“Дрскоста и младиот дух задржете ги засекогаш”
1.Каков беше патот на Златко Најдовски до позицијата Генерален директор во една голема компанија како Битолска Млекара?
По отслужувањето на воениот рок, и покрај тоа што немав некој посебен интерес за животните, донесов одлука да студирам на Ветеринарниот факултет во Белград, за што имав добиено и стипендија, со оглед на дефицитарноста на ветеринарната струка во тоа време. Имено, со Белград како град немав ниту некоја лична поврзаност, но клучната причина за оваа моја одлука беше општо познатиот факт дека белградскиот Електротехнички и Ветеринарен факултет се најтешки за завршување, што за мене претставуваше посебен и многу интересен предизвик.
По дипломирањето, извесно време останав во Србија, каде и го започнав развојот на мојата професионална кариера. При тоа, еден од пресудните моменти се случи во 1996 година, кога и покрај формирањето лабораторија за испитување на млеко и во Битола, што беше јасен сигнал дека и во Македонија фалат кадри и поквалитетен менаџмент во овој сектор, јас со големо задоволство заминав во Холандија, прифаќајќи ја понудата за работа од страна на една холандска консултантска фирма во областа на сточарството, која соработуваше со компанијата каде дотогаш бев вработен. Значаен проект тогаш беше увозот на 2000 јуници од Холандија во Македонија, каде тогашната фирма работеше како поддршка во спроведувањето на проектот. Мојата воодушевеност во тој момент беше огромна, имајќи ја предвид висината на платата која ми беше понудена, но и големата слобода и двата основни принципи во работењето на фирмата и тоа “learning by doing” и “seeing is believing” (кои се и мои вредносни принципи), што ми овозможија со голем ентузијазам да го искажам целото мое знаење кое го поседував.
Дополнително, иако можев да ја земам целосната плата, се одлучив да ја искористам можноста за вложување на извесен дел од личниот доход во моја понатамошна едукација во странство, што понатаму, откако започнавме да работиме низ целиот Балкан, ми овозможи да бидам назначаен за менаџер во овој регион. Во тој период од неколку години беа направени неколку успешни проекти на целиот Балкан, од кои највредни за споменување се Ч изградбата на една мала млекарница во Македонија, неколку модерни фарми во Србија и имплементирање на систем на индивидуална контрола на млеко на фарми во Војводина. Core бизнисот беше модерен менаџмент на комерцијални фарми и валоризирање на млекото. После извесно време постоеше голема веројатност за заминување во Татарстан и Виетнам каде преку “outsourcing” требаше ова стекнато знаење да го пренесеме и на тамошните големи млекарници.
Потоа, или во 2006 година се случи и вториот пресуден момент, кога од страна на Имлек, кој во тој период ја скенираше состојбата во млекарскиот сектор на македонскиот пазар бев повикан да го искажам своето мислење околу потенцијалите за негов иден развој. По овој ангажман, како резултат на мојата огромна желба да се вратам дома, во 2007 година, откако на коректен начин го раскинав договорот со холанѓаните, позитивно одговорив на директната понуда која ја добив од нивна страна за работа како консултант на генералниот директор, со одговорност да ја водам суровината за откуп на млеко. Потоа, во периодот од 2009 до 2013 гдина ја извршував функцијата директор на суровина, по што следуваше моето назначување за Генерален директор.
2. Кои се клучните предизвици со кои се имате соочено во животот и во развојот на вашата професионална кариера?
Тешко прашање, на кое навистина не би можел да ви дадам прецизен одговор. Лично, сум имал милијарда предизвици во мојот живот и низ работата, кои се посебно изразени во брзиот свет во кој денес функционираме. Имено, за разлика од претходно кога сѐ се одвиваше премногу споро, сега, промените се случувуваат на дневна основа и треба да носите одлуки и да постигнете ефекти за страшно брзо време. Со други зборови кажано, денес немате многу време на располагање за да мудрувате.Треба да бидете ефикасни и брзо да делувате, што од една страна е олеснето благодарејќи на интернетот, но истовремено се соочувате и со проблемот на некредибилност на големиот број достапни информации.
Дополнително, предизивиците произлегуваат и од нашата големина, со оглед на природната тенденција на луѓето да имаат симпатии и да им помагаат на помалите и послабите. Така што, и во животот и во бизнисот постојано се соочувате со безброј искушенија и кризи, кои може во секој момент да бидат причина да се откажете, предомислите и да не истраете во реализацијата на вашите намери. Но, за да се издржи во овие тешки ситуации, клучна е вербата во она што го работите и истрајноста тоа да го завршите на начин каков што вие верувате дека е исправен, независно од сите останати случувања и предизвици. Како резултат на овие вредносни принципи, ние сѐ имаме пребродено, вклучително и прифаќањето на европските правила на игра, преку обезбедување европски извозен број и дозвола за извоз во Америка, наспроти нивното непочитување од страна на некои наши конкуренти, кои доаѓаат и од земји-членки на ЕУ.
3. Што е пресудно за да се успее во животот и во бизнисот? Колку креативноста и иновативноста се важни за успех?
Не постои универзален клуч за една работа да успее, но сепак најважно е да се има исклучително високо ниво на дисциплина во работењето, а при тоа да се стимулира и креативноста, која и тоа како е значајна за да се постигне успех. За да се овозможи сето тоа, потребно е да се зголеми мобилноста на духот (не круто да се држите за поставените цели, затворајќи се за прием на нови информации), или потребни се постојани промени, позитивен дух, проток на енергија, информации и квантум на знаење, како иницијални каписли кои ние нон-стоп настојуваме да ги иницираме во компанијата. Имено, според мене, енергијата не ја дава балансот, туку дисбалансот. Движењето на енергијата се појавува кога имате дисбаланс. При баланс, нема многу можности за напредок.
Во таа насока, посебно задоволство ми е да потенцирам дека во Битолска Млекара, сите вработени имаат максимална слобода да си го кажат своето мислење преку воспоставен систем на директна комуникација. Ние во компанијата немаме проблем да го слушнеме мислењето на сите, но имаме аверзија спрема оние луѓе кои не знаат да размислуваат дедуктивно и кои не ги знаат основните комуникациски принципи. Во однос на енергијата само ќе додадам дека мерењето на успехот исклучиво преку парите не треба да биде клучен мотив во секоја животна акција (и покрај тоа што треба да се знае да се процени вредноста на личните цели), затоа што и во тој случај нема движење, или нема енергија. Јас низ кариерата секогаш сум постапувал на овој начин, без да размислувам дали она што ќе го направам е соодветно вреднувано како што треба. При тоа, се изнаслушав коментари од типот -“дали сум бил нормален да одам до Белград”, па уште и “со сопствено возило”, “не сум бил доволно платен за да го правам тоа” и сл. Но, јас сум терал по својот пат, при што во секој животен предизвик сум влегувал целосно, или како што се вели “сосе чевли”.
За да се наметне таков стил на раководење и во една голема компанија, потребно е да не “бидете премногу мудри”. Имено, доколку мудроста што ја акумулирате во текот на животот ви стане опсесија во управувањето со фирмата, вие всушност ја потопувате оштрицата на вашето знаење и ентузијазам, а со тоа и на енергијата која треба да ја пренесете на останатите, со што станувате еден обичен медиокритет кој се топи во сивилото, или во кошницата. Значи, во оваа прилика сакам и јавно да ги споделам моите ставови по однос на следнава констатација и прашање “Точно е дека сега, во овие години сум многу помудар, но дали е правилно, оваа моја мудрост да ја спроведувам и во пракса?”. Мојот одговор е не. Всушност, јас би ја оставил мудроста во позадина, а со полно срце би го прифатил младалачкиот (“зелен”) и дрзок (но не безобразен) дух од студентските денови, кога директно и без пардон го кажуваш тоа што го мислиш.
Токму тоа и се обидувам да го промовирам како стил на раководење во компанијата, максимално почитувајќи го мислењето на секој вработен, посебно на младите, што резултираше со голем број креативни и иновативни проекти иницирани од нивна страна. Во таа насока, ќе го потенцирам проектот за општествена одговорна практика насловен како „Прегратка на дар“ со кој пред две години ја претставувавме Република Македонија во Брисел. Имено, во рамките на проектот ги посетивме сите 150 градинки во Македонија и ги едуциравме дечињата за хуманост и солидарност, но тоа го направивме не само со едноставна посета на градинките (каква што била праксата во претходните години, пред да се вклучи БиМилк во неговата реализација), туку на сосема друг и покреативен начин . На тој начин, значително се зголеми креативноста и ентузијазмот на сите учесници во проектните активности, што крајно резултираше со награда за проектот. Значи, и овој пример е потврда дека ако имаш волја, желба и ентузијазам, успехот е неминовен.
4. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Најтешко ми е кога гледам како млади луѓе бегаат од Македонија. Самото тоа што БиМилк постои на овие простори е доволна порака за тоа дека и тука има простор за успех. И ние тука, имаме многу паметни луѓе и воопшто не заостануваме зад останатите во светот. Всушност, тука можете и полесно да се истакнете отколку во странство. Потребна е само верба. Верувајте во себе, и истрајте во патот кон реализација на вашата цел. Држете ја вашата верба на високо ниво. При тоа, знајте дека квантумот на знаење е работа за која неможете да кажете каде е крајот. Акумулирајте знаење постојано, а со тоа ќе дојде и креативноста. За да се случи тоа, кажувајте ги своите мислења на директен начин, а не преку параболи или преку некојси општо прифатен систем на комуникација (“модерен бонтон”). Или, дрскоста и младиот дух задржете ги засекогаш. Само внимавајте да не преминат во безобразлук. Секогаш велат, млад си, зелен си. Но, дефинитивно не е така. Не секаде и не секогаш победува мудроста. Победува она што е конкретно, или она што треба да се случи и да се направи. На Македонија и требаат позитивни примери на успешни млади луѓе, и сите ние треба да ги потенцираме и раскажуваме тие примери. И крајно, гледајте вашето знаење и креативност да ги валоризирате и ефектуирате во Македонија!
ЗА БИМИЛК
Со традиција уште од 1952 година, Млекара АД Битола – Бимилк денес е најголемиот производител на млеко и млечни производи во Р. Македонија, задоволувајќи ги секојдневно потребите на повеќе од милион потрошувачи.
Млекара АД Битола поседува врвен стандард за управување со квалитетот и контрола на безбедноста на храната – ISO 22000 (интегриран стандард од HACCP и ISO 9001) и стандард за заштита на животната околина ISO 14000. Млекара АД Битола е единствена млекарница во Р. Македонија која поседува извозен број за извоз во земјите на Европската Унија, што е врвен доказ за квалитетот на производите.
Во општествена смисла Бимилк е олицетворение на вистински партнер со природата кој тежнее кон одржување и промовирање на здрав живот и здрава животна средина. Грижата и посветеноста на сите вклучени кооперанти, соработници, враотени и потрошувачи гсоздава совршен спој на пеиродата и иновативноста во нашите здрави и висококвалитетни производи, што всушност е она за што се залагаме.
Од 2007 година Млекара АД Битола е дел од најголемата групација на млечната индустрија на Балканот – Danube Foods Group. Почетокот на оваа година инвестицискиот фонд Mid Europa Partners, најголемиот инвестициски фонд специјализиран за инвестиции во централна и источна Европа, ја превзеде групацијата Danube Foods Group.
Comments are closed.