“Сѐ потешко е да се најдат квалитетни кадри со изграден карактер”
1.Каков беше патот на Димитар Миновски до позицијата генерален секретар во АМСМ? Кои беа клучните предизвици со кои се соочивте на тој пат?
Уште од 1983 година, кога како дипломиран правник се вработив во градската организација на АМСМ, бев среќен што ќе имам можност преку постојано стручно усовршување, што си го поставив како приоритетна цел, да добијам можност за градење и развој на мојата професионална кариера во еден сложен организациски систем, што за мене претставуваше голем предизвик. Имено, прво што требаше да се направи беше завземањето јасна позиција во хиерархиската поставеност на тогашното АМСМ и вклопувањето во мозаикот на постоечките меѓучовечки релации, што не беше лесно, доколку се земе во вид фактот дека се соочувате со кадри од останатите сојузи во републиките коишто ја сочинуваа поранешната југословенска држава, но и со соработници од Романија, Бугарија и другите соседни земји, кои беа далеку повозрасни од мене и беа научени да работат исклучиво по директиви кои доаѓаа од “централата”, и тешко прифаќаа нови идеи.
Токму успешното менаџирање на овие релации, во контекст на вечната битка “млади-стари кадри”, чија сложеност посебно дојде до израз во услови кога започнуваше радикалната трансформација на системот од социјализам кон пазарна економија, беше клучниот предизвик, но истовремено и шанса за напредок во хиерархиските скалила, што крајно резултираше со мојот избор за генерален секретар на АМСМ во 1993 година. Всушност, изборот беше логична последица на големиот придонес кој јас, заедно со тимот помлади кадри во фирмата, го имавме во процесот на успешно осамостојување на нашата организација од Авто Мото Сојузот на Југославија (АМСЈ), кој и покрај исклучително турбулентите случувања во опкружувањето, ние како млад тим, со многу ентузијазам, напор и мудра политика, го направивме без големи и посериозни потреси, во што морам да бидам искрен и да признаам дека многу ни помогна и умерениот пристап на тогашните високи функционери од централното раководство на АМСЈ.
2. Кои се Вашите најголеми предизвици и успеси, во периодот откако ја извршувате позицијата генерален секретар на АМСМ?
Откако се изборивме за независноста на АМСМ како самостојна организација, без да бидеме врзани за некои други центри на моќ кои ќе одлучуваат за нашите деловни политики, следуваше уште една од клучните битки насочена кон опстанок и меѓународно признавање на АМСМ, и тоа во услови на трговско ембарго од страна на Грција, што дополнително го комплицираше овој процес. На мое и наше огромно задоволство, процесот кој го започнавме во 1991 година, успешно финишираше во 1995 година, со што дефинитивно започна новата развојна етапа од животниот циклус на нашиот сојуз, а јас се профилирав како раководен кадар со изградени карактерни вредности и веќе солидно портфолио на успешно завршени проекти на мое конто.
Како нареден период, во кој под притисок на случувањата во надворешното опкружување, се случија сериозни турбуленции во организациската структура и стратегија на АМСМ, се издвојува периодот по 2006 година, кога во Македонија се направи крупен исчекор напред во развојот на пазарната економија, при што, за релативно краток временски период, законот за здруженија на граѓани претрпи неколкукратни измени. Имено, со една од овие измени им се забрани на здруженијата да извршуваат стопански дејности, што предизвика големи проблеми во нашето работење, бидејќи автошколата и техничкиот преглед пред сѐ работеа на бизнис-основа, генерирајќи профити од своето функционирање.
Всушност, ова беше клучниот момент што придонесе да се случи една од најважните трансформации на АМСМ, од доминантно бирократска и централно-управувана организација кон пазарно-ориентирана и современа мрежна структура, составена од 12 посебни трговски друштва. Имено, тие и покрај тоа што фунционираат во еден систем, од тогаш па наваму, претставуваат самостојни бизнис-единици и профитни центри (кои произлегоа од претходните 12 служби), раководени од 12 директори, коишто беа доедуцирани за да се оспособат самите да си формулираат сопствени конкурентски стратегии, во рамките на заедничките стратегиски правци на мрежата, утврдени од страна на највисоките извршни органи. На тој начин, АМСМ дефинитивно фати чекор со новото време и дополнително ја зацврсти својата конкурентска позиција, профилирајќи се како пазарен лидер во овој сектор, стекнувајќи сериозна предност пред најголемaта конкурентска фирма, која сеуште не успева да се прилагоди на новите пазарни услови на функционирање.
Токму, оваа пазарна трансформација на АМСМ ја сметам за еден од најголемите предизвици, но истовремено и најголем личен успех во мојата менаџерска кариера. Ова го велам од причини што за истата да се случи беше потребно да се превземат многу решителни и смели чекори, за кои, благодарејќи пред сѐ на многуте меѓународни контакти и искуства коишто ми помогнаа да ги согледам европските трендови, уште тогаш бев свесен дека ако не се случат, за брзо време и ние ќе ја доживееме сегашната судбина на најголемата конкурентска фирма.
3. Која е Вашата визија за развојот на АМСМ во наредниот петгодишен период? Колку е важна улогата на човечките ресурси, особено на оние со креативни и иновативни вештини во нејзиното остварување?
И покрај веќе споменатите потреси, предизвикани од случувањата во надворешното опкружување, надополнети и со голем број други кризни ситуации поврзани со одземањето повеќе ингеренции од страна на државата (пр:. издавање документација на пограничните премини, средување документи за визи, наплаќање царински давачки, продажба на запленетите царински возила, автомобилскиот спорт и др.), ние успеавме да станеме пазарни лидери, а сигурно ќе ја задржиме и уште повеќе ќе ја зацврстиме оваа позиција во наредниот петгодишен период.
Имено, успешната пазарна трансформација ни даде дополнителен “ветер во грб” за да дорасчистиме со некои процеси кои сеуште можеа да не закочат и вратат назад, а коишто во најголема мера се однесуваат на безболна и ефективна промена на кадровската структура во АМСМ. Во таа насока, посебно сум горд што речиси сме на крај на овој процес, при што замената на околу 100 кадри од постарата генерација (од вкупно 250 вработени), со нови и пазарно-ориентирани вработени, ја направивме без сериозни потреси. На тој начин, преку максимално искористување на искуството на повозрасните, и внесување свежина и нова енергија од страна на помладите, успеавме да обезбедиме кадровски континуитет во работењето, што според мене е еден од клучните предуслови за долгорочен опстанок, но и раст и развој на сложени организациски системи, каков што несомнено е оној на АМСМ.
Со тоа, создадовме ситуација да можеме во многу порелаксирана атмосфера да се фокусираме на креирањето подологорочна стратегија за нашиот иден развој, во која најголемиот дел од енергијата ќе ја трошиме кон надвор и нашите клиенти, кои преку нивното задоволство од квалитетот на добиените услуги и лојалноста кон АМСМ, ќе бидат сигурна гаранција за задржувањето на лидерската позиција и во наредниот период.
За таа цел, на сите нововработени им потенцираме дека покрај теоретските знаења во нивната струка, многу важно за успех во новото време е и нивното постојано надградување со сознанија од економската теорија, но и со практични вештини за бизнис-процесите, клиентите, конкуренцијата и сл., коишто може да се стекнат само преку искуствено работење. При тоа, ја користам секоја прилика да им потенцирам дека процесот на учење е постојан предизвик, кој нема крај, и тој е основен предуслов да си ги реализираат сопствените финансиски цели, а искуството кое не може да се стекне на друг начин освен со годините поминати низ работа, е клучниот фактор за унапредување и развој на личната кариера.
За жал, и ние сѐ повеќе ги чуствуваме новите трендови на пазарот на трудот во Република Македонија, според кои младите сѐ помалку се ориентирани кон градење кариера во една организација, туку многу често и бргу ги менуваат работните места, водејќи се пред сѐ од краткорочниот финансиски мотив. Дополнително, преовладува мотивот за брз напредок во хиерархиските скалила, така што сѐ потешко е да се најдат квалитетни кадри со изграден карактер, целосна посветеност кон работата и визија за постепен (“чекор по чекор”) и долгорочен професионален раст и развој.
Во однос на значењето на креативноста и иновативноста на вработените за идниот развој на АМСМ, би сакал да истакнам дека ние имаме креирано едно креативно јадро, кое, со исклучок на стандардизираните процеси, претставува локомотивата која ги влече сите останати деловни-процеси кон напред, бидејќи сме свесни дека без тоа, не може ни да се помисли на раст и развој во 21. век.
Од овие причини, постојано сме во потрага по кадри кои ќе имаат капацитет да ги следат најновите светски технолошки иновации, но и способност истите да ги имплементираат во нашата организација. Така на пример, во насока на освојување нови клиенти, ние откривме еден празен простор на пазарот во Република Македонија во однос на непостоењето лабораторија за испитување вентили, така што АМСМ ќе биде првата инстутуција која веќе е во процес на изградба и опремување на ваква лабораторија и само ние ќе имаме и акредитација за да ја извршуваме оваа услуга.
4. Која е вашата лична порака до најуспешните студенти?
Позитивниот младешки дух и големите амбиции се тие кои ве водеа во текот на студиите. Задржете ги овие клучни мотивирачки сили се додека не ги постигнете вашите замислени цели, бидејќи таквиот пристап сигурно ќе ве донесе до посакуваната животна дестинација. Немојте да дозволите тешките моменти коишто се присутни во животите на секој човек, да ве демотивираат до тој степен што ќе се откажете од овој пат. Запаметете дека нема проблем кој не можете да го совладате, но само ако имате јасна визија и цели, и доколку сте полни со позитивна енергија и желба за постојано учење, но и сте истрајни и максимално упорни на патот кон нивно постигнување. Ве уверувам дека во тој случај, успехот е неизбежен и само прашање на време е кога ќе се случи.
ЗА АМСМ
Основан 1945 годината, постоењето и развојот на АМСМ, го обележаа низа структурални и организациони промени, некои како резултат на времето, а пак некои како одговор на потребата да се биде и да се остане поблиску до постарите, но и новите генерации.
Како резултат на долгогодишното постоење, од една страна и континуираното залагање да чекориме заедно со најразвиените светски авто клубови од друга, денес со гордост можеме да кажеме дека АМСМ е современа организација во која се обединуваат богатото искуство и современите концепти на работење, карактеристични за потрошувачки ориентираните и модерни организации.
Тенденцијата со препознатлив ентузијазам да одговориме на современите трендови во областа, значеше и континуирано проширување на портфолиото на услуги. Во таа смисла, денес АМСМ е во можност на своите клиенти да им обезбеди комплетни и софистицирани решенија и услуги.
Благодарение на инсистирањето за постојано технолошко надградување и усовршување, денес АМСМ е современа организација со повеќе од 15.000 членови, кои ја препознале единствената вредност и квалитет на АМСМ услугите.
Несомнено е дека континуираното остварувањето на стратегиските цели на АМСМ би било невозможно без несебичното залагање и лојалност на повеќе од 300 вработени, кои денес претставуваат комбинација на младост и искуство и кои несомнено ќе ја подготват и понесат организацијата во уште поголеми достигнувања.
Comments are closed.