„Кога ќе го достигнете врвот, поставете си повисоки критериуми и нови врвови за достигнување “
1. Како се развиваше вашата кариера?
Уште пред дипломирањето на Машинскиот факултет мојата кариерна линија се движеше од информативната програма во МТВ до работното место како конструктор во МЗТ, а потоа во пост-продажниот тим и на крајот негов раководител во Асиба МГ, што несомнено беше остварување на еден мој голем сон, бидејќи Асиба беше застапник на брендовите Фолксваген, Ауди и Порше во Македонија, а јас со Фолксваген сум и емотивно поврзан, бидејки Голфот беше наше семејно возило уште додека бев дете. По финансискиот крах на Асиба , Фолксваген како компанија која се грижи за своите вработени, наместо да не остави на улица, ни овозможи да етаблираме нов импортер, па моето следно работно место беше раководител на пост-продажба во СА & Са Компани, каде можам со гордост да кажам дека во доменот за кој бев одговорен, создадов одличен тим, чие јадро и ден денес функционира беспрекорно на полето на пост-продажбата. Со превземањето на бизнисот во 2005 година од страна на Порше Холдингот, поради успешното искуство со брендовите од Фолксваген групацијата, ми беше понудена позицијата Генерален менаџер на Порше Македонија, која со задоволство ја прифатив и на која сум веќе 10 години. Но паралелно со кариерниот развој, цело време работев и на мојата едукација и стекнав серизоно знаење од повеке области, но и високи академски титули. Сега кога гледам наназад можам да кажам дека мојот личен и професионален напредок е резултат на постојана посветеност на нештата кои сакам да ги работам.
2. Кој би го издвоиле за ваш најголем успех во досегашната кариера?
Мој најголем успех е несомнено мојот тим вработени. Создадовме тим од посветени вработени кој успева да одговори на предизвиците на времето во кое живееме и работиме, тим кој предизвиците на економската криза ги претвори во лекции од кои научи како да се биде подобар и поуспешен. Тим во кој тимскиот дух е мошне силен и јасно изразен и благодарение на кој оваа компанија се вивна на врвот на автомобилската индустрија во нашата земја. Иако имаме над 100 вработени сите тие функционираат како еден, кога се работи за постигнување на нашите цели, меѓу кои примарна е – потполно задоволство на нашите клиенти. Исто така, како дополнителен механизам за справување со предизвиците од економската криза беше и нашата промена во стратегијата на промоција, односно, претходно нашите брендови беа во преден план на промоција, но со новата стратегија и ние како човечки ресурси влеговме многу повеќе во ПР затоа што во услови на криза диференцијацијата е многу битна, односно која е перцепцијата за компанијата. Први во Македонија, а и во самиот холдинг, почнавме со употреба на социјалните медиуми што се покажа како правилен потег.
3. Со кој најголем предизвик се имате соочено досега?
Најголем предизвик е да се води една европска фирма во локални рамки. Нашата компанија како дел од Фолксваген концернот функционира по одредени европски правила, прописи и стандарди, кои често е предизвик да се имплементираат во нашето општество кое грчевито се држи за традицијата и веќе усвоените норми на функционирање. Морам да кажам дека и нашата земја се повеќе се труди да се доближи до европскиот начин на функционирање, па веќе водењето бизнис е полесно, но на самите почетоци, беше вистински предизвик. Исто така, во секојдневното работење треба да задоволам многу работи и многу страни, а јас по природа не сум дипломат туку сум искрен и директен. Нашиот менталитет го третира секој фидбек како критика, но успеавме кај нас да направиме фидбек култура каде после фидбекот постои само еден збор – благодарам. Иако сум против и сметам дека не треба да бегаме од традицијата, сепак некои работи мора да ги прифатиме и да ги применуваме бидејќи се за наше добро.
4. Кои се фактори за успех?
Посветеност кон работата, љубов кон работата, способност за самомотивација, способност за самодокажувањ и секогаш да се цели кон повисоко.
5. Колку се важни креативните, иновативните и претприемачките вештини за успех?
Живееме во време кое рапидно се менува. Технологија која постојано оди напред. Интернетот е достапен секому. И тоа како се важни креативните, иновативните и претприемачките вештини. Креативноста е она што ќе направи да бидете забележани од клиентите наместо да бидете прегазени од конкуренцијата. Нема живеење на стара слава, клиентите не паѓаат на клише финти, во потрага се постојано по нешто ново и возбудливо. Ако не успеете да бидете во чекор со нив, или уште подобро, да бидете чекор пред нив, преживувањето во бизнисот ќе ви биде невозможно.
Во контекст на тоа, би сакал да споделам дека пред извесно време бев на семинар во Салзбург каде меѓу останатите предавачи беше и истражувачот на иднината Ричард Ватсон. Констатиравме дека сме многу традиционална индустрија, меѓутоа дека е крајно време да ги прифатиме новите модерни предизвици затоа што во услови на се побрзо растечка онлине трговија, комуникации преку електронски медиуми, итн., ние сеуште имаме салони и физичко куповно искуство. Вистина е дека електронското купување е сосема различно куповно искуство, меѓутоа ако сакаме да ги привлечеме младите клиенти кои што се конектирани на интернет цело време, ќе мора да го промениме традиционалниот продажен модел и да направиме креативен, технолошки и секаков друг вид на развој за да може да имаме успех и во иднина и да ја оставариме целта да бидеме број еден производител на автомобили во светот.
6. Каде се гледате за 5 години? Каде ја гледате вашата компанија?
Јас и за 5 и за 10 години се гледам тука, во Македонија. И покрај неколкуте понуди од страна на нашата централа, да преминам на друг пазар, па дури и на друг континент, јас сум сепак многу поврзан со нашата земја и со сите пријатели што ги имам тука. Само дома сум дома и тука се чувствувам најубаво. Порше Македонија ја гледам сеуште на врвот на автомобилскиот пазар во Македонија, но со многу повисоки критериуми и бројки од досегашните. Сите велат кога еднаш ќе се достигне врвот, следниот чекор е чекор надолу. Токму затоа нашиот тим како вечни перфекционисти, постојано си поставува повисоки критериуми, нови врвови за достигнување. Сето тоа е на задоволство на клиентите чиј број очекувам постојано да расте.
7. Која е вашата лична порака до најуспешните студенти?
Учете, бидете вредни и упорни. Ништо не паѓа од небо. Не верувам во лесен успех. Напротив, секој успех доага со првичен од по трње, со посветена работа и само со таква работа и голем ентузијазам и вложен труд резултатите се долготрајни и стабилни.
За Порше Македонија
Порше Македонија е генерален импортер за Volkswagen, Volkswagen Комерцијални возила, Audi и Skoda. Како генерален импортер за овие марки на возила, постои од декември 2005 година.
Порше Македонија има широко разгранета продажно сервисна мрежа во Република Македонија. Своите продажно – сервисни партнери ги обезбедуваме со оригинални делови и дополнителна опрема од соодветната марка на возило.
Од мај 2012 година, Порше Македонија ги исполнува најновите ISO стандарди за контрола на квалитет 9001 и 14001
Comments are closed.