„Развивајте ги вашите креативни идеи и никогаш не се откажувајте“
Во склоп на проектот „Најуспешните студенти учат од најуспешните претрприемачи“ кој има за цел да ги претстави успешните претриемачки приказни во Република Македонија, НАПАГ го претставува интервјуто со Д-р Златко Симоновски, претседател на Управен одбор и генерален директор на ФАКОМ АД – Скопје, новиот партнер на асоцијацијата.
1. Кој беше патот на д-р Златко Симоновски до највисоката менаџерска позиција во Факом?
Патот до успехот никогаш не бил лесен, тоа веројатно ќе ви го потврдат многумина. Секоја приказна е различна но секогаш има нешто што ги обединува сите успешни приказни, а тоа е огромната желба да се успее, посветеноста, вербата во успехот и се разбира над се долготрајна и напорна работа. Патот до врвот е безмилосен, долг и речиси задолжително е стрмен и попречен со низа проблеми. Но тоа како по правило го дознавате дури откако ќе се искачите на врвот и ќе погледнете надолу. Растев во време кога патот на кариерата сами си го трасиравме и поминувавме. По завршувањето на Правниот факултет во Скопје, започнав да работам како општствено- политичи работник во Општествена конференција на Сојузот на Социјалистичка Младина на Македонија во Прилеп. Оттаму кариерата ја продолжив во Електростопанство на Република Македонија, во државна сопственост и таму останав се до неговата приватизација. Таму всушност започна мојата менаџерска кариера, најпрво како раководител на правен сектор во Електродистрибуција – Прилеп а потоа и како заменик директор на Електродистрибуција – Прилеп до Помошник Генерален директор задолжен за правни прашана на цело ЕСМ во Скопје. Во 2006 година доаѓам на позицијата директор на Репротраст а во ФАКОМ доаѓам прво како претседател на Одбор на директори а подоцна, со промена на управувачкиот модел станав генерален директор и Претседател на управниот одбор на друштвото.
2. Кои се најтешките предизвици со кои се имате соочено во развојот на вашата кариера?
Предизвиците се тие кои охрабруваат и водат напред, секако доколку не се откажуваш и токму во тоа е тајната на успехот, начинот како човек се справува со тешкотиите, дали ги презема ризиците и дали продолжува да се искачува по скалите нагоре недозволувајќи уморот и сомнежот да го совладаат. Кога би размислил кој ми бил најтежок предизвик во мојата кариера тоа веројатно беше моментот на трансформацијата на ЕСМ.
3. Што би издвоиле како најголем ваш досегашен успех на кои сте посебно горди?
Не би можел да одвојам ниту би сакал да зборувам за конкретни моменти и настани. Кога зборуваме за успех тогаш тоа е една целина, успешна кариера или успешна личност а тоа го сочинуваат низа на чекори и активности кои човек ги презема, предизвиците кои ги поминува и личноста која со текот на годините станува. Секој успех и во областа на науката, објавувањето на мојата прва и втора книга, но и во областа на менаџерската кариера ме прави горд и ми е драг.
4. Според ваше мислење, кои се неколку клучни фактори за личен и кариерен успех?
Да го избереш вистинскиот пат треба да донесуваш вистински одлуки во вистинско време но патот на животот е резултат на многу одлуки кој до тој момент сме ги донесле и спровеле во дело. Животот честопати те носи на крстопат каде се очекува од тебе да донесеш одлуки а некои одлуки имаат одлучувачко значење и ја детерминираат твојата кариера или твојот живот. Не треба само да го избереш патот по кој ќе одиш. Многу поважно е да истраеш одејќи по него и секогаш кога ќе станува тешко да помислиш на целта и мотивот кој те водат напред. Да успееш во животот е многу повеќе од една приказна за успешна кариера. Ќе тргнеш со желба и идеја, ќе додаваш посветеност, мотив, континуирана желба за нови знаења, учење, иновативност, храброст да се поминат тешкотиите и многу, многу работа. А за секој успех треба време, затоа стрпливоста и истрајноста се препорачливи исто така на патот кон успехот. Ако понекогаш ви се чини дека имате „инстинкт“ кој како добар импулс ви кажува што треба да направите, тогаш знајте дека зад него стои длабоко вкоренето искуство од вашето долгогодишно работење, мултидисциплинарно знаење, постојана едукација и секако способност за анализа на можните сценарија и предвидување на моментите и настаните.
За успех се потребни многу енергија и упорност, интелегенција, знаење и компетентност, добра проценка, самодоверба, креативност и иновативност, објективност, ентузијазам и посветеност.
5. Колку е важна креативноста и иновативноста за успех во кариерата?
За иновативноста и креативноста сум зборувал во многу прилики. Во 2010 година во ФАКОМ донесовме правилник со кој го поттикнуваме и вреднуваме иновативното творештво во компанијата. Овој акт зборува сам за себе колку иновативното творештво е ценето и важно во техничко-технолошкиот процес на една производствена дејност како што е нашата но и за самиот поединец. Обично велам дека креативните луѓе се мислечка локомотива која постојано влече напред. Само тим составен од креативни луѓе може да се надева на успех. Ако еден тим има цел да биде успешен, не смее да се задоволи со просечни резултати а тежнеењето кон нови и подобри резултати е одлика на амбициозни и иновативни луѓе. Јасно е дека ако не постоела иновативноста кај Едисон немало да ги имаме ниту електричната светилка ниту телефонот каков што го знаеме. Оттука сметам дека иновативна и креативна личност има солидна основа да успее во она што го работи. Развивајте ги вашите креативни идеи и никогаш не се откажувајте.
6. Која е вашата визија за иднината? Каде се гледате за 5 години? Во кој правец треба да се движи развојот на Македонија во наредниот период?
Визија за иднината е визија кога таа вклучува план за нејзино остварување. Доколку е само идеја, со текот на времето останува неостварена желба односно, визија без акција е халуцинација. Треба да имате цврста волја но и план како да стигнете онаму каде што сакате и да не се плашите да носите одлуки во животот. Што се однесува до правецот за економски развој на државата во повеќе моменти сум истакнал дека целта на нашата држава би требало да биде градење политика на конкурентска предност на македонските компании на меѓународниот пазар но пред се теба да се обезбедат услови за рамноправна конкурентност и на домашниот пазар. Сметам исто така дека треба да се изработи сет мерки и активности кои треба да се преземат прво за справување со нелојалната конкуренција на домашниот пазар а потоа потребна е координирана економска политика помеѓу монетарната и фискалната власт за да се обезбедат финансиски средства со поволни каматни стапки. Додека пак менаџерските тимови во компаниите треба да преземат потребни мерки за усвојување на нови технологии, know-how, нови методи и знаења со кои ќе ја зголемат својата конкурентска предност, добијат производи со додадена вредност и ќе ја поправат својата позиција на пазарот. На тој начин ќе се подобрат условите за живот во нашата држава и ќе се зголеми животниот стандард на нашите граѓани.
7. Ваша лична директна порака до најуспешните македонски студенти.
Моќта и иднината е во младите и само нивниот творечки и иновативен дух може да ја промени сивата реалност во која живееме. Колку поголеми соништа имате, толку е поголема мотивацијата да ги остварите. Предизвици секогаш ќе има, а тоа не значи дека треба да сопреме и да се откажеме. Не го поминувајте животот како жртви обвинувајќи ги другите за вашите проблеми и неуспеси, прифатете ги предизвиците и тргнете напред, ги имате сите предиспозиции да успеете во животот и трудете се да ги надминете предрасудите. Наместо нив станете одговорни за свиоте постапки и прифатете ги последиците. На пример почнете вака: ако сакате да бидете менаџер, треба да сте свесни дека тоа не е функција која ви е доделена и која треба да ја носите, туку работа која макотрпно и одговорно треба да ја сработите. И одговорно тврдам дека тоа е најтешката работа која ќе ја одберете за себе, да носите целосна одговорност за целата компанија за сите вработени и за се што се случува и наоѓа таму. Работете и верувајте во својот успех, на крај и самите создавајте си ги можностите во животот.
ЗА ФАКОМ АД-Скопје
Факом е формиран во 1960 год за потребите на изградбата и инвестиционото и тековното одржување на Рудници и Железарница "Скопје" – Скопје. Многу бргу ја надраснува својата улога и почнува да работи и за клиенти во поранешна Југославија и странство (Ирак, СССР, Виетнам, Либан, Камерун и повеќето европски земји). Како еден од најголемите капацитети во регионот во 1982 год се одвојува како посебна организација.
ФАКОМ АД – Скопје успеа да ги преброди сите критични моменти кои беа последица на распадот на Југославија и пазарот, ембаргото на Грција (1994-95), кризата во Србија (1999), конфликтот во Македонија (2001) и прилагодувајќи се "во од" изврши трансформација во пазарно ориентирана компанија, пермантно зголемувајќи го годишното производство. Во 2006 год. е извршена трансформација и на сопственичката структура, а во 2007 год извршени се организационо – структурни промени.
Основна дејност на ФАКОМ АД – Скопје е производство и услуги од металопреработувачка дејност и опфаќа проектирање, производство и монтажа.
Comments are closed.