“Ништо во животот не е случајно”
1.Каков беше патот на Кирил Трендафилов до позицијата Генерален извршен директор во Близу Македонија? Кои беа клучните предизвици со кои се соочивте на тој пат?
За да се стигне до највисоката менаџерска позиција во една голема компанија треба да се изоди долг пат, кој секогаш е исполнет со разни предизвици и животни искушенија. При тоа, многу луѓе знаат да кажат дека за сѐ во животот е потребно да имаш к’смет, во што и јас се сложувам, но истовремено и додавам дека тој не доаѓа сам од себе, или како што често знаат да кажат постарите “к’сметот работи за тебе, но понекогаш и ти треба да поработиш за него”. Всушност, тој е последица на она што претходно го имаш сработено, во смисла на стекнување знаење и искуство, но пред сѐ во насока на изградба на личност со здрав карактер и високи морални вредности. Значи, според мене “само со давање се зема”, и ништо во животот не е случајно, така што за да те посака среќата и нешто да добиеш, мора многу и да дадеш, односно “треба да си фрлиш пред тебе, за да си најдеш зад тебе”.
Сличен беше и мојот пат до позицијата Главен извршен директор во Близу Македонија. Имено, развојот на професионалната кариера го започнав непосредно по дипломирањето на електротехничкот факултет во Скопје, кога како млад инженер-информатичар, се вработив во фирмата Застава од Охрид. Тоа беа времиња кога компјутерите за голем дел од населението сеуште беа непознаница, но и период во кои започнаа да дуваат нови плурални и транзициски ветришта во Република Македонија. Во такви услови, оваа голема социјалистичка фирма не успеа да се снајде и западна во криза, така што по околу 4,5 години поминати во неа, или во 1992 година, решив да излезам од таму и да започнам сопствен бизнис за изработка на софтвер за водење сметководство, кој беше наменет за големиот број мали фирми коишто никнаа во тоа време.
Со оглед на фактот што бевме меѓу првите кои го понудија овој софтверски производ, за кој со гордост можам да кажам дека во надградена верзија сеуште се применува од страна на некои од оние 300 клиенти коишто ги стекнавме во тој период , бизнисот прилично добро се развиваше, така што успевавме заедно со моите партнери да обезбедиме солидна егзистенција за нашите семејства. По седумгодишно успешно водење на оваа мала фирма, иако не добив значителен финансиски бенефит, стекнав голем број релации како и многу нови знаења за разни аспекти поврзани со раководењето на еден бизнис, а посебно за управувањето со финансиите, коишто многу ми помогнаа во стартот од градењето на менаџерската кариера во телекомуникацискиот сектор. А, тој се случи во 1999 година, и тоа непосредно по враќањето од тренинг-центарот за менаџери во Осака, Јапонија, каде со стипендија на една јапонска фондација имав шанса да посетам тринеделна интензивна обука за стручно усовршување и совладување на повеќе практични и корисни менаџерски алатки, кои во голема мера ги надградија моите познавања во оваа област.
Имено, тогаш поминав низ еден од оние клучни моменти во животот, кога благодарејќи на сето она што си го “фрлил пред тебе” (знаење, искуство, коректност, релации и сл.) проработува и твојот к’смет, така што во битката со двајца противкандидати, која помеѓу нив особено се вжешти по моето заминување во Јапонија, ми се насмевна и среќата, и веднаш по враќањето во Охрид бев назначен за директор на Македонски Телеком во охридскиот регион, со што и преку овој пример, по којзнае кој пат се потврди старото добро правило-“кога двајца се караат, третиот користи”.
По влезот во овој голем организациски систем, кој во тие моменти имаше монополска позиција на пазарот, каде како раководител требаше да се менаџира со 300 вработени и да се опслужуваат над 40.000 корисници во 4 градови, следуваше краток, но многу интензивен период од 11 месеци, во кој со многу напорна и пред сѐ теренска работа, успеав да постигнам одлични резултати и во делот на намалување на трошоците, но и во однос на значително зголемување на бројот на претплатници. На тој начин, за релативно брзо време, во споредба со вообичаениот временски период за напредок во хиерархиските скалила во една голема компанија, за кој се вели дека изнесува околу 3 години, се искачив на позицијата оперативен директор на централно ниво, со задолженија за управување со оперативното работење на 14 централи низ Македонија, по што започна ново поглавје од развојот на мојата професионална кариера.
Имено, од тогаш па се до денес, речиси 15 години сум со работен престој во Скопје каде и живееме со моето потесно семејство, при што и по успешно спроведената приватизација на Телекомот во 2001 година, и покрај смената на 4 генерални директори (што е исто како да смените 4 фирми), благодарејќи на мојот професионален, искрен и коректен однос спрема работата и луѓето, ја задржав раководната позиција во фирмата. Всушност, извештаите од длабинските и сеопфатни истражувања на претходните резултати на менаџерските кадри, но и проценката на нашите карактери, со чија помош новите директори добиваа целосна и многу реална рентген снимка за нашите личности, беа мој најголем адут за останување на истото ниво во хиерархиското скалило, и покрај честите промени на највисоко ниво.
Сепак, откако се либерализираше телекомуникацискиот пазар во Република Македонија, Телекомот влезе во фаза на стагнација, што за мене како човек кој постојано е во потрага по нови предизвици беше доволен сигнал за излез од оваа компанија, кој самоиницијативно и се случи во 2007 година. Кога сме кај предизвиците, ќе споменам дека во 2005 година направив обид за влез во посериозни политички води, со мојата кандидатура за градоначалник на Охрид, кој и покрај тоа што беше неуспешен, сепак претставуваше уште едно големо искуство за мене кое ми отвори нови видици, хоризонти, релации и сл., што многу ми помогнаа во развојот на професионалната кариера во наредниот период. На овој чекор се одлучив затоа што имав јасна визија за развој на Охрид и силна желба истата да ја реализирам, бидејќи многу си го сакам мојот роден град, така што скоро и да не пропуштам викенд а да не сум во Охрид, каде дружењето со членовите на пошироката фамилија и пријателите од детството, ми претставува единствен и незаменлив полнач на енергија која ми е неопходно потребна за извршување на секојдневните работни обврски во Скопје.
По излегувањето од Телеком, следуваше краток, но повторно интензивен и полн со предизвици едногодишен менаџерски ангажман во Сивус од Скопје, каде имав прилика, со уште поголема динамика од претходно, да работам со странци и луѓе од разни краишта на светот, што всушност стана и една од основните карактеристики на сите мои идни работни ангажмани. Дополнително, резултатите од работата во Сивус, дефинитивно ме профилираа како менаџер со изразита експертиза во областа на организациски промени насочени кон креирање cost-effective компаниска структура, која уште повеќе се зацврсти преку проширувањето на моите практични вештини, со теоретските сознанија стекнати за време на ЕМБА-студиите , на Американскиот универзитет во Бугарија (AUBG).
По давањето отказ во Сивус, кој лично на маса му го врачив на сопственикот, поради неговите заложби за воведување принципи во работењето според кој “сите се исти”, наспроти почетните договори и моите настојувања кои беа во насока на воспоставување систем за мотивација на вработените базиран на постигнати резултати, извесно време (околу осум месеци) немав работен ангажман, што на некој начин и позитивно ми делуваше за да се стабилизирам и ги наполнам батериите за идните предизвици.
Во 2009 година позитивно одговорив на повикот од Тотал ТВ, како мал сателитски кабелски оператор со околу 10-15 вработени, чии сопственици ме побара за да им помогнам при нивното позиционирање на македонскиот пазар. Но, по само една и пол година успешно работење во оваа фирма, преку headhunter (ловец на таленти), добив телефонски повик со понуда за интервју за извршување на главната менаџерска позиција во тогашниот Кејблтел (денешен Близу), и тоа непосредно по нејзиното купување од страна на шведскиот приватен инвеститорски фонд EQT, чија стратегија беше двете сестрински фирми (Близу Бугарија и Кејблтел Македонија) да ги реорганизира, да ја зголеми нивната профитабилност, по што истите ќе ги продаде.
Откако поминав низ серија интервјуа, ја добив оваа позиција која всушност ја извршувам од февруари 2011 година, па се до денес, и покрај тоа што од јуни 2014 година Близу Македонија е во сопственост на Телеком Австрија Групацијата, која е присутна на македонскиот пазар веќе 7 години преку Вип оператор, како втор по големина мобилен оператор на пазарот. Всушност, задржувањето на оваа позиција се должи повторно на одличните резултати кои се постигнаа во изминатиот период во делот на поставување темели на cost-effective организациска структура, со што дупло се зголеми профитабилноста за период од 4 години, што ни обезбеди многу повеќе средства и за голем број инвестиции насочени кон проширување на производниот микс, подобрување на квалитетот на нашата услуга и зголемена грижа за постоечките и новите корисници. Како поткрепа на нашите успеси, само ќе го споменам податокот дека значителното подобрување на перформансите на Близу Македонија во изминатиот период, беше клучната причина EQT да се одлучи за нејзина продажба во 2014 година, а од друга страна да има и заинтересиран купувач.
2. Кои беа клучните животни лекции кои ги научивте на овој долг пат? Кои моменти би ги издвоиле како пресудни за вашиот напредок во професионалната кариера?
Секоја фаза од развојот на професионалната кариера беше исполнета со голем број предизвици и животни лекции кои влијаеа врз развојот на мојата личност. Така, уште при првото вработување во Застава, требаше да се изборам со моментумот на разочарување, предизвикан од сознанието дека теоретските знаења стекнати на факултет, речиси воопшто не ми беа корисни во извршувањето на секојдневните работни ангажмани. Имено, тогаш си го поставив прашањето – “за што, всушност ги потрошив неколкуте години поминати на студии?”, кога буквално ми требаше уште цела година работа во фирмата, за да се доведам во ситуација барем нешто од она што го го имав научено да започнам да го применувам во пракса. Сепак, со тек на време, работите си дојдоа на свое место и сѐ повеќе започнав да ги искористувам бенефитите и од формалното образование, кои во најголема мера дојдоа до израз при стартирањето на мојата фирма.
Второ нешто што би сакал да го издвојам е чувството на огромна трема и страв коешто го имав при напуштањето на сопствениот бизнис и влезот во Телеком како голема компанија. Имено, од ситуација во која бев и сопственик и менаџер на сите деловни активности во еден мал и семеен бизнис, превземав раководна позиција во еден сложен организациски систем, што за мене, како човек на 37-годишна возраст беше посебен предизвик, бидејќи преземав голема одговорност , а како човек, не сакам да се срамам за стореното. Исто така, не сакав ниту да ги разочарам луѓето кои ми ја доверија оваа одговорна функција, што ми создаваше дополнителна внатрешна тензија. Овие стравови ги пребродив во оној момент кога сфатив дека всушност и нема многу разлика помеѓу голем и мал бизнис. Или, дека единствената разлика е само во бројот на нулите на крајот од билансните ставки, а сѐ друго останато исто. И уште повеќе. За многу брзо време дознав дека доколку успееш да изградиш добар тим, дури и многу е полесно да менаџираш со голема компанија.
Крајно, во овој дел ќе споменам еден момент поврзан со интервјуто за позицијата Главен извршен директор во тогашен Кејблтел (денешен Близу). Имено, како што кажав и претходно, на интервјуто бев препорачан од страна на headhunter (ловец на таленти), кој ми се јави по телефон (уште додека бев во Тотал ТВ) за да ме праша дали сум заинтересиран да бидам интервјуиран за највисокото менаџерско место во една голема компанија. Јас се согласив, но бидејќи веќе имав информации за која фирма станува збор, на интервјуто заминав комотно, без некои големи очекувања. Всушност, мојата релаксираност, како и самодовербата стекната низ претходните работни искуства беа и пресудни за да се доведам во ситуација во која, на едно од прашањата поврзано со обезбедувањето три позитивни референци за мене, мојот одговор да гласи – “а, може ли покрај три добри, да ви дадам и три лоши препораки, бидејќи не е возможно да нема такви, па откако ќе ги дознаете моите јаки, но и слаби страни, тогаш одлучете и направете ја финалната проценка”. Подоцна дознав дека, всушност овој одговор бил пресуден за мојот избор.
3. Кои се најголемите успеси на кои сте посебно горди? Во кои периоди од животот и развојот на вашата професионална кариера сте биле најкреативни?
Како што споменав претходно, резултатите беа тие кои ме движеа по нагорна линија во развојот на мојата професионална кариера. Сепак, во оваа прилика ќе издвојам неколку успеси на кои сум особено горд. Првиот е поврзан со периодот кога бев регионален директор на Телеком во Охрид, кога, иако во услови на монопол кога луѓето немаа ниту телефонски приклучоци (интернетот дојде покасно), со деноноќен ангажман на терен (буквално решавајќи ги индивидуалните проблеми, одејќи од куќа на куќа) успеавме за многу кратко време значително да го зголемиме бројот на клиенти и да го подобриме квалитетот на услугата, со што по автоматизам пораснаа и приходите на регионалниот центар со кој јас раководев.
Исто така, посебно сум горд, што на мое инсистирање, во ноември 2011 година се случи и целосното ребрендирање на Кејблтел во Blizoo (Близу), што беше прв пример во Република Македонија во името на некој кабелски оператор да ги нема зборовите “кабел”, “ТВ” и сл. Со тоа, всушност сакавме да пратиме порака дека го менуваме имиџот, во компанија која ги следи новите трендови (Blizoo на англиски буди асоцијации на социјална мрежа, нешто современо и сл.), но истовремено и компанија која е клиентски ориентирана и секогаш блиску (“Близу”) до нашите крајни корисници.
Успех, со кој исто така се гордеам е и тоа што се изборив да не потклекнам и да ги прифатам сугестиите на претпоставените, од кои, веднаш по мојот влез во Близу, прво нешто што добив беше список на вработени на кои требаше да им дадам отказ. Всушност, од нив побарав да ми остават доволно време за да можам јас лично да направам проценка за капацитетите на секој поединец од тој список. Тоа и беше сторено од моја страна, по што со задоволство можам да констатирам дека до денешен ден речиси половината од луѓето кои требаше да добијат отказ, сеуште се во Близу , некои дури и на раководна позиција, а некои други вработени кои не беа на списокот, сами си заминаа од фирмата, бидејќи не успеаја да се прилагодат на новиот начин на кои почнавме да функционираме, каде “резултатите беа прагот”, со кои нема(ше), ниту пак ќе има компромиси во иднина.
Сепак, и покрај повеќето успеси постигнати во големи компании, како еден од најмотивирачките, најкреативните и најиновативните периоди од мојот живот би го издвоил оној поврзан со креирањето софтверски решенија за клиентите во приватниот бизнис. Всушност, нема зборови со кои може да се опише чувството на задоволство кое го доживуваш во оние моменти на еурека, коишто често пати знаеа да се случат и ноќе, кога си во постела и спиеш, во кои ти се раѓа идејата за решавање на некој проблем. Задоволството уште повеќе се зголемуваше, кога тоа решение ќе се претвореше во производ кои им помагаше на нашите клиенти (мали бизниси) во нивното секојдневно работење.
4. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто? Во кој правец ќе се развива Близу во наредниот период?
Една од клучните работи за успех во секој бизнис, но и во животот воопшто е домаќинлакот. Или, како што дома треба да бидеш домаќин и да располагаш со ограничените ресурси на најрационален начин и без непотребни луксузирања и расфрлања, истото треба да го правиш и во бизнисот со кој управуваш. При тоа, кога велам домаќинско работење, не мислам на кратење на трошоците по секоја цена. Или, мојот принцип е дека, таму каде што навистина ќе се процени дека нема ефекти од вложените средства, истите да не се расфрлаат непотребно, за да може онаму каде навистина е корисно да се инвестира, да се потрошат и повеќе средства од планираните.
Втората многу важна работа за успех, и на фирмите, но и на семејствата и поединците е способноста за тимска работа. Всушност, бизнисот не го прават ниту зградите, ниту средствата за работа, опремата, технологијата и сл. Бизнисот го прават луѓето, кои работејќи заедно во тим, ги користат овие средства за да ги произведат планираните производи/услуги. При тоа, “тимот е јак, онолку колку што вреди најслабиот играч во него”, а за да се зголеми неговата, но и вредноста на сите поединци во екипата, најважно од се е да му се најде правото место на секој од нив. Или, само ако сите вработен го работат она што го сакаат, но и што го можат, реално е да се очекува успех на целиот колектив, но и задоволство, мотивираност и среќа и на секој поединец. Јас лично, ја имав таа среќа, во најголем број случаи сам да го составувам и развивам мојот тим, што беше и еден од основните предуслови за успесите кои ги постигнав во изминатиот период.
Секако, за да има успех, релациите што ги градите со луѓето, било да станува збор за релации со вработените, клиентите, добавувачите и останатите деловни партнери, треба да бидат искрени и отворени, непосредни, пријателски, и пред сѐ коректни и професионални. Таков е и мојот однос со вработените, при што нешто што научив од соработката со голем број странци е дека за да се сруши комуникациската бариера во една организација, потребно е меѓусебното обраќање да биде по име, а не според функцијата што ја извршуваат вработените. И ова е пракса која се применува во Близу од моментот на моето доаѓање на највисоката менаџерска позиција.
Значи, да заклучам во овој дел. Секој човек за да стекне способност за воспоставување и успешно менаџирање голем број релации во текот на својот живот, мора постојано да се надградува со тн. “communication skills” или со голем број “меки вештини” (пр:. активно слушање, решавање конфликти, презентирање и сл.), кои пак се основа за развој на високо ниво на емоционална интелегенција (EQ), која се повеќе се смета како клучен фактор за животен успех, наспроти математичката интелегенција (IQ). Или, како што често се вели -“Човек се раѓа паметен, но мудар станува со тек на годините“.
Овие вештини се важни и во односите со купувачите, особено во ситуација на продажба и презентација на вашите производи/услуги, кои доколку не ги направите на соодветен начин нема да успеете да го продадете ниту најквалитетниот продукт. При тоа, клучот за освојување нов клиент, но и за негово задржување и претворање во лојален корисник на вашите производи/услуги се состои во умешноста да ги исполните точно неговите очекувања (meet expectations). Или, да му понудите толкава вредност, која според неговата перцепција, точно ќе соодветствува на цената која ви ја платил за истата да ја добие.
Всушност, секогаш кога зборувам на оваа тема, секој бизнис го споредувам со кафеана, а сите знаеме дека за да бидеме нејзини редовни муштерии, потребно е во истата да добиеме микс на квалитет, услуга и цена, кој ние го очекуваме и посакуваме. И сите што се занимаваат со бизнис, треба да запаметат дека луѓето се паметни и рационални и речиси секогаш ќе ти дозволат да им земеш точно околку колку што тие имаат во џебот и испланирале да потрошат за да го добијат твојот производ/услуга. Во некои ситуации можеби и ќе успееш да ги измамиш и да им земеш повеќе, но потоа ќе ти го свртат грбот засекогаш. При тоа, има уште едно правило кое ние го сфативме и го применуваме во Близу, а тоа гласи – “не се сите клиенти исти”, при што оние лојалните да се трудите по секоја цена да ги задржите за себе, а останатите, добро е дури и да и ги препуштите на конкуренцијата“.
Што се однесува до плановите за идниот развој на Близу, можам со големо задоволство да констатирам дека како резултат на добрата услуга и пристапните цени континуирано го подобруваме нашиот рејтинг кај корисниците и резултатите од работењето. Во таа насока, нашата визија за наредниот период е во стратегиско партнерство со Вип операторот да го комплетираме пакетот услуги со мобилната телефонија, што со превземањето на компанијата од страна на Телеком Австрија Групацијата, веќе станува извесна реалност.
5. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Секогаш во животот, кажувајте ја вистината или, никогаш немојте да лажете. Само на тој начин нема да имате потреба да го паметите она што сте го кажале во даден момент, со што ќе ги зголемите мемориските капацитети на вашите мозоци за складирање корисни работи. Искреноста за мене е една од најважните карактеристики на една личност, при што ве советувам секогаш да бидете искрени пред сѐ спрема самите себеси, со што ќе си ги зголемите шансите тоа да ви стане стил на живот, по што реално е да очекувате дека ќе бидете искрени и во релациите со другите луѓе. Или, мој најискрен совет е постојано и во секоја животна ситуација да се однесувате спрема останатите луѓе, онака како што сакате тие да се однесуваат спрема вас.
Дополнително, за да успеете во вашите професионални кариери не е доволно само да завршите факултет. Дипломата од формалното образование само ви ги зголемува шансите за влез во реалниот живот, а за истите да ги искористите во целост и да ги претворите во успешна кариера, потребно е постојано и доживотно надградување на вашите знаења и вештини, но и многу работа, труд, посветеност , … На патот кон успехот, верувајте во себе, имајте високо ниво на самодоверба, и доколку се сметате за квалитетни и добри во тоа што го работите, не се плашите да ја изгубите работата, туку напротив, оставете му на вашиот работодавец, тој да се плаши да не ве изгуби вас како кадар.
Но, кога ќе успеете да постигнете некоја животна цел, немојте да ве фати еуфорија и да се препуштите исклучиво на хедонизам и задоволства, кои за брзо време ќе ве уништат како личности. Запаметете дека успехот е релативна категорија, чии граници си ги одредувате вие самите, или нема универзална формула за успех која важи за сите. Целта треба да ви биде пред сѐ постигнување на вашата внатрешна среќа и душевна исполнетост, а не нешто со кое ќе му се докажете на надворешниот свет. Во таа насока, ви препорачувам секогаш да си наоѓате време и за самите себе, и да создадете свои семејства , бидејќи дефинитивно “цело е кога има сѐ”, а преку семејството се градите и како комплетни личности, но ви се зголемуваат и шансите да станете домаќини.
ЗА BLIZOO
Близу ДООЕЛ Скопје е телекомуникациски оператор кој од јуни 2014 година е во сопствеништво на Телеком Австрија Групација. Групацијата е присутна на македонскиот пазар веќе 7 години преку Вип оператор, вториот по големина мобилен оператор на пазарот.
Историјата на „Близу“ започнува од уште од мај 2007 година, со почетоците на Кејблтел ДООЕЛ Скопје. Во ноември 2011 година компанијата се ребрендира во новиот бренд blizoo, под тогашното раководство на шведскиот приватен инвеститорски фонд EQT. „Близу“ во изминатите години освои голем дел од територијата на Македонија преку своите квалитетни услуги и одличната поддршка на корисници. Во моментот територијата на која оперира е: Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Штип и Прилеп, со постојана тенденција за ширење на својата покриеност.
„Близу“ намакедонскиот пазар ја нуди најдобрата комбинација од услуги – супер брз оптички интернет, дигитална телевизија со најголем изборна HD канали и фиксна телефонија безмесечна претплата.
„Близу“е првиот македонски телекомуникацики оператор кој ја зголемува конкурентноста на пазарот со воведувањето на сите услуги во еден пакет за неверојатно ниски цени, достапни за сите. На тој начин, „Близу“горе дефинира поимот домашна забава и грижа за корисници – најдобрите услуги достапни за сите.
Технологијата што го овозможува сето ова е хибридно-оптичка коаксијална технологија HFC, врз основа на системот оптички кабел, на максимално растојание од 300 метри од крајниот корисник, а оттука, се поврзува преку коаксијален кабел до корисникот. Со ова се овозможува квалитетна аналогна телевизија, најбрз и неограничен интернет-пристап, кристално јасна дигитална телевизија, HD телевизија и фиксна телефонија.
Comments are closed.