Срамежливоста и скромноста не се доблест! Напротив, колку сте поуверени и поупорни, поголема е веројатноста да успеете!
1. Која е Ева Михаиловска?
Ева Михаиловска е молекуларен биолог која моментално живее и работи во Виена, Австрија, а инаку има македонско и влашко потекло. Има завршено студии по молекуларна биологија и магистратура по генетика во Софија, Бугарија и Докторат по молекуларна биологија во Виена, Австрија, каде што моментално работи на својот постдокторат.
2. Кои се најтешките предизвици со кои се имате соочено во развојот на вашата кариера?
Целиот процес на докторски студии беше полн со предизвици на секојдневно ниво, вклучувајки планирање на научен труд, истржувачка работа, како и публицирање на научни трудови во интернационални научни списанија, но сепак најголемиот предизвик за мене е што се борев и успеав сама (со подршката на мојот сопруг) во туѓа држава.
3. Што би издвоиле како најголем ваш досегашен успех на кои сте посебно горди?
Фактот дека сите мои успеси се должат претежно на мојот сопствен труд. Горда сум што сум независна, борбена и упорна, и што успеав да станам Доктор на науки на 29 години во престижен Европски Универзитет, исто така што публицирав научни трудови на интернационално ниво. Се радувам што учествував на бројни интернационални конференции и состаноци, каде што ги презентирав и дискутирав моите постигнувања пред научници од светски познати истражувачки центри.
4. Според ваше мислење, кои се неколку клучни фактори за личен и кариерен успех?
Па би можела да набројам многу, како на пример силна мотивација, желба за постигнувања на секојдневно ниво, независност, креативност. Сепак би издвоила две без кои ниеден вистински успех не би бил можен: упорност и ефикасна макотрпна работа.
5. Колку е важна креативноста и иновативноста за успех во кариерата?
Да се биде научен работник не значи дека знаеш сé, напротив значи дека не знаеш речиси ништо и го истражуваш непознатото. Нема правила кои да се следат, туку со помош на литература, консултации, креативност и храбро експериментирање доаѓаш до нови отркритија. Секако дека креативноста, иновативноста и оригиналноста се клучни за успех.
6. Која е вашата визија за иднината? Каде се гледате за 5 години? Во кој правец треба да се движи развојот на Македонија во наредниот период?
Јас ја обожавам молекуларната биологија и правам сé возможно да останам во оваа област како научен работник. Мојата цел е да истражувам патологија на болести што ја зафаќаат човечката популација на молекуларно ниво. Што се однесува до развојот на Македонија, потребни се клучни промени на професионално ниво, вклучувајки темелна организација, подобро лидерство, засилување на дисциплината, но и мотивацијата на вработените, како и консултации со интернационална експертиза и надзор од истата. Испраќање млади кадри на обука во странство, на интернационални консултации и конференции (под интернационални не мислам само на соседната Бугарија и бивши Југословенски Републики) би имало голем придонес за развојот на Македонија.
Исто така луѓето би требало да сфатат дека не е важно што работиш и каква титула имаш, туку колку си добар во својата работа. Би требало да се инвестира и во професии во кои не се бара високо образование. Средната класа е движечка сила на една држава, а таа во Македонија е за жал многу бедна и запоставена. Според мене Македонија има доста неискористени запоставени ресурси, а за сметка на тоа се инвестира во високо образование.
Понатаму, имам впечаток дека целиот концепт на високото образование во Македонија е погрешен. Би требало да се зголемат можностите за студентите да работат за време на студии, едноставно за да стекнат работна навика. Голем број од студентите немаат никакво работно искуство, не волонтираат, не се интересираат, и се надеваат дека дипломата сама по себе им е виза за добра работна позиција. Волонтирање (барем 6 месеци) за време на студии би требало да биде задолжително, а таквите позиции би требало да бидат отворени и достапни.
7. Ваша лична директна порака до најуспешните македонски студенти.
Прво, ве поздравувам, вие сте реткост. Продолжете така, останете мотивирани, упорни и давајте сé од себе. Ако сте навистина добри, ќе успеете. Сфатете е дека е нормално да се почнува од нула. Еве со вас ќе го споделам мојот пример: мојата прва плата беше 1500денари во Бугарската Академија на Науките, каде што работев по 50 часа неделно.
Благодарение на тоа што го научив таму, се запишав на докторски студии во Виена. Сега работам како научен работник во престижен Европски институт.
Искрено ви препорачувам сами да превземате иницијатива за вашата иднина, патувајте и отворете си ги хоризонтите и што е многу важно: волонтирајте во странство! Така ќе научите од најдобрите, ќе се научите на професионалност, дисциплина и ќе стекнете нови знаења кои во иднина ќе ги примените во Македонија. Ако сакате да волонтирате, имајте предвид дека контактите се многу важни, затоа контактирајте ги работодавците дирекно, праќајте редовно апликации, побарајте помош од колеги, познаници или сограѓани во институтот каде што сакате да работите.
Постојано развивајте се, интересирајте се и посветете се на тоа што го работите, вклучувајте се во проекти, учете јазици, читајте интернационални научни списанија (ако немате достап, пратете емаил на авторите и побарајте копија, ќе се изненадите некогаш колку луѓето се радуват да помогнат).
И запомнете: срамежливоста и скромноста не се доблест! Напротив, колку сте поуверени и поупорни, поголема е веројатноста да успеете.
Comments are closed.