“Клучен фактор за успех во менаџирањето на бизнисот е поседувањето практично бизнис-искуство”
1.Каков беше патот на Александар Чадиковски до менаџерската позиција – директор на производство во една голема компанија како Идеал Шипка?
Мојата работна кариера ја започнав на Технолошко-металуршкиот факултет, по дипломирањето во 2000-та година, останав да работам како демонстратор во период од две години. Потоа, во 2002 година работев на проект во склоп на постдипломски студии во Љубљана, околу три/четири месеци во Центарот за експериментална механика. Проектот и покрај тоа што во целина погледнато не ги даде очекуваните резултати, сепак имаше извесен успех, но недостатокот на целосна лична сатисфакција не претставуваше доволна мотивација за мене да го продолжам мојот ангажман во наредните проектни активности. Од овие причини, повторно се вратив на Технолошкиот факултет, но само за кратко, бидејќи во 2002 година се пријавив на огласот за работа во Скопска Пивара каде бев примен и останав да работам цели единаесет години (до 2013 година), на позицијата раководител на производство на пиво, а од месец јуни 2013 сум вработен во Идеал Шипка, на менаџерската позиција – директор на производство. Инаку, сум технолог (насока органска хемиска технологија), a по вработувањето во Скопска Пивара магистрирав на насоката биотехнологија, во областа хемија на вкусовите на храната.
2.Кои се најтешките предизвици со коишто се имате соочено при извршувањето на вашите менаџерски задачи?
Бидејќи менаџирањето всушност означува управување со работата на други луѓе, според мене најважно, но истовремено и најтешко е добро да се проучи и да се познава психологијата на луѓето, особено при работа во тим. Менаџерот како лидер на тимот со кој раководи, треба да знае како функционираат сите членови на тимот и да подготви индивидуална стратегија за секој поединец, во насока на негова мотивираност за да го даде својот максимум во работата. Или, според мене, секој човек што има соодветни знаења и вештини за конкретното работно место може да работи, но начинот на кој вие ќе го мотивирате за да го извлечете најдобро од него, е всушност најголемиот предизвик со кој се соочува секој менаџер. За да го направиш тоа, кога си на висока менаџерска позиција, имаш на располагање голем број инструменти и алатки за мотивирање на вработените. Постигнувањето високо ниво на лична емоционална интелегенција, како и правилната проценка и подигнувањето на степенот на емоционална писменост на своите вработени е еден од најважните аспекти за ефективно и ефикасно извршување на секојдневните менаџерски задачи.
3.Кои се најголемите успеси во вашето менаџерско портфолио, на кои сте посебно горди?
Од претходното мое менаџерско искуство би ги потенцирал како најголеми успеси неколкуте проекти за развој на нови производи (иновации), кои под мое водство се покажаа како прилично успешни. Навистина добиваш голема лична сатисфакција и прекрасно ти е чувството, кога на крајот од денот ќе видиш дека новите производи, во чие креирање и производство ти си учествувал, и истите се твое дело, се прифатени на пазарот така што тие производи се консумираат од страна на потрошувачите кои се насекаде околу тебе.
4. Според ваше мислење, кои се клучни фактори за успешно да се води и менаџира еден бизнис?
Клучен фактор за да може успешно да се води и менаџира еден бизнис, според мене е поседувањето практично бизнис-искуство. Или, не дека е невозможно, но сепак далеку е потешко, веднаш по излегувањето од школските клупи (на 24-25 годишна возраст) да добиеш менаџерска позиција во било кој бизнис, независно од тоа дали станува збор за поголема компанија (со минимум 50 вработени) или пак фирма-поединец, со само еден или неколку вработени. При тоа, според мое мислење, искуството е многу важен фактор и за започнување сопствен мал бизнис, бидејќи тоа помага да се зголемат шансите за избегнување на радикалните почетни грешки, кои многу често се причина за згаснување на ново-основаните бизниси уште во првите години од формирањето. Всушност, и јас сум пример на личност со солидно менаџерско портфолио во големи македонски компании, кое не го стекнав “преку ноќ”, туку со постепено искачување на разните хиерархиски скалила, кое започна со учење на најосновните работи, па продолжи со понатамошно стекнување на искуство и вештини за управување со сите значајни бизнис процеси и релации во една фирма.
5. Колку се важни креативноста и иновативноста на вработените за успех во бизнисот?
Во било кој бизнис, независно од индустријата, мора од време на време да се воведува некоја иновација за да се одржи компанијата во живот и уште повеќе да доживува раст и развој. Во спротивно, оние фирми кои не воведуваат новини и иновативни производи и не ги следат трендовите, не применуваат иновативни методи за оптимизација на процесите и сл., доживуваат стагнација и не можат да опстанат на долг рок. Од таму, логички произлегува и заклучокот дека креативноста и иновативноста на сите вработени во фирмата се многу важни. Инженерскиот кадар кој работи во производство на храна може да биде креативен во делот на подобрување на квалитетот, нутритивните и сензорските својства на храната, бидејќи имаме строги правила и стандарди при производството на храна кои мора да ги почитуваме и со кои не смееме „да си играме“. За разлика од нас, вработените во сите останати сектори, а особено во секторот за маркетинг се креативни во друга насока, преку маркетинг истражувања треба да откријат што е тоа што се бара на пазарот, врз основа на што ќе предложат иновативни идеи за развој на нови производи, дизајни на пакувања, па дури и нови вкусови и сл., а ние во производство сето ова треба да го имплементираме. Всушност, тоа укажува на огромната важност на меѓусебната соработка на вработените од производство со оние во маркетинг секторот.
6. Која е Вашата лична порака до најуспешните студенти?
Вие сте тие кои во иднина ќе треба да работите во успешните македонски компании, при што особено вие, како најуспешни студенти не треба да размислувате песимистички и да губите надеж дека во Република Македонија тешко може да се најде работа, што и преку мојот пример се потврдува дека не е вистина. При тоа, како што споменав и претходно, не смеете да живеете во заблуда креирајќи си високи очекувања дека уште од првиот ден на работа, ќе бидете поставени на високи раководни позиции, само заради тоа што имате висок просек кои сте го стекнале за време на вашето студирање. Напротив, за да имате стабилен и одржлив раст на вашата професионална кариера, ви препорачувам да го следите и изодите оној „by the book“ или школски пат на раст и развој, почнувајќи од долу, па нагоре кон врвот, бидејќи само на тој начин ќе создадете цврсти темели кои подоцна тешко ќе можат да се срушат.
За да се креираат овие вредносни норми и во Република Македонија, потребна е многу поголема соработка помеѓу компаниите и универзитетите, при што факултетите треба да бидат реални и да ги насочуваат најдобрите студенти кон понатамошни постидпломски или докторски студии, само во случај на изразит интерес од нивна страна за сериозно занимавање со наука и научно-истражувачка дејност. За сите останати квалитетни поединци кои ќе се одлучат развојот на својата кариера да го прават во реалниот (бизнис) сектор, квалитетната едукација до ниво на додипломски студии е сосема доволна за да се влезе во практичниот свет на бизнисот.
Откако ќе се вработите, за својот личен развој многу поважни се искуството и бизнис-вештините кои се учат преку неформалното образование и присуството на кратки и практични работилници, отколку да се поседува тутула MSc или PhD. Дури после извесно време поминато во бизнис-секторот, откако ќе имате голем број информации собрани низ практичното учество во голем број реални студии на случај во конкретната проблематика, доколку имате интерес и желба, можете да ги искористите овие податоци за изработка и објава на научен труд во рамките на некои апликативни студии на втор и/или трет циклус. Всушност, ова беше и мојот клучен мотив за запишување на постдипломски студии.
ЗА ИДЕАЛ ШИПКА
Уште од нејзиното основање во 1997 година, млекарницата Идеал Шипка Битола стана пазарен лидер во производството на млеко и млечни производи. Како втора по големина млекарница на пазарот во Република Македонија, Идеал Шипка континуирано го продолжува својот развој, прошурување на дејностите и поставува пред себе предизвици и амбициозни деловни планови за понатамошен силен раст на производниот асортиман со врвен квалитет.
Од 2002 година Идеал Шипка започнува со производство и на ферментирани млечни производи (јогурт, кисело млеко и павлака) и свежо млеко, при што сите производи успеаа до ден денес да го задржат реномето и довербата што ја имаат кај потрошувачите.
Во 2007 година Идеал Шипка стана дел од најголемата млечна индустрија на светот Лакталис и ја презеде улогата на центар за развој и ширење на млечната индустрија на подрачјето во југоисточна Европа.
Денес македонските сирења и кашкавали произведени во млекарата Идеал Шипка се дел од понудата на над 200 оригинални производи на Президент, кои се пласираат на над 140 пазари низ светот – една од најпознатите глобални трговски марки и експерт во категоријата на сирења. Со тоа производите на Идеал Шипка не само што нема да изгубат од својата автентичност, квалитет и вкус, туку ќе добијат меѓународна препознатливост што ги отвора патиштата за пласман на европските пазари.
Comments are closed.