“Постојано треба да се прават напори да се биде “подобар од вчера”
1.Каков беше патот на М-р Дане Јованов до највисоката менаџерска позиција во Винарија Стоби?
Веднаш по завршувањето на додипломските студии на Земјоделскиот факултет во Скопје, или во 2005 година започнав со работа во винаријата Бовин, и оттогаш па сѐ до денес, сум вработен во винската индустрија. Всушност, откако знам за себе постојано сум со виното и лозовите насади, а главен виновник за тоа е мојот татко Ѓорги Јованов-Хермес, за кого слободно може да се каже дека е еден од доајените на модерното производство на вино во Република Македонија. Имено, тој со оваа работа се занимава повеќе од 40 години започнувајќи во винарската визба Повардарие, која ја напушта после 20-годишно работење, за да во 1998 година, заедно со сопственикот ја основаат првата приватна винарија Бовин, со што всушност и започнува промената на концептот и филозофијата на размислување кај домашните винопроизводители кои сѐ повеќе се фокусираат кон квалитет, наспроти квантитет. Во Бовин, работев две години или до 2007 година, по што заедно со татко ми, позитивно одговоривме на повикот на сопственикот на Винарија Стоби, во која сме уште од моментот на нејзиното основање, поточно од 01.01.2008 година. Во периодот до 2011 година, во кој мојот татко ја извршуваше највисоката менаџерска позиција, јас бев одговорен за техника и технологија, а по неговото повлекување кое се случи од здравствени причини, веќе четврта година сум назначен на местото Генерален директор.
2. Кои беа клучните предизвици со кои се соочивте на тој пат?
Се соочивме со многу предизвици, уште од самото прифаќање на работниот ангажман во Винарија Стоби. Прво, воопшто не беше лесно да се изгради и да се проектира технолошки ова огромно издание на оваа локација, каде на почетокот имаше само еден голем и гол рид. Но, со многу напорна работа и вложен труд, благодарејќи на нашите технолошки искуства и перцепција, успеавме да го завршиме овој процес многу квалитетно и во предвидениот рок. При тоа, не можам, а да не ја потенцирам улогата и огромниот придонес во процесот на технолошко проектирање, на еден италијански консултант, кој поседува голема експертиза во оваа област, стекната врз основа на неговите работни ангажмани во проектирањето на приближно сто вински подруми во Северна Италија и во остатокот од Европа, а во последниве десетина години и во балканските земји.
Второ, и не помалку важно беше предизвикот да се креира добар стратешки план, во кој при планирањето и димензионирањето на капацитетите на винаријата од 4,5 милиони литра годишно производство, требаше да се земат во вид сопствените лозови насади од 600 хектари, но и замислата на инвеститорот за тоа какви вина сака да се произведуваат, и каде истите планира да се продаваат, те. само на домашен и регионален пазар (во соседните земји) или и пошироко, на пазарите во Европа и целиот свет.
И сето ова на крај се сведува на клучниот предизвик, а тоа е да го задржиме и надградиме како основен вредносен ориентир во фирмата, животното мото на Прличев “Совршенство или смрт” (се разбира во преносна смисла), кое е и наша животна и работна филозофија. При тоа, крајната цел е преку континуирано подобрување и развој на нови и иновативни производи, да додаваме вредност за нашите клиенти, со што нивното задоволство постојано ќе расте. Ова е посебен предизвик за нас, бидејќи бројот на клиенти од ден на ден сѐ повеќе се зголемува, при што конкуренција ни е целиот светски пазар, со оглед на фактот што веќе извезуваме на сите континенти, со исклучок на Австралија. Всушност, таму сеуште не сме ни се обиделе да влеземе, а целта ни е во блиска иднина да се пробаме и на овој пазар.
3. Кои се најголемите успеси на кои сте посебно горди?
Прво, ако тргнам од самите почетоци, конструирањето на винаријата од технолошки аспект претставува еден од најголемите успеси на кои сме посебно горди. Имено, ова претставува еден вид спој на модерната технологија која е во корелација со последните научни достигнувања во светот на производството на вино, при што први во Македонија имавме храброст да имплементираме систем без кисел гурт при филтрација, односно само на crossflow системи, така што во тој дел сме единствени во нашата земја.
Потоа, секако дека сум горд на многубројните успеси и награди за квалитетот на нашите вина, добиени на бројните меѓународни натпреварувања и саемски манифестации, каде Винарија Стоби има учествувано во овој краток период од своето постоење, коишто се само потврда за исправноста на нашата винска филозофија.
И крајно, и најважно, посебно сум горд на секојдневниот раст на продажбата и отворањето нови пазари. Имено, како што веќе споменав, нашите вина се присутни на сите континенти, со исклучок на Австралија, но и таму се надевам дека ќе влеземе во блиска иднина.
4. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто? Колку се важни креативноста и иновативноста?
Нема некоја апсолутна формула која треба да се следи за да се движите на патот кон успехот. За мене клучен момент е желбата секојдневно да се излегува од “зоната на комфор” и да се предизвикуваш себеси, бидејќи како што велат “ако си најдобар во собата, тогаш се наоѓаш во погрешна соба и време е да излезеш од неа”. Така да, не само во делот на стручното образование, туку буквално во секоја сфера од животот и секојдневното живеење, во менаџментот, во бизнис етиката и сл., постојано треба да се прават напори да се биде “подобар од вчера” и да не се бараат изговори, туку да се испорачуваат резултати, бидејќи жртвите даваат изговори, а лидерите продуцираат резултати. Е, сега, знам дека тука некој ќе спомене дека времето во коешто живееме е тешко, но мора да земеме во вид дека секоја генерација е родена и живее во некој временски период кој си има и свои предности, но и свои негативности и предизвици.
Исто така, треба цело време да се има отворен ум, да се чита многу, да се патува, да се разменуваат мисли со свои колеги од областа, за да може да се прифатат и акцептираат сите новитети, чија функционалност потоа ќе се испроба на микро ниво и тоа секој во своето поле каде е стручен. Всушност, јас сум застапник на тезата дека не е важно само да учиш, за да стекнеш теориско знаење, диплома и титула. Напротив, секогаш кога станува збор за образование и наука сакам да истражувам работи кои досега не се промовирани во Македонија, а со тоа сакам да дадам личен придонес не само кон научната мисла, туку уште повеќе кон праксата и производството, со цел имплементирање стандардни производни практики за определена проблематика. Со таа цел и запишав докторски студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, на мојот матичен Факултет за земјоделски науки и храна, на тема “Влијание на кислородот при зреење на виното“ чие истражување ќе го завршам наскоро. Мотивот за темата произлезе како резултат на посетата и работниот престој во Кејптаун, Јужна Африка, во 2010 година, каде оваа нова технологија која се појавува на крајот на деведесетите години (а во 2007 година прави прогрес на молекуларно ниво), лично видов како се применува во тамошните винарии при производство на квалитетни и врвни вина. Оттаму и дојде мојата инспирација за прв пат да ја промовирам оваа технологија и во Република Македонија преку истражувањата во докторската дисертација, за чија успешна реализација, комплетните анализи се прават во Словенија, Италија и Франција со најпрестижни европски научници во струката, кои се докажани експерти во таа област.
Во делот на значењето на креативноста, апсолутно е важно секој ден да се биде креативен и иновативен, бидејќи тоа е она што на крајот на денот ја прави клучната разликата помеѓу вас и просечните конкуренти. Всушност, јас во секоја прилика ги споделувам следниве бројки, според кои “најголем дел од луѓето живеат во рамките на комфор-зоната и просекот, при што сите останати што сакаат да успеат и постојано излегуваат од оваа зона се помалку од 5%“. Ова значи, дека вреди да се биде во оваа мала група, бидејќи конкуренцијата таму е помала и поголеми се шансите за личен успех.
5. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Пораката до најуспешните студенти произлегува од личното искуство, кое и покрај мојата младост не е мало, бидејќи преку стручните посети имав можност да прошетам по цел вински свет и да ги видам најголемите светски производители на винска технологија . Имено, сум бил и во големи и ексклузивни, но и во мали винарии, во Франција, Италија и секаде низ Европа, но и во Јужна Африка и во други делови од светот, по што сосема искрено ви порачувам дека нема ништо лошо во тоа да се излезе од Македонија. И, уште повеќе, јас лично не само што не гледам во тоа никаква драма, туку напротив и ве охрабрувам да заминете надвор од државата на стручно и професионално усовршување, при што клучното прашање е каква одлука ќе донесете откако ќе се стекнете со извесен степен на знаење, вештини и животно искуство. Односно, дали ќе донесете одлука трајно да се исселите од родната земја или ќе се вратите назад, за тука да живеете и работите.
При тоа, кај нас постои едно верување дека кога еднаш ќе излезете од Македонија, повеќе не треба да се враќате назад, меѓутоа јас не би рекол дека ова секогаш мора да е така и дека е правилниот избор. Сѐ зависи од вашата струка, но и од вашата лична визија за тоа каде и што вие сакате да работите. Во таа насока, ве охрабрувам да испорачувате резултати, а не да го прифаќате концептот на жртва и да барате изговори со муабети од типот ”така требало да биде”, бидејќи секој од нас е роден како генијалец, чие ниво постојано се намалува низ животот, како резултат на големиот број ограничувања (пр:. не смееш да го правиш ова, не смееш да го правиш она и сл.). Во таа насока, ќе го споменам примерот со Микеланџело, кој кога ја направил прочуената скулптура на Давид, сите гледале на тоа како на еден куп блок од стар мермер, или како на отпад (камен) на кој нема ништо, меѓутоа Микеланџело не го гледал тоа така. Тој, во овој блок камен (мермер) гледал ремек дело, така што ги отфрлил само вишоците кои биле во тој блок камен, со што всушност настанал Давид….
Comments are closed.