„Не се откажувајте никогаш од вашите зацртани соништа“
1. Што има студирано и со што во моментот се занимава Четкар?
Студиите ги завршив во Бостон, САД во Беркли Колеџот за Музика, отсек модерно аранжирање и продукција со инструмент џез гитара. Се занимавам исклучиво со музика или поконкретно музичка композиција, аранжман, продукција и изведба.
2. Кои се најтешките предизвици со кои се имаш соочено во развојот на твојата кариера?
Со секој постигнат успех доаѓа уште поголем предизвик. Имав многу тешки моменти во почетокот на мојата кариера со кои морав да се изборам. Оддалеченоста од моето семејство ми паѓаше многу тешко а од друга страна Беркли беше преполн со невероватен талент од сите страни на светот па за да ја задржам и зголемам стипендијата морав секојдневно да сум во тек или чекор пред конкуренцијата. Сепак вистинскиот предизвик дојде дури после дипломирањето кога се соочуваш со реалноста на музичката индустрија која константно се менува и ти дава малку простор и шанса за да испливаш на површина и да почнеш да заработуваш како самостоен уметник.
3. Што би издвоил како најголем твој досегашен успех на кои си посебно горд?
Горд сум првенствено на тоа што сите успеси во кариерата сум ги постигнал лично самиот со мојот карактер, начин на работа и талент. Дирекно се соочував со сите предизвици без да барам линија на помал отпор и било какви врски и протекции. Кога прв пат дојдов во Њујорк да ги гледам моите музички идоли и влијанија во Блу Ноут, Иридиум и други легендарни места во Менхетен имав една единствена желба, да еден ден и јас эастанам на истите места и свирам своја муизика. Години подоцна токму тоа и се случи, застанав на истата сцена со моите идоли кој во истиот момент ми станаа и конкуренција а некои од нив покасно самите изјавиа дека сум почнал лично да ги инспирирам со својата работа. Авторските албуми кои покрај во Европа од неодамна се дистрибуираат и во далечниот исток или поконкретно Јапонија и Тајланд се исто еден многу битен момент како за мене така и за Македонската музичка историја. Соработките со светски познатите Димтири Фром Париз, Боб Синклар, Том Моултон и т.н. се исто така некој од моите остварени соништа но има уште многу хоризонти на предизвици кој допрва доаѓаат. Секој нов успех е зачнат со некој предходен па невозможно е посебно да се издвојат.
4. Според твое мислење, кои се неколку клучни фактори за личен и кариерен успех?
Нескротливата страст за константно усовршување и потребата да се создава квалитет се можеби клучните фактори за кариерен успех (онака како јас го разбирам) додека меѓусебната почит и отворено изразената љубов меѓу најблиските е основата на личната среќа и спокојство.
5. Колку е важна креативноста и иновативноста за успех во кариерата?
Во музичко уметничката кариера овие две карактеристики се клучни а во сите други кариери креативноста и иновативноста се одлики само на вистинските лидери и пионери.
6. Која е твојата визија за иднината? Каде се гледаш за 5 години? Во кој правец треба да се движи развојот на Македонија во наредниот период?
Јас лично се трудам да сум што почесто во Македонија и ја користам секоја реална прилика да дојдам.. Отприлика 4 месеци во годината сум во Македонија во родниот Охрид а 8 месеци во Њујорк, Америка. Во иднина се надевам дека престојот во Македонија ќе ми биде уште подолг но нормално мора да се земе предвид дека поради природата на мојата работа не би можел идеално да функционирам ако сум константно лоциран на едно место. Најсреќен би бил доколку во иднина се створат што повеќе услови за квалитетен живот и градење кариера во Македонија и тоа во сите Македонски градови и дека голем број од моментално иселените Македонци и Македонки ќе можат својата иднина повторно да ја замислат дома во Македонија.
7. Твоја лична директна порака до најуспешните македонски студенти.
Не се откажувајте никогаш од своите зацртани соништа, неуморно работете и не се разочарувајте од эборот ‘не’ како одговор, бидејќи за упорните на илјада ‘не’ и едно ‘да’ е доволно. Но исто така никогаш да не се откажувате и од својот дом и земја бидејќи никогаш нема да најдете поголемо чувство на припадност од таму каде што сте се родиле и пораснале.
Comments are closed.