„Вложете ја вашата упорност, креативност, труд и амбициозност максимално во вашите идеи“
1. Кој е Кире Диманоски?
Кире Диманоски е релативно млад професионалец, роден 1983 година во Прилеп каде и го завршува своето основното образование и средното медицинско училиште на насока медицински техничар. Истовремено е член на РК Тут – Ком Прилеп каде со младинската екипа два пати го освојува националното првенство и постанува член на првиот тим на овој ракометен прволигаш. После средното образование во еден сплет на околности се запишува на Техничкиот Факултет во Битола на насоката Железнички сообраќај и транспорт каде и дипломира во 2007 година. Истата година се вработува во СУГС Владо Тасевски Скопје како наставник по група сообраќајни предмети се до декември 2010 година кога се вработува во Македонски Железници Транспорт АД Скопје како инженер технолог за железнички сообраќај. Во 2011 година магистрира на Економскиот Факултет во Прилеп на отсекот Менаџмент на бизнис администрација – Маркетинг менаџмент на тема: Маркетинг истражување на квалитетот на услуги во железничкиот патнички транспорт. Во 2012 година постанува Директор за Маркетинг и продажба и Член на Управен одбор на Македонски Железници Транспорт АД на која позиција е и ден денес. 2015 година е годината кога Кире Диманоски се здоби со титулата доктор на науки од областа на техничките науки за железнички сообраќај и транспорт, со што стана прв и единствен носител на ваква титула во Република Македонија. Во текот на професионалната активност има објавено 5 учебници за средно образование (насока: Транспорт и шпедиција) и 8 трудови во меѓународни научни списанија од кои еден во списание кое се наоѓа на престижната Thomson Reuters листа на научни списанија со определен импакт фактор. Член е на Здруженијата на сообраќајни инженери на Република Македонија, Република Србија и Република Хрватска но и Заменик претседател на Македонската Транспортна Асоцијација при Стопанската Комора на Република Македонија.
2. Кои се најтешките предизвици со кои се имате соочено во развојот на вашата кариера?
Во текот на кариерата постојат многу предизвици и секој за себе си има специфична тежина. Но гледајќи од денешна гледна точка на назад, фактички не постои тешка задача или предизвик, постои само доволна или недоволна ангажираност и успехот е гарантиран. Имено тешкотијата на предизвиците лежи во стравот од непознатото, неизоденото и од ниското ниво на самодоверба. Откако човек ќе изоди одреден пат полн со препреки и загатки после тоа таквите патишта се лесни. Додека пак повеќе изодени патишта создаваат доволно искуство за човек да биде самоуверен.
Затоа најголем предизвик е максималната ангажираност, работа, труд и самоувереност да се соберат на едно место, со надминување на овој предизвика сите идеи би биле остварливи.
3. Што би издвоиле како најголем ваш досегашен успех на кои сте посебно горди?
Според мене најголемите успеси на човекот се делата. Успехот не се мери по тоа на колку значајни или престижни функции човек бил, успехот се мери по делата кои ги остава зад себе. Верувам дека мој најголем успех се петте издадени учебници за средно техничко образование од веќе неколку години учениците учат страна на Министерството за образование и наука од кои учебници учениците учат веќе неколку години.
4. Според ваше мислење, кои се неколку клучни фактори за личен и кариерен успех?
Формулата за успех е следната: Успех = (вложеност + пожртвуваност + труд + амбициозност + самоиницијативност + самоувереност + креативност)N, каде N претставува добра мрежна организација која би ги мултиплицирала определените карактеристики на највисоко ниво. Таква организација е и НАПАГ која ги вмрежува најквалитетните студенти од Р. Македонија на едно место, но не само што ги вмрежува туку и ги унапредува.
5. Колку е важна креативноста и иновативноста за успех во кариерата?
Креативноста и иновативноста би рекол дека се зачинот без кој успехот би бил само блуткава каша на многу вложен труд, пот и саможртвуваност. Доколку овие два зачини изостануваат тогаш многу потешко квалитетот би бил препознат односно постои голема можност некоја квалитетна работа, квалитетен производ, квалитетна услуга или нечиј успех да останат незабележани.
6. Која е вашата визија за иднината? Каде се гледате за 5 години? Во кој правец треба да се движи развојот на Македонија во наредниот период?
Иднината е поврзана со она што го правиме денес, денешните активности директно ја детерминираат иднината. Сепак мојата визија е дека сите напори кои се вложуваат денес ќе дадат свој значаен плод како за граѓаните директно така и за општеството во целина, сето тоа проткаено со една нишка на почитување на професионализмот, работата, трудот и креативноста како основи за препознавање на квалитет. За пет години се надевам дека ќе бидам истиот јас само надограден со искуство и уште многу сработени проекти. Надограден и унапреден како на семејно поле така и на професионално.
7. Ваша лична директна порака до најуспешните македонски студенти.
Вложете ја вашата упорност, креативност, труд и амбициозност максимално во вашите идеи, истите развивајте ги и унапредувајте ги. Зацртајте ги вашите цели во иднината за тоа што сакате да постигнете и полека од денешната појдовна точка почнете да ја цртате трасата по која вашиот животен пат ќе се простира. Имајте во предвид дека ќе се соочите со низа препреки и предизвици но никогаш не очајувајте бидејќи тие ќе ве направат само појаки, поискусни и поиздржливи за соочување на следните препреки.
Comments are closed.