“Надвор, може за нијанса да е подобро, но, тука, ѐ многу поубаво!“
НАПАГ: Каков беше патот до успехот на Сеад Кочан? Кои беа клучните предизвици со кои се соочивте на тој пат?
Сеад Кочан: И покрај тоа што имав услови да живеам во Македонија и да работам во семејниот бизнис, кој беше основан од страна на мојот покоен татко г-нот Исмет Кочан уште во деведесеттите години на минатиот век, сепак, пред да го превземам раководењето на фирмата (кое се случи кога бев на приближно триесетгодишна возраст), одлучив да се преселам во странство и таму да се едуцирам и да стекнам нови искуства. Сепак, по доста долг период и многу патешествија поминати низ земјите од Западна Европа, во 2004 година, или непосредно по смртта на татко ми, се вратив дома и одлучив да останам тука, со намера да ја превземам менаџерската функција во Трансмет. Се разбира, тоа не беше случајно, бидејќи уште додека живеев во странство, при моите кратки посети во Македонија јас секогаш се вклучував во работата на фирмата, затоа што тоа многу ме интересираше и претставуваше посебен предизвик за мене. Всушност, љубовта кон бизнисот, кај мене се роди уште додека бев мал и одев на училиште, и тоа благодарејќи на начинот на размислување на мојот татко, кој за да можам да заминам на одмор ми велеше дека треба самиот да си заработам пари, преку ангажманот во фирмата. Така што, за да си го овозможам ова задоволство, секој распуст мораше прво да работам два месеци, што ми беше големо животно искуство кое многу ми користеше во понатамошниот живот, бидејќи за прв пат осетив какво е чувството кога придонесуваш за нешто, и дека и ти си алка и дел од еден систем кој се развива и расте.
Во тие моменти, компанијата беше мала и имаше околу 12 вработени плус оние кои работеа сезонски, за денеска вкупно да брои околу 500 вработени. Во однос на предизвиците не би можел да потенцирам еден или неколку, бидејќи уште од првиот ден се соочив со голем број предизвикувачки ситуации. Имено, со самото мое “влегување” во фирмата како прв човек во 2004 година започнав да воведувам нов дух, и нов систем на работа и организација, со кои наместо да доминираат подизведувачките ангажмани за поголемите компании и извршување работи кои тие не сакаа да ги изведуваат, решив самостојно да “излеземе” и да се бориме на пазарот. Се разбира, не беше воопшто лесно да се изгради кредибилитетот во очите на нашите клиенти, кои како прилично млад човек, требаше да ги убедам дека она што ќе го ветиме ќе го реализираме квалитетно и навремено. Дополнително, потребно беше успешно да се справиме и со реакциите на конкурентите, на кои, со нашето самостојно пазарно позиционирање им го нарушивме комфорот. Ова, и покрај тоа што не беше лесно да се постигне тука, сепак, можам да кажам дека не беше потешко во споредба со странство (дури би рекол дека таму е и потешко) бидејќи сепак тука сте дома, каде покрај конкурентите и опонентите, имате и пријатели и блиски луѓе, кои во многу случаи кога сте помислиле дека не сте ги убедиле да одлучат во Ваша корист, позитивно Ве изненадуваат, покажувајќи дека секогаш знаат да донесат мудра одлука. Во тој контекст би споменал една поговорка која гласи: „паметен човек може да се извади од секоја ситуација, мудриот човек не се доведува во таква ситуација“, која многу пати ми се потврдила во текот на мојот живот.
НАПАГ: Кои се Вашите најголеми успеси, на кои сте посебно горди и Ве прават да се чувствувате среќни и задоволни од самиот себе?
Сеад Кочан: Прилагодувањето и вклопувањето во оваа средина по моето враќање од странство го сметам за еден од најголемите лични успеси. Имено, јас сум созревал како личност, надвор од Македонија, при што луѓето од светот на бизнисот и пријателите на мојата фамилија само имаа слушано дека мојот татко има еден син, кој престојува во странство, така што на многу луѓе, моето враќање и превземање на раководната позиција во фирмата, им беше прилично чудно. Меѓутоа, јас во ниту еден момент не се покајав за оваа одлука и горд сум што, за само 10 години, успеав од компанија со 12 вработени да ја направам Трансмет респектибилна градежна фирма со 500 вработени.
Исто така, во изминатиот период успеав да изградам и лично препознатливо име, вклучувајќи се во општествените активности, од кои посебно би го издвоил мојот ангажман како потпретседател на Сојузот на стопански комори, каде што членуваат над 2000 компании коишто ми ја дале довербата да ги предводам во институционалните битки за изнаоѓање заеднички решенија, во интерес на сите. Тоа, за мене претставува голем успех, бидејќи убаво е чувството кога луѓето Ве гледаат со респект, при што и оние кои ја водат државата бараат да слушнат Ваше мислење за одредена проблематика, но истовремено ова е и огромна одговорност и бара секогаш да бидете одмерени во своите кажувања, од причина што секој Ваш збор се мери и има посебна тежина.
НАПАГ: Во кој правец планирате да се развивате во наредниот петгодишен период? Кои се Вашите клучни предности во однос на конкуренцијата?
Сеад Кочан: Во наредните пет години, со голема посветеност, како и многу чесна и пожртвувана работа очекувам Трансмет да стане лидер во секторот нискоградба, иако ниту во овој момент не заостануваме многу зад останатите водечки компании, и покрај тоа што некои од нив имаат можеби поголема механизација, повеќе кадар и сл. Нашата предност во однос на нив е тоа што ние во Трансмет, административните и останатите капацитети поврзани со инвестициите во развој на човечките ресурси, опрема и сл., ги градиме постепено согласно обемот на работа. За успешно работење на оваа една целина, потребна е првично тимска работа на амбициозни и позитивни луѓе кои го сакаат она што го работат и веруваат во она што го нудат, како и вклучување на истите во донесувањето на одлуки. Сето тоа ми дава многу поголема флексибилност при донесувањето на одлуките во секојдневното работење. При тоа, не можам, а да не ја споменам и мојата достапност и отвореност за директен контакт со било кој инвеститор, со што секој од нив има можност директно да разговара со првиот човек на фирмата.
НАПАГ: Кои се клучни фактори за успех во бизнисот и во животот воопшто? Колку е важна креативноста, иновативноста и останатите бизнис-вештини за ефективно лидерството?
Сеад Кочан: Ако сакате да имате успех на долг рок, во денешни времиња, или во услови на глобализација, кога светот и пазарот се отворија и никој не е незаменлив, мора пред сѐ да бидете чесни, бидејќи многу лесно и брзо се наоѓа замена за некој кој се однесува нечесно. При тоа, упорноста претставува уште една многу важна особина, која според мене секој човек треба да ја поседува за да биде успешен. Или, со други зборови кажано, дури и кога сите мислат дека нешто е невозможно да се направи, па и Вие почнувате да се сомневате дека тоа е возможно да се реализира, сепак треба, барем уште еднаш да пробате.
Поседувањето креативни, иновативни и останати бизнис-вештини поврзани со маркетингот, креирањето понуди, финансиите, сметководството, правното работење, проектниот менаџмент и сл., се многу важен предуслов за успешно водење на секој бизнис. Имено, за да бидете ефективен лидер, покрај тоа што треба да имате вродени предиспозции, мора многу да учите и да работите, поминувајќи ги сите позиции во една компанија. Ова можам да го потврдам и преку мојот личен пример, бидејќи во изминативе 10 години сум работел скоро сѐ во Трансмет (од инженер, раководител на објект, менаџер и сл.), при што имам солидни познавања и од сите претходно споменати аспекти на бизнисот, што ми овозможи да се доведам во ситуација да разговарам со иста терминологија и на исто ниво и со надзорот, и со инвеститорите, кои ме третираат како да сме колеги. Само на тој начин, доколку се разбирате меѓу себе, може преку разговор сите заедно да дојдете до иновативни решенија за постоечките проблеми.
Сепак, со ова не сакам да кажам дека јас лично сум оспособен стручно да изведувам и големи проекти, какви што ги имаме во моментов (пр: автопати, мостови, тунели и сл.), но тоа и не е потребно, бидејќи менаџирањето не значи дека треба да сте најпаметен и најстручен во сѐ и сешто, туку дека треба да имате способности да изградите стручен тим на луѓе, кои ќе може да Ве следат и ефективно да ги исполнуваат поставените задачи. За тоа да се постигне, мора да поседувате високо ниво на лична самодоверба, која се стекнува само преку постојано учење и надградба на своите знаења и вештини.
НАПАГ: Која е вашата лична порака до најуспешните студенти?
Сеад Кочан: Јас сум човек кој што бил во странство, и кој исто како и многу млади луѓе од Македонија верувал дека надвор е подобро. Но, од мое лично искуство, и од оваа перспектива погледнато Ви тврдам дека “надвор, може за нијанса да е подобро, но, тука, ѐ многу поубаво!“. Имено, точно е дека таму можете да си дозволите поголеми примања, или да илустрирам, таму можете да имате три банани на маса, а овде една, меѓутоа за тоа да го добиете треба да го жртвувате дружењето со најблиските луѓе, така што, јас просто се чудам како сум можел толку години да живеам надвор. Исто така, овде е многу подинамично, пораздвижено, постојано се случува и се учи нешто, за разлика од таму, каде нема што да се промени, или едноставно живеете како да сте ставени во калап. Така на пример, по мојата повторна посета (после 7-8 години) во местото каде престојував во странство, истите луѓе, живеат на исто место, возат исти коли, седат во иста кафеана, на иста маса, со истиот келнер и сл.. Едноставно, мене тоа не ми се допаѓа и ова овде ми е поубаво, бидејќи сум опкружен со свои луѓе, пријатели, фамилија. При тоа, не може никој да ме убеди дека во Македонија, за оној што сака да работи нема работа, и дека не може да се снајде и да успее. Или, ќе завршам со една моја поговорка која често ја споделувам: „тој што сака, ќе најде начин, тој што не сака, ќе најде причина.“
ЗА ТРАНСМЕТ.
Градежната компанијата Трансмет ДОО е основана во далечната 1992 година, со повеќе од 20 годишно искуство на македонскиот пазар и е една од водечките градежни компании во Македонија. Веднаш после почетната фаза, регистрација и организација на компанијата, следи инвестиција во сопствен возен парк, т.е. комплетна и современа механизација и каменолом. Со својата посветеност кон работата, компанијата брзо наоѓа свое место во општеството. Учествува во реализација на неколку значајни проекти со кои истовремено дава свој придонес и наметнува свои принципи во начинот на делување во областа на градежништвото во Република Македонија.
Со постојано вложување во најновата технологија, квалификуваниот кадар и отворена комуникација со купувачите и клиентите, понудата на производи и услуги е извонредна и претставува голема конкурентска предност. Како потврда за квалитетот на услугите кои ги нудиме како и посветеноста кон грижата за животната средина , ТРАНСМЕТ се здобива со меѓународните стандарди ISO 9001:2008, ISO 14001:2004 и OHSAS 18001:2007.
ТРАНСМЕТ постојано го развива својот опсег на услуги овозможувајќи им на своите клиенти квалитет и иновации во градбите според сите светски стандарди за што е и прогласена за македонски Супербренд.
Услуги со кои компанијата успешно се претставува на пазарите во земјата и регионот се: нискоградба; високоградба; хидроградба; транспортни услуги итн.
Comments are closed.