„Желбата за работа – клучот до вашиот личен и кариерен успех“
Во склоп на проектот „Најуспешните студенти учат од најуспешните претприемачи“ кој има за цел да ги претстави успешните претприемачки приказни во Република Македонија, НАПАГ го претставува интервјуто со д-р Емил Угриновски, генерален менаџер на Неуромедика
1.Каков беше патот на Неуромедика, до препознатлив бренд каков што е денес?
Основањето на Неуромедика во далечната 1992 година, претставуваше пионерски чекор на превземање приватна иницијатива во здравствениот сектор, во почетниот период на премин на македонското општество од социјализам кон пазарна економија. Во тоа време кога во Република Македонија сеуште не постоеше приватно здравство, кај нас имаше силна желба и голем ентузијазам да се направи нешто ново и различно, со што значително ќе се подобри квалитетот на здравствената услуга. Во таа насока, посебно сум горд што Неуромедика беше првата приватна здравствена институција, која благодарејќи на новите принципи во работењето во однос на љубезноста на персоналот, чистотата на објектите и сл., го понесе најголемиот товар на промените во здравството, со што значително придонесе за креирањето свесност кај пациентите за тоа дека и во Македонија може да се добие квалитетна здравствена услуга.
Во наредниот период брендот Неуромедика продолжи да расте со константна и стабилна стапка на раст, при што од 2004 година започна да се шири и надвор од Скопје (во останатите поголеми градови во Република Македонија), но што е уште позначајно и надвор од земјата. Имено, во 2005 година го проширивме бизнисот и во соседна Грција (Кукуш), што со текот на времето се потврди дека претставува исклучително исправна бизнис – одлука, за што сум посебно горд и истата ја сметам за еден од најголемите предизвици и успеси во мојата кариера. Имено, овој проект успеав да го реализирам до крај и да ја обезбедам потребната лиценца за работа и покрај сите опструкции од страна на грчките власти и песимизмот во однос на исплатливоста на инвестицијата, кој постоеше во моето најблиско опкружување.
Во целиот овој изминат период бројот на пациенти континуирано се зголемуваше, така што во претходната 2013 година вкупниот број посети во Неуромедика достигна бројка од 140,000, со што станавме здравствена институција со најголем број пациенти во Република Македонија. За оваа година очекуваме раст од 5-7%, со што ќе добиеме една импозантна бројка од околу 150,000 пациенти, што претставува 8% од вкупното население во државата. За обезбедување квалитетна здравствена услуга на сите овие пациенти, во клиниките на Неуромедика низ државата, се грижат преку 100 вработени, од кои 90% се со високо образование, а дури 60% се млади луѓе под 30 години, што укажува на фактот дека и кај нас младите здравствени работници можат да најдат работа и да успеат. Во прилог на ова тврдење, ќе споменам и дека во наредниот период имаме потреба и спремни сме да вработиме уште најмалку 30 луѓе, но за жал, реалната состојба на македонскиот пазар во моментот е таква што недостасува квалитетен кадар од оваа дејност и тоа е проблем кој посебно не загрижува.
Инаку, континуираното инвестирање во развојот на човечките ресурси е движечката сила и моторот на растот на нашата компанија и тоа е нешто што ја прави клучната разлика во однос на сите останати субјекти во здравствениот сектор. Свесни сме дека без постојана едукација на персоналот и нивно стекнување со нови знаења и вештини не може да се одговори на брзите промени во опкружувањето, така што нашите вработени се редовни гости на значајни конгреси и семинари кои се одржуваат во странство.
2. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто?
Како прва и дефинитивно најзначајна лична карактеристика за успех, би ја издвоил желбата за работа, која мора да бидеме реални и да си признаеме дека не ни е баш многу силна страна на овие простори. Всушност, ова е и клучната разлика по која се разликуваат луѓето, бидејќи сите во помала или поголема мера поседуваме вродена прирoдна интелегенција, која со работа и многу залагање може да се надогради во било која област за која личноста е заинтересирана . Исто така, кога станува збор за успех во услужна дејност каква што е здравствената, покрај стручноста и компетентноста на персоналот, како исклучително значајни би ги издвоил и љубезноста и пристапот спрема нашите клиенти, која особено треба да биде застапена кај вработените што се во директна и секојдневна комуникација со нив.
3.Кои се најголеми успеси на кои сте посебно горди?
Покрај импозантната бројка на пациенти, која веќе ја споменав, има и неколку други постигнувања на кои ние сме посебно горди, а јавноста не е доволно запозната за нив. Една од нив се петте магнетни резонанци кои ги поседува Неуромедика (три во Македонија и две во Грција) и три компјутерски томографи, при што посебно би сакал да потенцирам дека до пред извесно време во нашата држава имаше вкупно пет магнетни резонанци, вклучувајќи ги и нашите. Дополнителен наш успех, а воедно и голем придонес за заедницата е нашиот ангажман како официјална институција за сервисирање на ракометната федерација и многу клубови, а исто така ние сме задолжени и за санитетските обезбедувања на фудбалската федерација на Македонија, што претставува големо признание за нас, поради фактот што истите критериуми постојат во сите земји кои се членки на ФИФА и УЕФА. Имено, на сите натпревари ние сме присутни со преку 50 вработени, 3 возила, 11 медицински тимови, со подвижни болници и со опрема која е во вкупна вредност од преку половина милион евра. При тоа, највалидна потврда за нашиот квалитет и професионален пристап се највисоките оценки кои континуирано ги добиваме од сите надлежни служби, според кои ние сме подобро евалуирани дури и од колегите од Германија и останатите развиени земји. Благодарејќи на сите претходно споменати постигнувања, како и на фактот дека поседуваме врвна технологија со најсовремени апарати, можам без лажна скромност да констатирам дека Неуромедика се изгради како препознатлив бренд на домашниот пазар, но и во меѓународни рамки, со оглед на нашето речиси десетгодишно присуство и на европскиот пазар.
4. Во кој правец планирате да се развива Неуромедика во наредниот период? Која треба да биде насоката на развој на здравствениот систем во Република Македонија во иднина?
Ние веќе имаме добиено дозвола за градба на болница, за која почетните активности на изградбата ќе започнат во периодот околу нова година. Истата планираме да се гради во две фази, каде во првата фаза (во времетраење од 12 до 15 месеци) ќе се гради поликлиничкиот дел, а во наредниот период од 6 до 8 месеци, или во втората фаза, се планира да се работи на изградба на болничкиот дел. Откако ќе го реализираме овој крупен инфраструктурен проект (за помалку од две години и шест месеци), Неуромедика ќе прерасне во современа и модерна болница, чија посебност и различност во однос на останатите ќе се состои во задржувањето на понудата на вистински квалитет и грижа за секој индивидуален пациент. Или, нашата визија е да не дозволиме процесот на ширење да завземе мегаломански димензии кои ќе не оддалечат од индивидуалниот и љубезен пристап спрема секој наш клиент, нешто по што бевме и уште повеќе ќе бидеме препознатливи во наредниот период.
Во насока на идниот развој на целосниот систем на здравствено осигурување во Република Македонија, ние се залагаме и за понатамошна промоција и заживување на моделот на дополнително приватно здравствено осигурување, кој успешно функционира во голем дел од развиените земји. При тоа, и покрај тоа што лично не очекувам дека повеќе од 2-3% од македонското население ќе може да ги покрие трошоците за дополнителното осигурување (главно сопственици и менаџери на најуспешните претпријатија), сепак, во услови на пазарна економија не е коректно овие поединци (кои месечно плаќаат и по 20,000 денари за здравствено осигурување) да добиваат ист третман во здравствените установи, како и луѓето на кои дури и државата им го плаќа осигурувањето.
Секако, за да успее имплементација на овој модел и во Република Македонија, потребно е добро да се проучат најуспешните светски практики, по што ќе следи нивно прилагодување на нашите услови. Паралено, и на населението ќе треба да му се објасни дека бенефитите од овој модел ќе ги почуствуваат сите, вклучително и државата, бидејќи на тој начин ќе се растерети фондот за здравство од покривање на трошоците за онаа категорија граѓани кои ќе можат да си дозволат да платат повеќе за да добијат зголемен квалитет на здравствените услуги, со што фондот ќе располага со повеќе финансии и за лекување на социјално-ранливите категории граѓани. Дополнително, согласно праксата која постои во развиените земји, потребно е да се размислува и за изградба на специјални болници за лекување пациенти на кои државата им го покрива здравственото осигурување, каде ќе им се овозможи практична работа за стручно доусовршување на младите талентирани медицински кадри (доктори, медицински сестри и сл.).
5. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Мојата девиза гласи дека и во Македонија секој може да успее и да си го најде местото под сонцето, независно од тоа дали ќе се одлучи да работи за друг или ќе се обиде да стартува сопствена компанија во сектор за кој смета дека има најголем профитен потенцијал. Битна е само желбата за работа, јасната визија и континуираната работа во нејзина реализација. Доказ за тоа се големиот број македонски компании, кои се веќе препознатливи брендови и во светски рамки, при што истите постојано трагаат по талентирани квалитетни поединци, од струките кои им се најпотребни, на кои им обезбедуваат големи можности за развој на нивната професионална кариера.
Оваа констатација ќеја поткрепам и со примерот на Неуромедика, каде во менаџментот имам вработено двајца исклучително успешни менаџери, од кои и покрај нивната младост (имаат по 24 години), јас сум многу задоволен и всушност тие се мојата десна рака, кои многу ме растеретуваат од секојдневните обврски во менаџирањето на компанијата . Значи, возраста не претставува пречка за успех. Пресудна е желбата за работа, професионалниот пристап кон работата и искористување и надградување на природната интелегенција која сите во извесен степен ја поседуваме.
Или, да заклучам. И во Македонија може да се има пристојна заработувачка и да се живее релативно добар и квалитетен живот, со сите предности и недостатоци кои секако дека ги има тука, но нив ги има и секаде во светот. Јас, лично сум горд што живеам во Македонија, што овде сум започнал бизнис во кој вработувам и други луѓе, а истиот го имам проширено и во останати земји од ЕУ, што плаќам данок тука, со што и директно и индиректно им овозможувам и на моите деца да имаат солиден живот и да размислуваат за личната перспектива во својата матична татковина.
ЗА НЕУРОМЕДИКА
Неуромедика е првата приватна поликлиника во Р.Македонија која успешно работи веќе 23 години. Таа им овозможува примарна и секундарна здравствена заштита на своите пациенти. Низ постојаното вложување придонесува за континуирано подобрување на квалитетот на услугите. Посебен акцент на работата на Неуромедика е ставен на комплетната 24 часовна медицинска услуга со вклучена домашна посета од страна на нашите медицински екипи.
Нашата активност на полето на Поликлиничко-дијагностичката дејност е лоцирана на две локации во Скопје (Центар и Влае), Поликлиничко – дијагностички центар во Битола, Поликлиничко – дијагностички центар во Тетово, Поликлиничко – дијагностички центар во Куманово, Поликлинички центар во Штип и Дијагностички центар во Кукуш-Грција со ординации од општа пракса и специјалисти од сите области.
Неуромедика има повеќе од 100 вработени лица со високо стручна подготовка: лекари специјалисти и супспецијалисти од различни области, лекари општа пракса, медицински сестри, менаџерски тим и дополнителна администрација.
Comments are closed.