завршените преговори први го потпишавме договорот и први се појавивме на терен, започнувајќи ги во предвидените рокови планираните градежни активности.
4. Колку се важни креативноста и иновативноста на вработените за успех во бизнисот?
Креативноста и иновативноста на вработените има голема улога за успехот на секој бизнис, вклучително и на градежниот бизнис во кој работи Бетон. За жал, ситуацијата на пазарот на трудот во Република Македонија е таква што сѐ потешко е да се најдат млади, креативни и квалитетни мајстори, што и за нашата компанија, но и за сите останати фирми од градежниот сектор претставува голем проблем, бидејќи најголем дел од постоечките кадри се пред заминување во пензија. Како светла точка во оваа насока се издвојува Градежниот факултет во Скопје, кој продуцира добри градежни инженери, при што сакам да истакнам дека ние како фирма имаме одлична соработка со оваа високо-образовна институција.
5. Колку мислите дека платформата на НАПАГ е корисна и за фирмите и за најуспешните суденти?
Факт е дека најуспешните студенти во Република Македонија излегуваат од факултетските клупи со големо теоретското знаење во својата струка, но им фалат практични и бизнис вештини, кои може да се стекнат само доколку паралелно се работи на терен, во самата компанија, на конкретни проекти. Се разбира на тој начин се осознава и бизнисот на компанијата и се стекнуваат и голем број други вештини кои се неопходно потребни во секојдневното работење, како на пример – комуникација со мајсторите, инвеститорите и сл., управување со рокови, креативно разрешување на проблеми и др. И јас лично, доколку она што го научив на факултет не го применев во пракса, голема е веројатноста дека ќе го заборавев теоретското знаење за брзо време. Уште повеќе, откако ја извршувам и највисоката менаџерска позиција во фирмата, секојдневно сум во процес на примена и учење и на голем број алатки за менаџирање на сите аспекти од работењето на една голема компанија, како што се управување со финансии, со човечки ресурси, учество на тендери, преговарање со добавувачи и многу други.
Имајќи го ова во вид, проектот кој вие го реализирате со цел преку неформални обуки да ги надградите теоретските знаења на најталентираните студенти кои имаат висок просек, работејќи при тоа на примери кои се однесуваат на бизнисот на компаниите, сметам дека ќе биде многу корисен за самите студенти. Исто така, на овој начин и ние ќе имаме прилика да се запознаеме со потенцијалите и капацитетите на најуспешните студенти, што во голема мера ќе ни ја олесни работата при проценката и изборот на најдобрите, коишто би можеле да се развијат во наши идни квалитетни кадри.
6. Која е вашата лична порака до најуспешните студенти?
Не се плашите од превземање обврски и одговорности и сами да носите важни животни одлуки. Во таа насока, ако размислувате да заминете од Македонија, врз основа на моето лично искуство како човек кој живеел и работел во странство, би ве советувал – не секогаш финансискиот аспект да ви биде пресуден при донесувањето на крајната одлука. Работи, кои исто така треба да ги земете во вид, се дали ќе го работите тоа за што сте се едуциралеи сте потрошиле многу време, пари и енергија, или ќе работите нешто сосема различно што нема врска со вашата струка, а исто така знајте дека кај и да отидете, независно од должината на престојот, секогаш ќе бидете странец. Можеби звучи како клише фразата – „само дома си е дома“, но верувајте дека во неа се крие голема вистина.
Дополнително нешто што треба да се земе во вид е и ситуацијата во нашата држава, фактот дека се случуваат извесни придвижувања во позитивна насока. Еве, ако го земеме за пример градежниот сектор, неспоредливо поголеми се личните примања на младите инженери – почетници, сега, отколку во времето кога јас започнував да работам во Бетон како млад инженер. Или, во градежништво, вклучително и во Бетон, континуирано има повеќе отворени позиции за вработување на млад и квалитетен инженерски кадар, за работа на голем број капитални проекти кои ќе ги изведува Бетон во наредниот период, и тоа особено за кадри со практични и креативни вештини кои ќе можат сами да го изведат објектот, без да имаме потреба да ангажираме дополнителна работна сила.
ЗА АД БЕТОН СКОПЈЕ
Друштвото за Градежништво БЕТОН – Акционерско Друштво – Скопје е градежна компанија, која е основана во далечната 1947 година со интеграција на неколку мали и слабо опремени тогашни претпријатија
Многу години поминаа од оние ударнички денови кога БЕТОН со елан и жар се вклучи во битката за издигање на Tатковината од пепелот на Втората Светска Војна. Низ годините, минувајќи низ многу етапи на трансформации на самото општество, со постојан, континуиран и динамичен развој, БЕТОН израсна во една од водечките градежни компании на Балканот.
Денес БЕТОН е современа, високо технолошки опремена градежна компанија, подготвена да се носи со сите предизвици на модерната архитектура и на современите градежни оперативни зафати.
Нашиот главен мотив и поттик за нови предизвици се градбите кои остануваат позади нас и плеjадата задоволни Клиенти, Корисници и Инвеститори.
Градењето е наша инспирација! А инспирацијата низ времето не прави се подобри!
Comments are closed.