“Најважен фактор за успех во бизнисот е способноста за брзо и континуирано прилагодување на промените во надворешното опкружување”
1. Каков беше патот на Ристе Јуруковски до менаџерската позиција во компанијата Бионика Фармацеутикалс?
Пред да ви претставам како јас стигнав во Бионика Фармацеутикалс, со оглед на нејзината поврзаност во системот на вертикална интеграција со Варус (Македонија) и Новос (Србија), дозволете ми на кратко да го објаснам нивниот развоен пат. Всушност, формирањето на Бионика Фармацеутикалс во 2010 година, претставува развој на визијата на нејзините основачи од деведесетите години на минатиот век. Во услови на големи и крупни промени во надворешното опкружување, пред точно 25 години (или во 1990 година) е основана Варус, како една од првите приватни македонски компании за маркетинг и дистрибуција на лекови, хемикалии, реагенси, опрема и медицински помагала. Малку подоцна, со сличен бизнис-концепт, во Србија е основана и компанијата Новос, која соработува со сите водечки компании во областа на фармацијата, прехранбената индустрија, здравствените центри и лабораториите. Овие две фирми заедно, овозможија долгогодишно присуство на една од водечките мултинационални компании MERCK-Германија на нашиот пазар, и на пазарите во блиското опкружување.
Како природна последица на нивниот процес на стабилен и дологодишен раст и развој, двете компании во 2010 година ја основаа Бионика Фармацеутикалс, со што се закружи овој систем вертикално-интегрирани компании. Оттогаш, па сѐ до денес, Бионика Фармацеутикалс прерасна во современа производствена компанија за цврсти и полуцврсти фармацевтски форми, чие производно портфоли во моментов брои 11 производи, со план до крајот на оваа година да го прошириме на вкупно 17 производи. Бионика е присутна на шест пазари во југоиточна европа и веќе се потпишани договори со претставници во дополнителни две земји Романија и Словенија. Иако поделени во две копмании, ние всушност функционираме како една компанија која во овој момент брои вкупно 48 вработени.
Инаку, јас во компанијата сум веќе четири години, или уште од самото основање на Бионика Фармацеутикалс, при што во овој момент, како дел од менаџерскиот тим, работам во одделот за маркетинг, но и како комерцијален менаџер за извоз во Југоисточна Европа. Претходно, уште за време на моите студии на Економскиот факултет при УКИМ-Скопје, работев со скратено работно време (“part-time”) на повеќе работни места. По дипломирањето, со оглед на фактот што и мојата дипломска теза беше поврзана со процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија (ЕУ), извесно време стажирав во Секретаријатот за европски прашања, по што и се вработив таму како координатор за економските критериуми и финансиските и буџетските одредби кои нашата земја треба да ги исполни на патот кон пристапувањето во ЕУ.
За време на овој работен ангажман кој траеше скоро пет години, се запишав на МБА-постдипломски студии во Словенија кои успешно ги завршив во 2008 година, по што во 2009 година заминав на специјализација во Англија. Всушност, продолжувањето на образованието во сферата на бизнисот, претставуваше и клучна пресвртница во развојот на мојата професионална кариера. Работејќи на изработка на бизнис-планови, сфатив дека јавната администрација повеќе не ми е предизвик, по што си поставив за цел да започнам да работам во реалниот бизнис-сектор. Оваа цел ја реализирав со вработувањето во Бионика Фармацеутикалс и тоа уште од нејзиното основање во 2010 година, кога активно бев вклучен во изработката на нејзините бизнис и инвестициски планови за започнување со производство.
2. Кои се клучни фактори за успех во бизнисот?
Според мене, најважен фактор за успех во бизнисот е способноста за брзо и континуирано прилагодување на промените во надворешното опкружување. Ова е особено важно, кога функционирате во услови на исклучително динамично и непредвидливо опкружување, кое е основна карактеристика на македонскота економија во целиот овој изминат период. Имено, во таков амбиент на правила на игра кои често се менуваат, многу е тешко да се следат и предвидат сите оние фактори (пр. економски, политички и сл.), кои можат да имаат големо влијание врз бизнисот. Но, токму тоа е и клучниот предизвик со кој ние успешно се справуваме, преку максимално посветена работа насочена кон постојани и брзи промени, континуирани подобрувања и воведување иновации и сл., при што во ниту еден момент не сме ги нарушиле основните принципи во работењето поставени од основачите, кои се однесуваат на градење култура на квалитет .
Всушност, на тој начин, преку создавање организациска култура на квалитет “без компромиси”, но и лидерство со високо ниво на општествена одговорност насочено кон одржлив развој, успеваме да постигнеме задоволство кај нашите вработени. А, тоа пак е основниот предуслов за зголемување на нивната мотивација за квалитетно извршување на секојдневните обврски, во интерес на компанијата, но пред сѐ во насока на задоволување на потребите на нашите клиенти. Ова е и единствената формула за долгорочен успех и стабилен-одржлив раст и развој. Секоја друга стратегија е “игра на кратки патеки”, во која како резултат на одредени моментални состојб и производ (во даден момент) ќе направите краткорочен профит, но доколку не го задржите квалитетот, или доколку тој не се вгради како вредносен систем и филозофија на размислување во компанијата (трката по брз профит преовладее), за брзо време пропаѓате. Потврда за тоа се и повеќе македонски компании кои во изминатиот период, се појавија на пазарот, направија краткорочен блесок, по што за брзо време згаснаа и исчезнаа од бизнис-сцената.
3. Колку се важни креативноста и иновативноста за раст на бизнисот? Имате ли воспоставено формален систем за иновациски менаџмент во компанијата?
Со самиот факт, што нашите производи се исклучиво наша идеја, производи коишто се исклучиво наша сопственост, а покрај нив сме и застапници за производство и продажба на производи на странски компании, ние мора да бидеме креативни и иновативни за да имаме долгорочен пазарен успех. При тоа, покрај тоа што иновативноста на компанијата зависи од повеќе фактори (пр. природните склоности и афинитети на вработените да превземаат ризик и да размислуваат за нови работи, големината на компанијата, и сл.), ние веруваме дека сепак за нејзина успешна примена, најважно е менаџментот да стимулира и поддржува контиунирани иновации и промени во работењето. Така ние промовираме култура каде секој вработен може да предложи идеи за нов производ, подобрување на работните процеси, или буквално сѐ што смета дека може да биде од корист за компанијата.
Во однос на прашањето дали тоа треба да биде преку формален систем, па дури и преку воспоставување посебни организациски единици за таа цел (пр:. креативни јадра и сл.), ние сметаме дека ова не треба да оди по некој строго официјален пат, почитувајќи ја хиерархиската поставеност. Имено, според нас, колку е поригорозен патот за креирање нови идеи, толку повеќе се задушува креативноста, или на секој предлог за иновација кој доаѓа од некој од вработените, доколку истиот треба да помине преку 3-4 хиерахиски нивоа, значително му се намалуваат шансите да го види “светлото на крајот од денот”.
Токму од овие причини, при поттикнување на иновативноста гледаме да имаме порамна и помалку ригидна менаџмент структура, што значи дека сме условно кажано, само две хиерахиски нивоа (менаџмент и вработени), за да може секоја идеа многу брзо да стигне до топ- менаџерот. Значи, формален систем за генерирање идеи немаме, со тоа што имаме неделни состаноци на кои секоја од идеите во неформалните разговори со вработените ја дискутираме и проценуваме дали реално истата може да се примени. И да заклучам. Најбрилијантните идеи се раѓаат во ходник и надвор од секојдневните обврски во компанијата, преку хоризонтална комуникација меѓу вработените (кога се дикутира слободно и на исто рамниште), а не на формални состаноци. Затоа флексибилноста е најдобра за поттикнување нови идеи.
4. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Поучен од сопственото искуство, можам да ви кажам дека ако размислувате за тоа дали да заминете од Македонија, не треба да очекувате дека во другите земји ќе ве пречекаат со широко отворени раце и дека без посветеност, знаење и многу работа лесно ќе дојдете до успех. Нема да бидете прифатени од средината како тука, а голема е веројатноста да го немате ниту истиот ентузијазам кога настапувате и работите во странство, како што би го имале во родната земја. Јас постојано патувам во земјите во кои извезуваме, но и во голем број други земји од Европа и светот, и морам да ви признаам дека друго е чувството кога претставувате компанија од земјата од која што сте, а сосема поинакво кога презентирате компанија од странство.
Според мене, шансите за професионален успех не се зголемуваат во зависност од тоа дали ќе одите во странство или ќе работите тука. Не може и не би требало да се генерализираат работите, со коментари од типот “бизнис-средината во Македонија не чини”. Секоја земја си има свои посебни карактеристики и предизвици. Во таа насока, единствено нешто кое можеби претставува мала отежнителна околност во нашата бизнис-средина, во однос со оние во развиените земји, е непредвидливоста на опкружувањето. Но, независно од тоа, ако немате динамика во работењето, ако немате идеја и немате креативност и способност за прилагодување, ниту во оваа, ниту во било која друга земја ќе опстанете на долг рок . Со јасна идеја, квалитет и упорност, независно од тоа, дали сте во Македонија, или некаде на друго место, секаде и секогаш ќе успеете. Има многу добри и сериозни компании во Македонија, коишто се конкурентни и потполно рамноправни со компаниите од странство.
ЗА БИОНИКА ФАРМАЦЕУТИКАЛС
Бионика Фармацеутикалс e производствена компанија за фармацевтски цврсти дозирани форми. Големината и капацитетот на Бионика е дизајниран да ги задоволи барањата на регионалниот пазар како и сите највисоки стандарди што ги бара глобалната фармацевтска индустрија.
Основни вредности на Бионика Фармацеутикалс се:
- Политика на висок квалитет;
- Постојано следење и прифаќање на иновациите во фармацевтската индустрија;
- Градење на блиски деловни односи со сите целни клиенти и крајни потрошувачи;
- Флексибилност и прилагодливост на понудата според барањата на клиентите и потрошувачите;
- Еднаков третман на пазарите;
- Грижа за животната средина и општествена одговорност
Развојната стратегија на Бионика, во првата фаза е фокусирана на пазарите од земјите на Југоисточна Европа. Нашите производи, покрај во Македонија, се достапни и до потрошувачите во следните земји: Србија, Хрватска, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
Во иднина нашиот фокус ќе биде проширен на сите земји од Источна Европа. Како дел од општеството, соработуваме со различни граѓански здруженија и асоцијации, со што се трудиме да ги исполниме заедничките цели и програми, помагајќи на тој начин за подобрување на целокупните услови во поширокото опкружување. Отворени сме за соработка и поддршка на секоја искрена иницијатива, која на директен или индиректен начин, преку развивање на свеста и обезбедување помош од различен вид, дава придонес во напорите за континуиран одржлив развој и напредок.
Наш придонес во одржливиот развој е и можноста која ја нудиме за искористување на нашите капацитети, експерти и знаење за проекти кои ќе дадат придонес во подобрувањето на условите за живот, поцелисходното искористување на природните ресурси, иновации и нивната имплементација во нови средини.
Comments are closed.