На 24.12.2014 година, во просториите на деканатот при Медицинскиот факултет во Скопје, генералниот директор на Неуромедика, д-р Емил Угриновски свечено им врачи 10 стипендии на најуспешните студенти од Медицинските факултети од Скопје и Штип за членство во Националната асоцијација на престижни академски граѓани (НАПАГ) со што е меѓу првите компании кои директно го стипендираат личниот раст и развој на најуспешните студенти. Овој чин, исто така, е потврда за високиот степен на општествена одговорност на Неуромедика, која како прва приватна поликлиника во Република Македонија продолжува со праксата на поддршка на иницијативи за личен развој на најталентираните студенти од областа на медицинските науки. Воведниот говор го имаше претседателот на НАПАГ, д-р Виктор Ѓорѓиески, кој посочи на важноста од градење релации и контакти, преку вмрежување на најуспешните и најталентираните студенти со веќе докажаните Македонски претприемачи и научници. Дополнително, на овој настан свој мотивациски говор пред присутните студенти имаа и д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал, Канада и алумни на престижниот универзитет Станфорд, како и д-р Ева Михаиловска, молекуларен биолог на постдокторски студии во Виена, Австрија на кои им беа врачени сертификати за почесно членство во НАПАГ.
Националната асоцијација на престижни академски граѓани (НАПАГ) има вмрежено околу стотина најуспешни студенти од сите области и пренесено мотивациски пораки на дваесетина успешни Македонски претприемачи и научници, кои се докажани во светски рамки, се со цел да придонесе за задржување на најквалитетните кадри во Република Македонија, од причина што креативните и квалитетните човечки ресурси се клучни за идниот развој на државата. Во иднина НАПАГ ќе организира и други слични настани, но и академии, на кои најуспешните студенти од сите области ќе имаат можност да се стекнат со неопходните креативни, иновативни и (интра)претприемачки вештини кои сѐ повеќе се барани од страна на пазарно-ориентираните компании, кои се ориентирани кон реален раст и развој.
Comments are closed.