„Или постојано ќе растете, или во оној момент кога ќе речете дека е доста, почнувате да паѓате“
1.Кога и како започна да се создава приказната на Здравје Радово? На што се должи растот на компанијата во изминатиот период?
Приказната на Здравје Радово започна да се создава кон крајот на 2001 година кога ја завршивме изградбата на првата фабрика, по што со продажба стартувавме во 2002 година. Тоа беше гринфилд -инвестиција вредна околу 500.000 евра, во бизнис кој и покрај тоа што заедно со мојот партнер го започнавме без помпезни најави и со скромни желби за мал, но постојан и стабилен развој, успеавме да го доведеме до ситуација во која секоја година ги надминувавме проектираните стапки на раст од 10-15%, на што сум посебно горд. Оттогаш, па се до денес, континуирано отвораме нови линии и градиме нови објекти, при што паралелно со растот на фирмата се зголемува и бројот на партнери кои внесуваат свеж капитал во компанијата, а дел од нив се мотивирани и преку добивање удели како награда за вложениот труд и успешно менаџирање со некои бизнис -процеси. Всушност, клучот за успехот на Здравје Радово, кој придонесе почетниот број од 7-8 вработени да порасне на 350 вработени во овој момент, се должи на фактот што ние сме фирма која секоја година целосно ја реинвестира остварената добивка во сериозни инвестици за зголемување на капацитетите, подобрување на квалитетот на опремата и технолошката подготвеност, со што компанијата се стекна со сопствен реинвестиран капитал, чија вредност значително ја надминува почетната инвестиција. Или, филозофијата во менаџирањето со бизнисот, според која ние се раководиме гласи-“или постојано ќе растете, или во оној момент кога ќе речете дека е доста, почнувате да паѓате”.
2. Каква е улогата на иновациите за успехот на Здравје Радово? Кои се клучните иновации во работењето кои би ги издвоиле како најважни за растот и развојот на фирмата?
Постојаното воведување иновации на пазарот е нешто што стана препознатлива карактеристика на Здравје Радово во изминатиот период и тоа е она што придонесе за освојување нови потрошувачи и раст на бизнисот. Имено, ние бевме први што го извадивме на пазарот и го патентиравме белото мешано сирење, како производ кој е микс од кравјо и овчо сирење, бидејќи сфативме дека новите генерации сеуште сакаат да јадат убави и квалитетни сирења, но тие да не бидат со многу силен вкус, а први бевме и со понудата на една група растителни кашкавали и со голем број други производи, при што за дел од нив, во даден временски период, бевме и единствени производители во поширокиот регион на Балканот.
Покрај континуираното воведување иновативни производи, ние цело време се трудиме и размислуваме и за креирање иновации и во другите бизнис-процеси, и тоа особено во маркетингот, рекламирањето, продажбата и дистрибуцијата на нашите производи до крајните потрошувачи. Во таа насока, особено би сакал да ја потенцирам иновацијата во однос на директната достава на млечните производи до маркетите, која врз база на успешните примери од Хрватска, ние бевме тие, коишто први ја спроведовме на пазарот на млечни производи и во Република Македонија, наспроти дотогашната пракса на дистрибуција преку централни магацини. Овој проект, со мое големо залагање го истеравме до крај, и покрај коментарите на раководните луѓе од тогашната конкуренција кои сметаа дека ваквата одлука ќе биде погрешна бидејќи ќе ги зголеми трошоците и сл. Всушност, не само што не се покажа како погрешна, туку напротив, бизнис-одлуката за воведување на оваа иновација во работењето, придонесе Здравје Радово да го направи својот прв подрастичен раст, бидејќи со навремената достава и повлекување на нашите производи до/од маркетите, на трговците им правевме поголем пристисок за продажба на нашите производи, со што дополнителните приходи од продажбата значително ги надминаа дополнителните трошоци на директната достава.
3. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате при воведувањето нов производ на пазарот? Кои се најголемите успеси во тој процес, на кои сте посебно горди?
Еден од најголемите предизвици со кои се соочувате кога вадите нов производ на пазарот, е да ја задржите истата стапка на раст на продажбата на оние производи кои претходно сте ги вовеле како пазарна иновација. Токму од овие причини, посебно сум горд на фактот што нашиот удел на пазарот на мешано сирење сеуште постојано расте, и покрај тоа што бевме први кои го воведовме овој продукт на македонскиот пазар, а во меѓувреме извадивме и голем број други нови производи.
Дополнително, како посебни предизвици за нас претставуваат обидите да внесеме на домашниот пазар некои иновативни производи кои веќе се пробиени и имаат одличен тренд на продажба во западните држави. Ова особено се однесува на комбинациите на разни десерти со млеко, како што се овошните јогурти, чоколадираните сирења на кои може да им се додаде и овошје и др., кои од разни причини (пр:. менталитет и немање навика или култура за консумирање такви производи, низок стандард и сл.), тешко поминуваат кај македонските потрошувачи. Но, и покрај овие тешкотии, ние постојано експериментираме и не се откажуваме ниту од овие иновации и нон-стоп размислуваме да вадиме некои нови производи, при што во овој момент веќе имаме чоколаден намаз, за брзо време ќе лансираме и сутлијаш, а овошниот јогурт го правиме веќе четврта година како готов производ, но поради недостаток на доволно пазарни информации и анализи, сеуште немаме храброст да го пуштиме во посериозна продажба.
Се разбира, најголемите напори при лансирањето на овие производи се во насока на промена на свеста кај потрошувачите, преку обезбедување информации за нивната вкупна вредност и корисност, или за тие да сфатат дека и покрај тоа што чоколадниот намаз е поскап од еурокремот, тој ги содржи и неопходните хранливи состојки, како на пример калциумот, кој е од исклучително значење за правилниот раст и развој на децата.
Кога зборуваме за предизвиците при воведувањето иновации, би сакал да го споменам и примерот со нашето производство и продажба на растителен кашкавал. Имено, ние бевме првите коишто во Македонија и пошироко во регионот инвестираа во една таква линија, при што сите се зачудија од каде ни дошла идејата за таков производ, со оглед на огромната разлика на неговиот вкус, во споредба со оној на млечниот кашкавал. Сепак, продажбата на тој кашкавал направи бум во извесен временски период, по што се случи стагнација, а сега има опаѓачки тренд. Во почетните периоди од неговото лансирање на пазарот, мојата проценка беше дека никој од регионот нема да не ископира најмалку четири до пет години, но и мене ме изненади фактот што скоро цели десет години немаше обиди за влез во овој пазарен сегмент, а дури сега, после тригодишен период во кој овој производ не е профитабилен, четири македонски компании започнаа со негово производство, и покрај моите предупредувања дека оваа инвестиција ќе им биде промашена. Но, убавината на пазарот се состои токму во неговата непредвидливост, така што никогаш и никој не може да каже дека знае се и дека со стопроцентна сигурност ќе ги предвиди идните случувања.
4. Во кој правец според Ваше мислење треба да се развива Република Македонија во наредниот период? Колку за растот на Вашата компанија, но и за развојот на целата држава ,се важни креативните и иновативните човечки ресурси?
Сите македонски компании, а особено ние кои работиме во прехрамбениот сектор, независно од тоа дали сакаме или не, мораме да бидеме подготвени и спремни да го дочекаме и формалниот влез на Република Македонија во Европската Унија (ЕУ). Имено, и покрај политичките проблеми кои постојат на тој пат, имајќи го вид фактот што сите сме согласни дека тоа е цел кон која треба да чекориме, бидејќи и географски припаѓаме на овој регион кој ни е најблизок по многу основи, сите производители треба да се стремиме кон исполнување на стандардите за квалитет, според барањата на еврпоските потрошувачи. Само на тој начин ќе можеме да се надеваме дека ќе ја избегнеме судбината на најголемиот дел компании во млечната индустрија од оние земји коишто неодамна влегоа во ЕУ, кои заради неподготвеноста да се носат со жестоката конкуренција, речиси целосно крахираа.
Што се однесува до Здравје Радово, за нас во овој момент сеуште е предност тоа што Македонија не е формално дел од ЕУ. Со тоа добиваме дополнителен грејс-период за целосно да се спремиме и да бидеме во групата на оние компании за кои ова ќе претставува шанса, а не закана, со што максимално ќе ги искористиме огромните можности коишто ги нуди овој голем потрошувачки пазар. Дали тоа и ќе се случи, зависи пред сѐ од нас самите, од квалитетот и иновативноста на нашите производи, од правилните менаџирање со сите ресури во фирмата, а највеќе со човечките ресурси, чија креативност и иновативност дефинитивно имаат пресудно значење за обезбедување долгорочен раст и развој на компаниите, а со тоа и на државата во целина.
5. Каде и како може да се стекнат креативни и иновативни вештини? Дали образованието и општата клима во Република Македонија продуцира кадри со овие вештини?
Според мене, значењето на овие вештини мора да се потенцира уште во семејството и нивното стекнување треба да се форсира од страна на родителите при воспитувањето на децата, по што понатаму тие ќе се надоградуваат во разните животни фази, каде најголема улога треба да има системот на формално образование, чиј програми треба да бидат прилагодени според потребите на производствените компании. Имено, уште за време на школувањето, сите ученици и студенти мора многу поголем период да поминуваат на практична работа во самите фирми, со што од мали нозе, преку стекнување разни искуства во реалниот сектор, ќе имаат слобода да ја развиваат својата креативност и многу полесно ќе можат самите да си одлучат за правците на развој на својата кариера.
За жал, клучниот недостаток на воспоставените семејни вредности и на образовниот систем кај нас е тоа што ниту во рамките на семејството, а уште помалку со поминувањето низ системот на формално средно и високо образование, младите луѓе не се оспособуваат за да можат да откријат што е тоа што најдобро знаат да го работат, но и сосема слободно и самостојно да си ја изберат онаа професија во која тие најмногу уживаат, што е основен предуслов да бидат креативни, успешни и среќни.
Како проблем што особено сакам да го потенцирам во оваа насока е и однесувањето на самите родители, особено на оние од повозрасната генерација, кои се растени во едно друго време и не успеваат да ги разберат правилата на пазарно функционирање. Имено, голем дел од овие родители “најдобронамерно” сеуште ја прават една од клучните грешки во воспитувањето на своите деца, со тоа што им се мешаат во креирањето на визијата за нивните лични животи, водени од некои стереотипи и моментални трендови од типот – “мора да се студира и да се заврши факултет по секоја цена”, “мора да се заврши тој и тој факултет”, “прво треба да се заврши факултетот, па потоа ќе се мисли за понатаму”, “не смее да се прекине со студирањето”, “мора да се биде магистер” и сл. Постапувајќи на тој начин, родителите си прават лоша услуга за самите себе, а уште повеќе за своите деца, бидејќи создаваат ситуација во која тие би биле главните виновници при нивните евентуални животни неуспеси, со што трајно се нарушува нивниот меѓусебен однос. При тоа, со жалење можам да констатирам дека, доминантно поради овие причини, голем дел поединци од мојата генерација не успеаја во целост да ги реализираат своите огромни потенцијали.
Или, мојата порака до родителите од поновата генерација би гласела дека треба да ги остават децата самите да си ги носат овие клучни стратешки одлуки. Имено, нивно право е да одлучат дали и што сакаат да студираат, како што нивно право е и да донесат одлука да не продолжат на факултет (или барем не веднаш по завршувањето на средното училиште) и да си започнат сопствен бизнис за кои сонувале долго време, независно од желбите на родителите. Денешните родители мора да разберат дека во пазарни услови, клучен предуслов за да се биде успешен и среќен не е завршувањето на факултет, по секоја цена. Или, во денешно време, најважно од се е децата да го работат тоа што го сакаат и во што уживаат, бидејќи само така ќе им се зголемат шансите за постигнување успех и лична среќа, независно од тоа дали ќе бидат доктори, судии и сл., или пак ќе се одлучат да работат како фризери, бравари и сл.
6. Колку Вие ги применувате овие правила во релациите со Вашите деца? На кој начин се менаџираат човечките ресурси во компанијата за да се стимулира нивната продуктивност?
Секако, дека и во релациите со моите деца ги применувам истите принципи за кои зборував претходно. Или, ниту претходно на мојот син, ниту сега на ќерката, воопшто не им се мешав во изборот на нивните студии, и уште повеќе, никој од нив немаше притисок од моја страна да мора да се запише на факултет, а ќерка ми ја советувам, доколку не е сигурна што сака да студира, подобро нека паузира извесен период, се додека не и стане кристално јасно што е тоа што сака да го учи, при што во секоја прилика и повторувам –“изборот мора да биде лично твој”. Што се однесува до мојот син, кој по игра на случајноста денес е запишан на два постидпломски студиуми, тој во еден период сакаше да биде асистент на факултет, за потоа неколку пати да ги смени своите изјави во однос на идната кариера, така што јас сеуште не сум сигурен дали има желба да работи во банка, ревизорска куќа или пак сака да се вклучи со работа во приватниот бизнис.
Кога сме веќе на темата за назначување на децата на менаџерски позиции во семејните бизниси, јас исто така го застапувам ставот дека е погрешно тоа што го прават голем дел од претприемачите од првата генерација, кои по секоја цена ги форсираат наследниците да го превземат управувањето со фирмата. Јас, и во овој дел, сметам дека немам право да го барам ова од моите деца, или во сегашниот момент од мојот син, при што се разбира дека оваа шанса ќе му стои на располагање како една од можните опции за развој на неговата кариера, но само доколку тој лично се одлучи за тоа и ги стекне неопходните вештини за успешно да ја извршува оваа одговорна позиција. Во таа насока, кога во текот на изминатата година доаѓаше во фирмата на пракса го пуштив да работи во продажба, сосема независно од мене, по што откако комерцијалистите со кои работеше го процениле дека е вешт во работа со компјутери, го ангажирале во делот на изработка на извештаи и сл., така што од нивна страна дознав дека работел многу напорно (од осум сабајле до осум навечер) по сопствена иницијатива, бидејќи многу му била интересна аналитичката работа. Сепак, како што и претходно споменав, тој е уште во процес на себеспознавање и барем според мене, сеуште не е сигурен што точно сака да работи и каква кариера и каде има намера да ја гради, при што и за него важи правилото – “изборот мора да биде лично негов”.
Што се однесува до менаџирањето на човечките ресурси во самата компанија, освен некои сектори, како на пример финансискиот, сите останати се флексибилни и се менуваат согласно тригодишните и годишните планови коишто ги правиме, но и во зависност од резултатите кои ги остваруваат. Па така, почнувајќи уште од првиот производствен погон во Радово, инсистирам на издигнување на стандардите и продуктивноста во работењето во секој следен капацитет кој се гради, при што резултатите, а не бројноста на вработените во конкретниот погон, нивниот степен на образование и сл., се клучен индикатор за тоа дали таму треба нешто да се менува. Имено, ако некоја деловна единица функционира успешно десет години и постигнува одлични резултати, без разлика што може да има само двајца вработени со високо образование, таму не се прават големи промени во секојдневните работни процедури.
Во таа насока, особено чести се промените во стилот и начинот на продажбата, при што за вработените во секторот комерција нема никакви гаранции, бидејќи резултатите и бројките во продажбата се лесно мерливи и позицијата на сите, вклучително и на луѓето кои се дел од менаџерскиот тим за продажба, зависат исклучиво од нив. Па така, во зависност од постигнатиот успех, воведените иновации и сл., многу често во овој сектор се случуваат рокади и преместувања на лица од најниска во највисока позиција, но и обратно. За разлика од вработените во продажбата, за оние во секторот производство никогаш не применуваме метод на финансиско казнување, или тие покрај фиксната плата можат да остварат само дополнителни приходи, и тоа по основ на бонуси кои се добиваат согласно нивните заслуги во производниот процес, така што често се случува двајца технолози кои се на иста позиција да земаат различна плата.
Во однос на можностите за вработување во Здравје Радово, би сакал да споделам и една интересна пракса која ја применуваме во нашата компанија. Имено, на секој нововработен му даваме опција самиот да си избере дали сака да работи со договор на определено или на неопределено време, при што и покрај поголемата мотивација во однос на шансите за заработувачка, лично сум изненаден што многу е мал процентот на оние поединци кои се согласуваат да работат на определено време.
7. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Пораките кои ќе ги упатам до најуспешните студенти и сите млади во Република Македонија, се всушност истите оние кои им ги посочувам и на моите деца, како и на сите луѓе со кои секојдневно комуницирам и споделувам мислења.
Имено, сите треба да запаметите дека личната среќа и животниот успех не се предодредени од вашиот “ксмет” или “среќната ѕвезда”, која многумина ја поврзуваат исклучиво со државата и градот каде се родени, големината на богатството кое го добиваат во наследство од своите родители и сл., кои секако дека може да ви помогнат и да ве направат “лажно” среќни во извесен временски период, но тоа е состојба која трае многу кратко. Или, единственото нешто кое навистина може да ве направи да бидете трајно среќни, задоволни од самите себе и целосно исполнети, зависи пред сѐ од вас самите, од вашето знаење, трудољубивост и јасна желба и сакање да си зацртате јасни, реални и скромни цели, но и многу амбициозно да работите за истите да ги остварите. Индолентноста и постојаното барање изговори од типот “ништо не чини”, “не бива тука”, “никој ништо не работи”, “сите преку ноќ се збогатија” и сл., се само оправдувања пред самите себе и смирување на сопствената совест, поради немањето доволно амбиција и желба да работите во насока на исполнување на своите лични соништа.
Всушност, и јас самиот сум пример на човек кој ниту имал пари како дете, ниту пак ова што денес го поседувам сум го стекнал преку ноќ, а уште помалку некој истото ми го поклонил. Или, сето она што сум го стекнал во мојот живот, сум го стекнал самиот и тоа со многу работа и труд, при што не постои работно место или задача за која сум се срамел да ја извршувам, а истото ви го препорачувам и вас. Само парите кои ќе ги заработите на регуларен и чесен начин претставуваат најголемо задоволство кое може да го почуствувате, независно од тоа дали истите се заработени со продажба на тезга на пазар, со миење коли, продажба на млечни производи или на било кој друг поштен начин.
И сосема на крај ќе завршам со мојата животна филозофија, која всушност ја пресликав и во менаџирањето со бизнисот кој го основав и која е клуч за неговиот постојан раст и развој во изминатиот период, а таа гласи-“или постојано ќе растете, или во оној момент кога ќе речете дека е доста, почнувате да паѓате”. Истата констатација се однесува и важи и за развојот на вашата кариера, независно од тоа на кое работно место ќе работите, така што особено би сакал да го запаметите следново-“не смеете во ниту еден момент да си кажете, тука е врвот и запирам со мојот личен развој, бидејќи во оној момент кога ќе го помислите ова, во истиот момент ќе започнете да тонете и да се движите по надолна линија”.
ЗА ЗДРАВЈЕ РАДОВО
Млекара Здравје Радово започна со работа во почетокот на 2002 година, во еколошки чиста средина која го опфаќа пределот помеѓу планините Огражден и Беласица, на 10 км. оддалеченост од Струмица. Во 2004 г. производството се прошири со нов производствен капацитет во Куманово, со што се продолжи со традицијата на педесет години постоење и производство на поранешен ЗИК Куманово. Во 2011 г. започна со работа и новата фабрика во Струмица, со производство на нова палета производи. Од почетокот до денес, забележлив е континуиран развој во производствената програма, раст на бројот на производи и бројот на вработени. Со постојана работа и воведување на нови производи, како што се : растителни кашкавали, фета сирење, млеко, павлака, кисело млеко и др., проширен е асортиманот кој напочетокот го сочинуваа само десетина производи. Денес целокупниот асортиман опфаќа над 50 производи. Квалитетот на производите и континуираните вложувања во нови технологии, доведоа да нашата компанија стане лидер во продажбата на тврда млечна програма – сирење и кашкавал. Развојот и успехот на Млекара Здравје Радово подразбира и зголемување на работниот кадар. Од почетните 8 вработени, денешната бројка изнесува 320. Почетниот капацитет на дневна обработка на млеко од 2 500 литри, денес е зголемен на 110 000 литри. Целокупната продажба и дистрибуција на производите се одвива во и од магацинот во Скопје, каде се наоќа и дирекцијата на компанијата. Со дистрибуција се опфатени сите градови и населени места во република Македонија. Истата се одвива со возила од сопствениот возен парк. Потврда за растот и развојот на Млекара Здравје Радово е проширувањето на пласманот на производи на териториите надвор од Р.Македонија. Нашите производи може да се најдат на пазарите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
Comments are closed.