1. Кој е накратко Блаже Аризанов, како дојде до тоа да заминеш во Индија?
Од длабоко личен аспект, јас сум сеуште работа во прогрес. Од социјален аспект сум дипломиран маркетер од Економски факултет Прилеп, претстоен автор и до пред извесно време личност длабоко несигурна во себе.
Во Индија појдов пред 3 ипол години како практикант преку студентската организација АИЕСЕК, која има огранок во Прилеп. Поздрав до сите негови сегашни и идни членови со порака дека нивниот напор и непреспиени попладна, нема да бидат залудни.
Како и секоја друга „прогресивна“ личност во Македонија, и јас чарето и кариерните аспирации сакав да ги задоволам во Западна Европа кадешто „лежат парите.“ После речиси година време безбројни корпи кои ми плеснаа во лице, кои всушност ми покажаа што всушност мисли Европа за нас младите од Балканот, станав инспириран да им покажам колку не се во право.
Индија го намириса потенцијалот на надежен но дезориентиран младич и ги рашири своите прегратки за него.
2. Разкажи ни повеќе за животот во Индија и посебно за престојот во Тибет, предизвиците низ кои поминуваше и сл.
Индија претставува чиста и неутрална рефлексија на состојбата на Вашиот ум. Оставам другите да пресудат за Индија и мојот престој таму според она што досега го видоа кај мене.
Посетата на Тибет беше кулминација на мојот престој во Индија. Доколку пред неколку години го прашавте овој син на земјоделско семејство од Струмица дали би очекувал да стави свое стапало во оваа магична земја од документарните филмови и книги, тој најверојатно би Ве погледнал бледо, но со копнеж.
Не би Ве заморувал со приказни за надреалните пејсажи во Тибет, Будистички манастири и личности кои споделија благослов два со мене. Наместо тоа би Ве замолил да си ја замислите сликата на една античка култура и народ кој ете денес во 21 век е на работ на истребување и асимилација од Кина поради тоа што еден цел свет, опијанет од консумеризам го финансира својот дефицит од економскиот џин на оваа земја и се плаши „да не и прорече нешто.“
3. Од каде идеата за книгата? Кога може да се очекува да се понуди на читателите
Една од личностите која постхумно го земам за свој учител (гуру) во една прилика рече – Помини 3/4 од својот живот во истражување и живеење на она кое го имаш научено а 1/4 во раскажување. Човекот после Мостот претставува вовед во богатствата кои Индија ми ги отвори мене. И самиот сеуште ги живеам и експериментирам на себе со некои од постулатите кои ги открив таму. Понекогаш паѓам и почнувам одново. Нема проблем.
Иницијалниот ракопис на Човекот после Мостот е готова и сега сум во процес на барање на издавач овде кај нас. Веќе бев одбиен од Издавачка куќа Три под образложение дека тематиката не одговара со нивниот целен пазар. Процесот продолжува понатаму.
Втората книга веќе е во тек.
Ниту Тибет а ниту Човекот после Мостот немаше да биде онаква каква што е да не беше поддршката на моите патрони од Македонија и странство кои го финансираа овој мој потег. Моја неизмерна благодарност до нив.
4. Ти си претприемач и ментор за Lean Startup методологијата. Што значи ова? Која е клучната разлика во овој пристап?
Јас не станав претприемач преку ноќ. Беа потребни неколку години практика во корпоративни оддели во Индија за да сфатам дека ова е тоа што сакам да го работам.
Претприемништвото е еден од начините на кои решив да им пркосам на сегашните корпоративни практики кои се интензивно фокусирани на профит и негување на сопственото социјално тело. Јас сонувам и работам за изгрејсонцето на една поинаква ера.
Lean startup методологијата претставува еден феноменална филозофија и оспособувачки концепт за сите оние кои размислуваат за формирање на нов бизнис. Истата е агресивно научно базирана и не остава премногу простор за „чувство од стомакот.“
Мудроста на Lean или виткиот претприемач лежи во тоа што не ти дозволува да паднеш во највообичаената претприемачка стапица – Изгради, и тие ќе дојдат.
Неговата уметност лежи во повикот да постојано ги валидираш своите бизнис претпоставки на реален пазар пред да продолжиш со следната фаза од дефинирањето на твојот производ и услуга. Не би требало да не изненади многу што концептот потекнува од Тојота и претставува најдоброто нешто што му се случило на еден надежен претприемач на почетокот на овој милениум.
Дека работи концептот претставува доказ што и самиот религиозно го практикувам и тоа ми донесе seed инвестиција за StayUncle.com мојот стартап овде во Делхи од 35.000 Евра. Истата методологија ми помогна да приберам и средства за Патот до Тибет.
5. Каква е ситуацијата со претприемништвото во Индија? Можен ли е спој на трката по профит или материјалните вредности со нематеријалните/духовните вредности по што е позната и самата Источна култура?
Очите на Оксидентот се свртени кон Индија. Со исклучок на жештината, ова е прекрасно време да се биде овде. Една цела генерација на претприемачи засегнати од изобилството економски и социјални проблеми само што не расцутила во Делхи и пошироко.
Дека е можно да се спојат бизнис извонредноста на Западот со мудроста на Истокот претставува самиот факт што Стив Џобс беше редовен посетител на Индија, поминувајќи го своето време во ашрам кој се наоѓа на помалку од 200 километри од Делхи.
6. Кои се клучните фактори за успех во животот на еден човек? Што всушност претставува успех? Колку се важни креативноста и иновативноста за да се постигне успех?
Неговата способност да се биде сам и силен кога е тоа потребно. Неговата способност да твори повеќе од 12 часа на ден. Вербата во себе и во Големиот План. Способноста да не биде роб на својата креација и на резултатите кои ги очекува од неа.
Дефиницијата за тоа што претставува успех за тебе може да се смени неколку пати во еден животен век и тоа е сосема ОК. Мојата дефиниција за успех отсекогаш се косеше со онаа која преовладува во нашиве општества. Иновативноста е клучна и нешто за кое човека постојано се тренира. Креативноста е тоа што ме слезе од работ на балконот, во тој клучен момент пред неколку години.
7. Лична порака до најуспешните студенти во Македонија?
Според кои стандарди се успешни? Според личните или според оние наметнатите? Што е тоа успех? Дали сте успешни бидејќи можете да создадете нешто што можете да го допрете или видите? Дали имате создадено нешто друго освен диплома? Културниот инстинкт на нашава нација, оној длабоко закоравениот е да чекаме да бидеме избрани, селектирирани од компании, регрутери, жирија, и поради тоа страдаме. Дали и ти припаѓаш на таа категорија?
8. Што би сакал да споделиш за крај?
Comments are closed.